Ученици се жалат дека професори даваат ненадејни тестови. Педагозите советуваат дека тоа е најнеприменлив начин на онлајн-оценување

Ученици се жалат дека професори даваат ненадејни тестови. Педагозите советуваат дека тоа е најнеприменлив начин на онлајн-оценување

Подготвил: Жанета Здравкоска

Лектор: Ивана Кузманоска

И педагозите и психолозите се сложуваат дека најнеприменлив начин на оценување се ненајавените тестови

Што е важно кога ќе ви дадам писмена или ќе испрашувам, треба да сте подготвени за секој час! Ученици сведочат дека професори по одредени предмети вака им одговарале на поставените прашања кога ќе има испитување за оценка. Исплашени дека учениците на онлајн-настава ќе препишуваат ако им го откријат датумот на тестот, професори им велеле дека ќе им даваат ненајавени писмени работи или ненајавено ќе испрашуваат. На ова се пожалија ученици од некои битолски, прилепски, велешки и други училишта.

Поради ненајавени оценувања, на ден по две писмени или и писмена и испрашувања

- Во редовната настава имавме воспоставена практика секој професор да си зафати еден ден за писмена и да го најави датумот. Сега се случува по две писмени да правиме на ден, а некои не ги ни најавуваат писмените работи или испрашувањата. Точно е дека треба редовно да се учи, но тешко е да се биде во топ-форма по сите предмети на ден - вели ученичката Софија Н. од Битола.

Слично искуство имале ученици од Велес кои велат дека одредени професори им давале ненадејно тестови во траење од 15 минути, за да немаат можност и време за препишување.

- Оној што не научил нема да може да се снајде со препишување за толку кратко време, но овој временски период е кус и за одличните ученици. Нема доволно време да се размисли, да се направи проверка. Ова ни предизвикува дополнителен стрес - реагираат група на ученици од Велес.

Средношколци од Прилеп раскажуваат дека иако не завршила тематската единица по одреден предмет, професорот на час за кој сметале дека ќе предава ги испрашувал за оценка.

- Истиот ден имавме и тест по друг премет и поголемиот дел од учениците не беа добро подготвени за испитување. Оценките ќе се поправат, но проблем е стресот што го минуваме во услови кога секојдневно сме бомбардирани со информации дека болеста во нашиот град зема сѐ поголем замав - велат учениците Стефан Н. и Мила С. од Прилеп.



Ова не е секаде педагошка практика. Има училишта каде што тестовите и испрашувањата се најавуваат, а одредени професори држат дополнителни онлајн-часови за дообјаснување на лекциите, како и за оценување зашто редовните часови од 35 минути не им се доволни, а не сакаат тестови.

„Не“ за ненадејни тестови, испрашувајте усно, советуваат искусни наставници

Наставниците што ги консултиравме апелираат во онлајн-наставата да нема ненадејни тестови, а наставниците и професорите за да бидат уверени дека ученикот знае, да го применуваат усното испрашување.
- Одговорот дали да бидат најавувани оценувањата е потврден. Досегашната практика со учењето на далечина ми покажала дека усните одговори на учениците се најобјективни во однос на дигиталните тестови кои во одредени ситуации провоцираат предизвик да се користат и други „извори“ кои ќе им послужат на учениците да дојдат до посакуваната оценка - вели наставничката Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманди“ од Битола, која пред три години беше меѓу најдобрите просветни работници во Македонија.

И педагозите се сложуваат дека најнеприменлив начин на оценување се ненајавените тестови.

- Најдобар модел на испрашување се најавените тестови од страна на професорите, како и усните испрашувања. Практика во нашето училиште е тоа да не биде ненајавено дури и за време на наставата со физичко присуство. Исто така, добар и применлив метод на испрашување се и кратките презентации кои учениците треба да ги подготват и да ги образложат. Најнеприменлив начин на оценување секако би се ненајавени тестови дури и кога условите за настава би биле нормални - вели Анета Ристевска, педагог во Eкономското училиште „Јане Сандански“ од Битола.

Наставникот да биде поддржувач, а не дополнителна пречка

Според доц. д-р Горица Поповска-Налевска, доктор на педагошки науки, професор на Меѓународниот славјански универзитет, содржините што наставниците ги поучуваат и вреднуваат треба да бидат насочени кон она што е важно и применливо, а не кон споредни детали или факти.

- Оценувањето не се врши само врз основа на наученото од книгата, туку и врз основа на севкупната работа и однесување на ученикот во наставата. Оценката на ученикот ги опфаќа квантитетот на знаењата, умеењата и навиките, нивниот квалитет, функционалната развиеност и оспособеност за интелектуална работа, како и воспитните карактеристики - вели Поповска-Налевска.


Доц. д-р Горица Поповска-Налевска

Таа додава дека во учењето на далечина треба да се применува и оценување на пишани трудови (есејски прашања, проекти, истражувања, презентации, тестови, контролни вежби).

- Обемната наставна содржина, малиот фонд на часови за повторување на материјалот и краткиот рок даден за учење, зачинет со притисокот за добивање одлична оценка, се совршен рецепт за развој на стресот и анксиозноста кај учениците. Токму затоа во период на пандемија, која влијае врз психолошкото здравје, оценувањето треба да биде пофлексибилно, а наставниците треба да ги приспособат техниките и начините на оценување на индивидуалните разлики кај учениците. Некои чувствуваат поголема трема при усното испрашување и не можат елоквентно да се изразат усно како што тоа би го направиле писмено, а некои, пак, чувствуваат поголема слобода изразувајќи се усно - напоменува професорката.

Додава дека наставникот/професорот не знае низ какви можни стресови поминува ученикот дома затоа треба да биде поддржувач, а не дополнителна пречка. За да се намалат негативните последици од процесот на оценување, според неа, неопходни се три фактори. Првиот е објективноста на оценките која се обезбедува со доследно почитување на однапред изготвените критериуми. Вториот е непристрасно/правично оценување кога врз оценката не треба да влијаат други фактори. На пример, сите ученици немаат еднакво добри електронски уреди, па задачите за сумативно оценување не треба да им даваат предност на тие со подобри уреди. Третиот е веродостојност на оценката ќе се обезбеди доколку се задаваат автентични задачи што ја отежнуваат можноста за наоѓање готови одговори во наставните материјали, а треба да се обезбеди контрола на времето за решавање.

Царовска: Оценувањето да се договора во дијалог меѓу наставниците и учениците

Министерката за образование Мила Царовска смета дека начинот на оценување треба да го одредат наставниците и учениците преку дијалог.

- Поттикнувам и писмените, и испрашувањата, и заокружувањето на оценките да бидат во одреден дијалог, особено поради тоа што имаме учење од далечина кое првпат оваа година го имаме во практика. Но, важно е да се почитуваат и учениците и наставниците, а директорите да поттикнуваат една таква атмосфера помеѓу нив за да имаме квалитетна настава - рече Царовска.