20-минутно решение - подобрете ги креативноста и расположението

20-минутно решение - подобрете ги креативноста и расположението

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали е можно да се смени лошото расположение со создавање уметност? За само 20 минути? Одговорот е „да!“

Самото ангажирање во креативни активности може да го зајакне менталното здравје. Истражување покажало дека околу половина (46 проценти) од Американците користат креативни активности за да се ослободат од стресот или анксиозноста, како што се свирење на пијано, танцување со пријателите или решавање крстозбори. Како да се постигне тоа?

Чекор 1: Размислете за вашиот креативен вентил

Некои уметнички форми навистина бараат поголема подготовка. Сликарот треба да ги исцеди оние туби со бои слични на паста за заби пред да почне да слика. Откако ќе заврши, мора да ја исчисти својата палета за неговите алатки да останат во добра состојба. Но, дури и сликар може да го измери својот резултат и да создава без да го зема предвид неуредниот дел од целиот процес. А самото започнување може да биде огромна пречка што треба да се надмине. Поентата е: нема изговори. Треба да создаваме.

Чекор 2: Размислете за вашиот резултат во краток рок од 10 минути

Д-р Питер Елбоу ја развил оваа практика за неговите студенти - десет минути пишување, без страв дека ќе бидат оценети, па им се дава на студентите слободна можност да пишуваат.

-Идејата е едноставно да се пишува десет минути (подоцна, можеби петнаесет или дваесет). Не застанувајте за ништо. Не застанувајте да погледнете наназад, да прецртате нешто, да се прашувате како да напишете нешто, да се прашувате кој збор или мисла да ја употребите или да размислувате за тоа што го правите. Ако не можете да смислите збор, само напишете: „Не можам да размислувам за тоа.“

Чекор 3: Измерете го вашиот резултат

Лесно е кога се работи за пишувањето. Едноставно го гледаме бројот на зборови, кој често се прикажува на екранот. Ако пишувате со рака, пак, можете да застанете и да ги броите зборовите. Но, можеме да го примениме и овој пристап на слободно пишување на други уметнички форми. За 10 минути:

-Колку простор од вашето платно можете да покриете со бои?
-Колку конци можете да употребите за шиење?
-Колку парчиња дрво можете да исечете?
-Колку од вашата градина можете да засеете или да искосите?
-Колку компири можете да излупите?
-Колку зборови можете да напишете?

Овој краток спринт обезбедува основна линија за да ви помогне да ги измерите времето и напорот потребни за работа на „вистински“ проекти. Точно, големите проекти, како пишување роман или сликање мурал - бараат многу часови. Но, ако знаете колку можете да направите за 10 минути, тоа ќе ви помогне да разберете колку време ќе ви треба за тој роман, на пример.

Градење на свеста за времето

Креативците понекогаш страдаат од временско слепило, што е постојана тешкотија во согледувањето и управувањето со времето. Се бориме со идејата да го процениме времето до завршувањето на проектот и често грубо го потценуваме тоа време, барајќи од себе да го издржиме стресот од претстојниот рок.

Ако можете да насликате половина од заднината на платното за 10 минути, тогаш знаете дека можете да ја завршите таа работа за 20 минути. Понекогаш, најтешкиот дел од креативниот процес - без оглед на формата на уметност - е започнувањето. Втората тешкотија е да се остане на задачата.

20-минутното решение, со својата конечна структура и фокус, обезбедува брз почеток на креативниот процес.

Дополнителна придобивка од создавањето уметност во која било форма е тоа што самиот процес го зголемува расположението. Позитивниот ефект може да се постигне за само 20 минути. Затоа, поставете го тајмерот и почнете.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik