Вкусување храна во метаверзумот? Со „е-тејст“ и тоа е можно

Вкусување храна во метаверзумот? Со „е-тејст“ и тоа е можно

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците од Државниот универзитет во Охајо развија иновативна технологија која може да го промени начинот на кој ја доживуваме виртуелната реалност. 

Нивниот нов уред наречен „e-тејст“ им овозможува на корисниците да вкусат храна и пијалаци во виртуелна средина, додавајќи нова димензија на извонредното искуство. Системот се состои од два клучни дела: орален интерфејс и мала електромагнетна пумпа. Уредот користи сензори за да препознае молекули кои ги претставуваат петте основни вкуса: слатко, кисело, солено, горчливо и умами (карактеристичен за супи и варено месо/солен вкус). Кога ќе се детектира вкусот, податоците се испраќаат безжично до далечински уред кој го реплицира тој вкус.

Истражувачите спровеле теренски тестови кои ја потврдиле способноста на уредот дигитално да симулира различни интензитети на вкус. Во еден експеримент учесниците можеле да разликуваат различни интензитети на киселост со точност од околу 70 отсто. Дополнителните тестирања покажале дека далечинското дегустирање може да се активира дури и на долги растојанија, на пример, од Калифорнија до Охајо. Испитаниците се обиделе да идентификуваат пет различни опции за храна, вклучувајќи лимонада, торта, пржени јајца, супа од риба и кафе.

Ново ниво на реализам


Постојат многу потенцијални примени на оваа технологија, претставени во списанието „Сајенс адвансес“: Тие велат дека „е-тејст“ или е-вкусот може да додаде ново ниво на реализам на игрите за виртуелна реалност, со што ќе го подобри искуството со игрите, но и ќе помогне подобро да се разбере како мозокот ги обработува сензорните сигнали од устата. Понатаму, системот може да биде корисен за лицата со попреченост, вклучително и оние со трауматски повреди на мозокот или губење на вкусот поради долгорочен ковид-19.

Иако технологијата е сè уште во раните фази на развој, „е-тејст“ може да овозможи значаен чекор кон интегрирање на вкусот во метаверзумот.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik