„Вакцина-аранжмани“ - нов проект што го подготвуваат руските туристички агенции

„Вакцина-аранжмани“ - нов проект што го подготвуваат руските туристички агенции

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Туристичката индустрија во Русија подготвува нов проект наречен „вакцина-аранжмани“, а веќе постои интерес за овој вид медицински туризам во Азија и во Латинска Америка.

Развојот на програмата за специјални чартер-летови за групи од 100 и повеќе лица го потврди и рускиот весник „Известија“, како и руската туристичка агенција „Интурист“.

Според најмалку една туристичка агенција, постои голема побарувачка за ваква услуга во регионите на Југоисточна Азија и Латинска Америка. Сепак, треба да се решат многу правни прашања за да се почне со проектот. На пример, визите за Русија сè уште не се издаваат.

Дијалогот со властите веќе почна, а вирусолозите сметаат дека ваквите патувања се добра идеја бидејќи на тој начин Русија може да стане светски центар на медицински туризам.

Вакцинацијата на населението почна во повеќе од 50 земји во светот, но сепак има многу места каде што нема вакцина и не е познато кога ќе пристигне. Странските партнери имаат многу прашања во врска со организацијата на патувањата во Русија за вакцинација, велат од „Интуристи“.

Тие не го наведоа бројот на барања, но посочија дека најголем интерес покажува населението од Југоисточна и Јужна Азија, како и од Латинска Америка. Имаше барања и од Европа, но многу помалку. Од етички причини, компанијата одлучи да не зборува за кои земји станува збор.

Фактот што нема вакцина е главната причина зошто жителите на одредена земја сакаат да одат во Русија да се вакцинираат, посочува „Интурист“. Но, постојат и други причини, на пример, неможност за избор со која вакцина да се вакцинираат луѓето.

- Големиот интерес на партнерите и обичните странски граѓани за вакцинирање со руската вакцина зборува за големата доверба во нашата медицина - изјави генералниот директор на „Интурист“, Виктор Тополкарајев.

vakcina
Фото: Freepik

Подготовка на логистика

„Интурист“ се подготвува да одговори на новото барање со создавање програма за специјални чартер-летови со кои групи странци од 100 лица ќе летаат до Русија.

- Ја проучуваме логистиката за транспорт за испорака на странци заинтересирани за вакцинација, преговараме со медицински институции кои се подготвени да обезбедат вакцинација и обезбедуваме понатамошна висококвалитетна поддршка за организирани групи на странски државјани, работиме со хотелски објекти заинтересирани за долгорочно сместување за најмалку 25 ноќи за поминување на двете фази на вакцинација - рече Виктор Тополкарајев.

Од 1 јануари 2021 година Русија е отворена за влез на граѓани од повеќе од 50 земји. Тука спаѓаат Кина, Индија, Индонезија, Мексико, Малезија и многу други. Но, за да ја преминат границата, на странците им требаат електронски визи. Нивното издавање е суспендирано на неодредено време од март 2020 година. Во моментов само високо квалификувани експерти од други земји и нивните семејства имаат дозвола да влезат во Русија без виза.

Од 1 февруари Русија ги отвори своите граници за земјите од Евроазиската економска унија: Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан. Граѓаните од овие региони ќе можат да влезат во Русија преку териториите на Ерменија и Белорусија со негативен ковид-тест.

- Главната задача е точно да се знае дали има доволно дози на вакцина. Ако нема доволно за Русите, тогаш не може да станува збор за каква било вакцинација на туристи - велат извори за руските медиуми.

- Неопходно е да се утврди правниот статус на таквите туристи и можноста за вакцинирање странски државјани - објасни Виктор Тополкарајев.

Оваа идеја за „вакцина-аранжмани“ е прилично добра, смета Павле Волчков, раководител на лабораторијата за геномско инженерство при Институтот за физика и технологија во Москва. Според него, земјата во моментов произведува 1,5 милион дози на вакцина. Следниот месец нивниот број ќе се зголеми на 3 милиони, па дури и на 6 милиони.

- Ова е добар пат за развој. Би можеле да се обезбедат вакцини за сите Руси и да се извадат на светскиот пазар и да се обезбеди подготовка за оние што ќе дојдат во Русија со помош на компании кои ќе бидат вклучени во програмата за „вакцинален туризам“. Така Русија може да стане центар за вакцинација - вели тој.

- Во иднина туризмот веројатно ќе влијае и врз други медицински области - вели Волчков.

Теренската вакцинација нема да биде минлив тренд што ќе се заборави по неколку месеци. „Интурист“ верува дека услугата ќе се бара долго време.

- Тоа ќе биде така затоа што дејството на вакцината е привремено. За да се спречи болеста, ќе треба да се повтори постапката - посочуваат од „Интурист“.

Русија не е единствената земја за која странците покажуваат интерес за вакцината против Ковид-19. Во декември англиските медиуми објавија дека некои индиски туристички агенции добиле барање од туристите да патуваат во Велика Британија за вакцинација. Најмалку една компанија, „Из нај трип“, планира да почне со продажба на тридневни тури за богатите Индијци.

Во јануари 2021 година се појавија соопштенија дека Флорида добива барања од странците за да се вакцинираат таму, со оглед на тоа што Флорида е една од првите американски земји што почнаа со вакцинација. Најмалку еден жител на Аргентина успеал да преговара со локалните власти и да ја донесе својата 80-годишна мајка на вакцинација.

Извор: Sputniknews.com
Фото: Freepik