Поучен од својот трнлив пат до успехот, скопјанецот Дамир сега им помага на младите да ја најдат идеалната работа во странство
Подготвил:
Никола Петровски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Мојот прв „бизнис“ беше скришум. Имено, за време на еден летен распуст, мислам дека имав девет години, видов дека на продавачите на пазар им е топло и најдов начин да ги освежам продавајќи им ладни сокови. Од заработката си ги купив патиките што ги посакував, вели Дамир
Трнливиот пат што Дамир Бошњак го има поминато за да успее во кариерата му е мотив повеќе да им помогне на младите што се обидуваат да си го трасираат својот пат кон успехот. Верувајќи во тоа дека треба да се работи секаква работа за да се дојде до посакуваната позиција, скопјанецот Дамир успеал во хотелиерскиот бизнис. Поучен од неговиот успех, тој заедно со сопругата Елизабета, преку нивната компанија „Dream Big Hospitality“, посредува при наоѓање работа за млади луѓе во областа на туризмот и угостителството. Тие тоа го прават бесплатно, не им наплатуваат на оние на кои им наоѓаат работа.
- Заедно со сопругата решивме да го споиме нашето искуство и да отвориме компанија за консалтинг и посредување при вработување, специјализирана во областа на туризмот и угостителството. Ние им помагаме на кандидатите да ја пронајдат својата кариера, а воедно им одземаме од стресот на работодавците при наоѓање на вистинските кандидати, заштедувајќи им време и пари. Поради тоа, ние не наплаќаме за услугите кон кандидатите во ниеден дел од процесот на посредување за наоѓање работа. Сакаме да им помогнеме да ја најдат својата следна кариера и да станат следните директори и менаџери - вели Дамир.
Најмладиот на насловната страница на „Hotelier Middle East Magazine”
Триесет и четиригодишниот Дамир има поминато многу работни позиции и земји пред да стане успешен менаџер на хотел во Дубаи и најмлад на насловната страница на “Hotelier Middle East Magazine”. Тој е еден од ретките што си имаат заминато од Македонија и притоа успеал во својата професија, за потоа да се врати назад. Неговата мисија сега е да го спои совршениот кандидат со совршеното работно место.
- Името на компанијата е инспирирано од нашата приказна, затоа што почнав со паркирање автомобили за да станам генерален менаџер на хотел во Дубаи и најмладиот на насловна страница на „Hotelier Middle East Magazine”. Ние сме доказ дека со напорна работа и упорност, може да се успее. Тоа е пораката што сакам да им ја пренесам на денешните студенти и сите млади кои тукушто ја почнуваат својата кариера. И ние некогаш сме биле кандидати и знаеме какво е чувството да не знаеш од каде да почнеш, да нема кој да ти го даде вистинскиот совет и да не чуеш абер од ниту еден работодавец со месеци. Јас имав испратено над 250 апликации во рок од шест месеци пред да ја добијам првата работа во Блискиот Исток! - додава Дамир.
Од паркирање автомобили до успешен менаџер
Дамир е роден во Босна и Херцеговина, а кога имал само шест месеци, со родителите се преселиле во Скопје. Тој има дипломирано на Економскиот факултет. Уште од мал сфатил дека го бидува за бизнис и менаџирање, а од своите родители има научено дека нема срам од чесна работа, туку само треба да се биде транспарентен и искрен во своите намери.
- Мојот прв „бизнис“ беше скришум. Имено, за време на еден летен школски распуст, мислам дека имав девет години, видов дека на продавачите на пазар им е топло и најдов начин да ги освежам продавајќи им сокови. Од заработката си ги купив патиките што ги посакував. Секое лето подработував на различни места и не одбивав работа. Љубовта кон угостителството и туризмот ми се роди додека бев на пракса во Аспен, САД, каде што паркирав автомобили и го носев багажот на гостите во хотелите каде што работев. Секојдневната комуникација со гостите и фактот дека со добра услуга им причинуваме задоволство и насмевка на нивните лица, беа пресудни патот да ме наведе на нешто дијаметрално спротивно од тоа што студирав или мислев дека сакам да го работам - додава тој.
По стекнатиот успех се враќа во Македонија
Дамир и неговата сопруга се запознале пред десетина година додека работеле во Грција. Во меѓувреме ја добиле ќеркичката Сара, која е родена во Доха, каде што живееле од 2012 година. Економската ситуација кај нас и барањето некаква перспектива го натерале да си замине, но лани сепак решил да се врати во Македонија. Тој смета дека тука има голем интерес кај младите за работа надвор.
- Според последните податоци, околу сто и четириесет илјади, односно 6,3% од населението, од кои речиси 60% работоспособно население, се иселиле до 2019 г. Нашиот регион има огромен потенцијал и кандидатите што доаѓаат од нашите простори секогаш се посакувани од работодавците поради квалитетите кои ги поседуваат. Во моментов сме специјализирани за вработување во секторот за туризам и угостителство. Тоа што сме биле на местото на кандидати, од една страна, и на работодавци, од друга страна, нè разликува од другите. Сите грешки што ние ги правевме и сето она што го научивме во текот на годините можеме да им го пренесеме на младите и да ги советуваме од лично искуство - вели Дамир.
Фото: Приватна архива