Најголемите епидемии и пандемии во светот во изминатите 100 години

Најголемите епидемии и пандемии во светот во изминатите 100 години

Пред да се појави новиот коронавирус, кој предизвика паника во светот, имаше и други епидемии во 21 век, но тие беа помалку смртоносни од пандемиите во минатиот век.

Епидемии во 21 век:

Ебола – 2013-2016 година


Смртоносната епидемија на ебола во Западна Африка ги однесе животите на повеќе од 11.300 луѓе главно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне од декември 2013 до 2016 година. Прво откриена во 1976 година, еболата е помалку заразна од другите вирусни заболувања, но има многу висока смртност, убива 40 отсто од болните. Вирусот повторно се појави во август 2018 година во Демократска Република Конго, каде што досега повеќе од 2.200 луѓе ги загубија животите.

МЕРС

Блискоисточен респираторен синдром – коронавирус (Middle East respiratory syndrome coronavirus, MERS-CoV) e вирусна респираторна инфекција која првпат е регистрирана во Саудиска Арабија во 2012 година.

Предизвикана е од коронавирусот кој е наречен MERS-CoV. Кај речиси 40 отсто од заболените болеста завршила со смртен исход. Се заразија лица од една до 99-годишна возраст. Починаа 862 лица. Две ги загубија животите од 9 до 12 јануари оваа година во Саудиска Арабија.

Свински грип – 2009-2010 година

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека 18.500 луѓе починале од свински грип или Х1Н1, кој првпат беше откриен во Мексико и во САД во март 2009 година. Сепак, списанието „Лансет“ проценува дека меѓу 151.700 и 575.400 луѓе починале.

Пандемија е прогласена на 11 јуни 2009 година, а откажана е на 10 август 2010 година. Последователно, се покажа дека вирусот не бил толку смртоносен како што се сметаше порано. Западот, конкретно Европа и СЗО беа критикувани за преувеличување додека меѓу 250.000 и 500.000 умираат секоја година од грип.

Тежок акутен респираторен синдром (САРС) 2002-2003

Тешкиот акутен респираторен синдром првпат се појави во Гуангдонг, Јужна Кина, во ноември 2002 година пред да предизвика здравствена криза во средината на 2003 година, главно во Азија. Болеста однесе животи на 774 лица, од кои 4/5 во Кина и во Хонг Конг. Вирусот се прошири од лилјак и зарази луѓе во околу 30 земји. Стапката на смртност е 9,5 отсто.

Птичји грип – 2003-2004 година

Смртоносниот вирус на птичји грип H5N1 уби повеќе од 400 луѓе, главно во Југоисточна Азија, откако се појави во 2003 година. Вирусот тргна од фарма за птици во Хонг Конг пред да се пренесе на луѓето. Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба.


Големи пандемии во 20 век:

СИДА – 1981 година до денес

Досега најсмртоносна епидемија. Според УНАИД, 32 милиони луѓе умреле од болеста која влијае врз имунолошкиот систем и ги става луѓето во поголем ризик од заразни заболувања. Денес, околу 24,5 милиони луѓе имаат пристап до антивирусни лекови што го запираат напредокот на болеста и го намалуваат ризикот од инфекција.

Грипот од Хонг Конг – 1968-1970 година

Од таа болест умреле околу еден милион луѓе, покажуваат податоците на Центарот за контрола и превенција на болести на САД. Се шири низ целиот свет од средината на 1968 година и почетокот на 1970 година. Жртвите се претежно деца. Тргнува од Хонг Конг и се шири во Азија. Достигна до САД кон крајот на 1968 година. На крајот на 1969 година стигна до Европа.

Азиски грип – 1957-1958 година


Околу 1,1 милион луѓе умираат од азискиот грип. Пандемијата е во два агресивни брана. Вирусот првпат се појави во Јужна Кина во февруари 1957 година. Неколку месеци подоцна САД и Европа беа погодени. Болеста, која предизвикува сериозни компликации на белите дробови, главно ги погодува постарите лица.

Шпански грип – 1918-1919 година

Шпанскиот грип опфати голем дел од светската популација на крајот од Првата светска војна. Педесет милиони луѓе ги загубија животите. Тој е најсмртоносен во историјата за толку краток период – од септември 1918 година до април 1919 година. Вирусот одзема животи петпати повеќе луѓе отколку самата војна. Првите жртви беа во САД пред да се рашири во Европа и во светот.

Извор: МИА