Кина стави во функција напреден шпионски дрон со радарски домет од 500 километри

Кина стави во функција напреден шпионски дрон со радарски домет од 500 километри

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кина го стави во функција својот најнапреден извидувачки дрон со долг дострел „Даблју-зи-9 Дивајн игл“ во Јужното Кинеско Море, што значително ги зајакнува нејзините способности за надзор во регионот.

Сателитски снимки го потврдија присуството на дронот на воздухопловната база Ледонг на островот Хајнан, стратешка локација што ѝ овозможува на Кина поголема контрола врз поморските територии.

Овој потег претставува сериозен предизвик за воздушната надмоќ на САД бидејќи „Даблју-зи-9“ е специјално дизајниран за следење и неутрализирање на радарски невидливата технологија.

Стратешките импликации од распоредувањето на „Даблју-зи-9“


Со оперативна база на островот Хајнан, овие дронови можат постојано да вршат надзор врз огромни морски области, следејќи воени движења и разузнавачки активности во Тајванскиот Теснец, Пацификот и спорните зони по должината на кинеските граници.

1

„Даблју-зи-9“ е опремен со софистициран радарски систем кој може да открива напредни авиони со радарски невидлива технологија како што се американските „Ф-35 лајтнинг II“, „Ф-22 Раптор“ и идниот „Б-21 бомбардер“.

За разлика од традиционалните извидувачки дронови, „Дивајн игл“ има капацитети за собирање разузнавачки податоци и откривање летала со радарски невидлива технологија, што значително ја засилува кинеската воена моќ. Неговата способност во реално време да ги следи американските носачи на авиони и воени бродови ѝ дава на Кина предност во брзото реагирање на регионалните настани.

Како реагираат САД и сојузниците?

Распоредувањето на „Даблју-зи-9“ во Јужното Кинеско Море предизвика загриженост во Пентагон, кој најверојатно ќе ги забрза контрамерките против новите кинески технологии.

Ова може да вклучи напредок во електронското војување, вештачката интелигенција за подобрена радарски невидлива технологија и зголемено сателитско извидување.

Способноста на „Даблју-зи-9“ да ги следи американските авиони со радарски невидлива технологија би можела да го натера Вашингтон да ја зајакне својата технологија за избегнување на радарите и да ги подобри разузнавачките операции во реално време.

Со својата напредна технологија и долгиот оперативен дострел, „Дивајн игл“ ќе има клучна улога во воената стратегија на Пекинг во годините што доаѓаат.