Контејнерите што САД планираат да ги користат за складирање нуклеарен отпад може да кородираат

Контејнерите што САД планираат да ги користат за складирање нуклеарен отпад може да кородираат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Контејнерите што американската влада планира да ги користи за складирање опасен нуклеарен отпад под земја може да бидат поранливи на оштетување од водата отколку што се мислеше.

Во моментот милиони литри високорадиоактивен отпад од американската програма за нуклеарно оружје се чуваат во единици за привремено складирање низ целата земја. Планот на американската влада за трајно отстранување на овој материјал е да измеша радиоактивен материјал во стакло или керамика, да се запечати во канистри од не'рѓосувачки челик и да се закопа длабоко под земја. Таквата депонија за нуклеарен отпад може да биде изградена под планината Јука во Невада, но спротивставувањето на мештаните го блокира проектот.

Новите лабораториски експерименти откриваат уште една потенцијална опасност. Кога пакетот со нуклеарен отпад е изложен на подземните води, хемиските интеракции помеѓу канистерот од не'рѓосувачки челик и неговото стакло или керамичка содржина може да предизвикаат материјалите да кородираат малку побрзо од очекуваното, велат истражувачите. Таа корозија може да го изложи на отворено радиоактивниот отпад складиран во контејнерот.

sad
Фото: Flickr

Ксиолеи Гуо, научник за материјали на Државниот универзитет во Охајо, заедно со неговите колеги го открил овој проблем со притискање парчиња не'рѓосувачки челик со стакло или керамика и потопувајќи ги материјалите во раствор од солена вода, симулирајќи ја изложеноста на подземните води. Кога водата се влева во границата помеѓу не'рѓосувачки челик и керамика или стакло, челикот испушта железо и други компоненти што создале кисела средина на површината на металот. Таа киселост ги расипала керамиката или стаклото.

- Изложеноста на вода се смета за неизбежна - вели Вилијам Еберт, истражувач за нуклеарни материјали во Националната лабораторија „Аргон“ во Лемонт, Илиноис.

На крајот на краиштата, подземната депонија за нуклеарен отпад треба безбедно да го чува отпадот илјадници години. Но, Еберт предупредува дека потопувањето метал, стакло и керамика во солена вода во лабораторија е сосема различно од малите количини подземни води што се влеваат во челичниот канистер. Тоа значи дека не е целосно јасно колку новооткриениот процес на корозија би го загрозил закопаниот нуклеарен отпад.

Гуо и колегите анализираат и испитуваат материјали за обложување на внатрешноста на челичниот канистер што може да има улога на тампон помеѓу металните и керамичките или стаклените компоненти.