Тетовци го направија софтверот за нарачка на американскиот сервис „Папа Џонс пица“
Подготвил:
Александар Самарџиев, наш дописник од Тетово
Лектор:
Ивана Кузманоска
Низ целиот свет се користат софтвери смислени во Технолошкиот парк при УЈИЕ во Тетово. Тука се основале и развиле 27 фирми кои веќе самостојно извршуваат дејност и вработуваат 138 лица
Во моментов додека го читате овој текст голем број луѓе низ целиот свет нарачуваат пица од американскиот сервис „Папа Џонс пица“ (Papa John’s Pizza). На нивните паметни телефони можат да следат до каде е и кога ќе пристигне нарачката благодарение на млади информатичари од Тетово. Токму тие го имаат направено компјутерскиот софтвер за ГПС-системот кој служи за нарачка на пица преку интернет.
Технолошкиот парк на УЈИЕ
Смислен е во Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ), односно во една од стартап-фирмите што функционираат во рамките на Технолошкиот парк. Фирмата се вика Develosity, а информатичарите успеале да создадат и да продадат професионален софтвер за сервиси на сите три платформи - интернет, Андроид и ИОС. Така дури милиони клиенти од 5.303 локации на сервисот „Папа Џонс пица“ добиваат пица нарачана преку софтверот осмислен од млади лица што работат во младата тетовска компанија.
- Кога се нарачува пица преку нивниот систем може да се користи опцијата Track (следи) до каде е доставата. Може да се гледа во живо до каде е и да се менаџира времето. ГПС-системот што е поставен на нивните возила и ги следи е на компанијата што ја поддржуваме - вели Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор во Технолошкиот парк.
Младите добиваат инфраструктура во УЈИЕ, како канцеларии, правна помош, советување, менторство, обуки
Најголем дел од дејностите на компаниите во рамките на Технолошкиот парк се во областа на информатичката технологија. Се нудат разни услуги и дигитални производи.
- На пример, Escriba работи на процесирање на документи со вештачка интелигенција, каде што треба да се прегледаат и потпишат документи од повеќе луѓе во една фирма. Нудат софтвер што врз база на технологија со вештачка интелигенција го поедноставува системот. Го олеснува процесот на скенирање документи, преземање податоци и преземање акција. Софтверот, пак, на Marseco за одделите за човекови ресурси им помага во селекција на пријавените кандидати за работа. Ги скенира биографиите и мотивациските писма и му дава сугестија на менаџерот, функционира како филтер да не биде мануелно. Софтверот така помага во детекцијата на подобри кандидати. HotelKey е во процес на изработка на софтвер за електронски досиеја за оние што престојуваат во старски домови. Така се евидентира историја на болести, секој даден и примен лек, а освен службата и семејството, следи дали пациентот примил лекови, нега или друг вид медицинска услуга и третман - објаснува Рафајловски.
Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор во Технолошкиот парк
Технолошкиот парк при Универзитетот почна да функционира во мај 2013 година. Целта е да им помага на студентите во нивните намери да основаат технолошко-иновативни компании и стартап-фирми. За да основаат фирми, добиваат инфраструктура во УЈИЕ, како канцеларии, правна помош, советување, менторство, обуки. На тој начин Технолошкиот парк ги стимулира овдешните млади лица да почнат бизнис и да ги нудат услугите насекаде низ светот.
- Целта е да се поттикнуваат иновации, претприемништво и развој на нови технологии во економијата. Фокусирани бевме на студентите, но со текот на годините почнавме да даваме поддршка на национално ниво, на студенти, но и на други луѓе од сите градови. Главна одлика на сите овие фирми е што работат во Македонија, ама за странство. Имаат клиенти насекаде низ светот и создаваат заработка и приходи за нивните компании и младите вработени кај нив - вели Рафајловски.
Досега со помош на Технолошкиот парк се основале и развиле 27 фирми што веќе самостојно извршуваат дејност надвор од Универзитетот како приватни компании. Се бележат 138 нови работни места во нив. Во моментот во рамките на Технолошкиот парк, врз основа на разна поддршка, постојат и се развиваат 13 компании. За дел од нив помошта е во развојот, наоѓањето инвеститори со чија помош се прошириле дејноста и вработувањата.
- Неодамна една од компаниите што се поддржани од Технолошкиот парк, Kiimo, која работи на софтвер за достава на мали пратки, доби инвестиција од 50.000 евра од Fil Rouge Capital - Хрватска за доразвивање на нејзиното решение. Имаме и две уникатни опции за развој што ги нема никаде во Македонија. Тоа се консултации за интелектуална сопственост за стартап-фирми, како и вреднување на стартап-бизнис. Освен тоа, пристапот до финансии, како наоѓањето инвеститори, сега веќе го надградуваме, односно веќе сме на пат самите, како Технолошки парк, да финансираме надежни бизниси (стартапи) - потенцира Рафајловски.
Следните фази на развој во Технолошкиот парк ги гледаат во регионалната соработка со земјите од опкружувањето, во поглед на заеднички потфати, вложувања и програми, како и зголемена соработка со корпоративниот сектор во Македонија, а очекуваат да соработуваат во имплементирање иновациони системи во нивните секојдневни процеси.