Што ќе се случи со соларните панели кога нема да функционираат?

Што ќе се случи со соларните панели кога нема да функционираат?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Соларната енергија се соочува со навистина лош момент. Уште од почетокот на 21 век количината на соларни панели што се инсталирале низ целиот свет се зголемуваше експоненцијално и се очекуваше тој раст да продолжи со децении. До крајот на 2015 година во светот беа инсталирани околу 222 гигавати соларна енергија. Според неодамнешен извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија, овој број би можел да достигне 4.500 гигавати до 2050 година.

Но, моќта што ја генерираат соларните панели не трае вечно. Стандардниот животен век на индустријата е околу 25 до 30 години. Тоа значи дека некои од панелите инсталирани на почетокот не се далеку од пензионирање. Со секоја измината година сѐ повеќе и повеќе соларни панели ќе бидат повлечени од користење - стакло и метални фотоволтаични модули што ќе бидат додадени во милиони, а потоа и десетици милиони тони материјал.

- Не е далечен периодот кога тие ќе бидат повлечени. А тоа ни носи проблем со управувањето со отпадот. Со тоа, соларните панели ќе бидат проблем на кој наскоро ќе треба да почнеме да работиме - вели научникот Гарвин Хит од Националната лабораторија за обновлива енергија и експерт за соларна енергија.


Фото: www.iea.org/t&c.

Многумина сметаат дека дел од решението е рециклирањето. Но, дел од проблемот е што соларните панели се комплицирани за рециклирање. Тие се направени од многу материјали, некои опасни, и се составени со лепило и други материјали, па вистински предизвик е да се расклопат.

- Долговечноста на овие панели, начинот на кој тие се составени и како се тие направени прави да биде доста тешко да се расклопат - вели Марк Робардс, директор на специјални проекти за „И-си-ес рефајнинг“, една од најголемите компании за електронско рециклирање во Америка. Панелите се расклопени механички и се разложуваат со киселини за да се оддели кристалниот силикон, полуспроводничкиот материјал што го користат повеќето фотоволтаични производители. Се користат топлински системи за согорување на лепилата.

Робардс вели дека речиси 75 отсто од материјалот што се одделува се стакло, што е лесно да се рециклира во нови производи, но има многу ниска цена за препродажба. Како што технологијата на соларни панели се подобрува, така производителите полека наоѓаат начини за користење на компонентите што би имале вредност за рециклаторите, како што се бакарот и железото.

- Оваа основна стоковна вредност на овие работи продолжува да паѓа - вели Робард. Колку помала вредност може да биде рециклирана, толку постои помал мотив за рециклирање.

И покрај предизвиците, „И-си-ес рефајнинг“ го зголемува својот фотоволтаичен рециклирачки капацитет.

 - Ова е полупристојна област за раст во наредните неколку години, но ќе биде подобро околу 2020 година и во иднина - вели Робардс, предвидувајќи милиони метрички тони панели што ќе престанат да се употребуваат.

Додека нема постојан проток, на рециклаторите ќе им биде тешко да се фокусираат повеќе на нивниот бизнис на соларни панели. Но, за да се осигури дека се подготвени, соларната индустрија создава програми за обука на комерцијални компании за рециклирање.

Евелин Батлер, директор за кодови и стандарди во компанијата „Солар енерџи индустри асосиејшн“, вели дека работи со рециклатори за споделување податоци за тоа кои компоненти и материјали се обработуваат.

- Во прилично рана фаза на процесот сме, но се надеваме дека за 5 или 10 години ќе имаме податоци - вели Евелин.


Фото: First Solar


Некои фотоволтаични компании нудат рециклирање. „Фрст солар“, еден од најголемите фотоволтаични добавувачи, одамна нуди рециклирање за своите производи. Со текот на годините постепено се подобрува процесот.

- Нашата компанија има инсталирано над 100 милиони модули. Ќе бидат потребни 10 до 15 години за да им заврши животниот век. Како што поминува времето, цената на нашата технологија се намалува, а обемот на отпадот се зголемува - вели Сукхвант Рају, директор за операции за рециклирање во „Фрст солар“.

Долгорочната цел на компанија е да се осигури дека процесот е евтин и ефикасен за да се справи со очекуваниот бран на панели што повеќе нема да се употребуваат.

За да имаат подобри методи за рециклирање, панелите што ги дизајнира компанијата се погодни за рециклирање. 90 отсто од материјалот се стакло, а полуспроводникот во панелите може повторно да се употреби за нови панели или други производи од стакло.