Македонските биолози видоа како античките Римјани ги користеле растенијата за лекување

Македонските биолози видоа како античките Римјани ги користеле растенијата за лекување

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Неверојатно е како успеале да ги зачуваат старите алатки што се користеле за правење лекови и отрови, вели проф. д-р Рената Ќуштеревска

Група професори и студенти од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје пред еден месец беа на студентско патување во Рим, во рамките на проектот CANTIERE E.S.T. (употреба на растенијата и размена на традиции). Проектот е финансиран од општина Рим, преку италијанската амбасада во Скопје. Тие се вратија пред да почне ескалацијата со коронавирусот во нашата земја. Иако биле во делот на Италија кој не е епицентар на заразата, сепак, по враќањето сите поминале две недели во доброволна самоизолација.

При посетата на Ботаничката градина

Преку доживувањето на професорката Рената Ќуштеревска, нејзините колеги Билјана Миова и Оливер Тушевски и студентите Цветанка, Сара, Елена, Марија, Николета и Бисера ви го пренесуваме нивното искуство.

Патувањето почна на 20 февруари. Уште на почетокот се чувствуваше необичноста на градот, традицијата, историјата, културата... Интересната архитектура оптимално го откриваше она што треба да се види, но за да се разбере, неопходно е да се слушне историјата. Секој камен има своја вредност и Италијанците на многу интересен начин, со многу жар и восхит успеваат да ја доловат. Ноќта ни ја долови романтичната убавина на Рим и тогаш почнавме да разбираме зошто се вели дека некој што го нема видено Рим тешко може да поверува колку може да биде убав животот.

На Универзитетот „Сапиенца“

Го посетивме римскиот универзитет „Сапиенца“, кој е еден од најстарите универзитети во Европа. Во одделението за фармацевтска хемија и технологија имавме можност да се запознаеме со лабораториите и актуелните истражувања од оваа област. Шетајќи низ универзитетскиот кампус, забележавме студенти од целиот свет. Покрај образовниот процес, студентите имаат културни и социјални активности кои се поддржани од факултетот и опфаќаат уметност, музика, спорт итн. Во рамките на Биолошкиот факултет се наоѓа ботаничка градина која се користи за изведување различни експерименти од областа на ботаниката. Денот заврши со кратка прошетка кај Колосеумот, кој на зајдисонцето како да сакаше да ни ја раскаже својата приказна за гладијаторските борби. Не случајно Колосеумот е едно од седумте чуда на новиот свет.

Во гратчето Колепардо

Имавме авантуристичко патување во едно малечко, но многу уникатно гратче - Колепардо, оддалечено околу 70 километри од Рим. На краткиот терен имавме можност да ги видиме ранопролетните растенија кои срамежливо ги покажуваа декоративните цветови. Водичот ни раскажуваше приказни за нивното искористување во исхраната и традиционалната медицина. Во манастирскиот комплекс Certosa di Trisulti имавме можност да видиме како изгледале почетоците на искористување на растенијата за лекување. Неверојатно е како успеале да ги зачуваат старите алатки што се користеле за правење лекови и отрови.

Во фабриката „Сарандреа“

Во Националниот музеј во Колепардо, покрај био и геодиверзитетот, видовме и како еволуирале направите за дестилација и екстракција на секундарните метаболити од растенијата низ историјата. Ја посетивме и Сарандреа, фабрика која традиционално повеќе од 100 години се занимава со изработка на природни напивки и различни козметички препарати од растенија. Покрај исполнетата агенда, секој слободен момент максимално го искористивме за посета на најпознатите знаменитости на Рим.


Во античката болница Santo Spirido

Нашето студиско патување продолжи со посетата на античката болница Santo Spirido (Светиот Дух), која е најстарата болница во Европа. Се градела во периодот од 689 до 726 година во функција на школа, а на почеток од 11 век прераснала во болница каде што биле згрижувани напуштените бебиња. Изложените медицински инструменти, нацрти, черепи и сл. ни ги откриваа почетоците на современата медицина и анатомија.
Во Школата за уметности и занаетчиство „Наука и технологија“ имавме лабораториска настава каде што имавме можност да направиме козметички препарати и сирупи од природни состојки.


Американската академија во Рим

При посетата на Американската академија во Рим влеговме во еден неверојатен свет во кој луѓето можат да си го најдат своето духовно катче за творење. Преубавиот двор, библиотеката, урбаната градина која дава продукти што ги искористуваат во заедничко подготвување на оброците, го дополнуваа шармот на тој свет. Во оваа институција имавме чувство дека луѓето можат да ја пронајдат својата комфорна зона, уживајќи во тоа што го работат.

Sante Spirido

Во Ботаничката градина во Рим, иако беше во период кога вегетацијата сѐ уште не е разбудена, имаше што да се види. Уникатните палми, медитеранските дрвја, бамбусите, јапонската градина - сите тие елементи даваат преубава слика која тешко би се избришала од нашите сеќавања. Ја посетивме и античката аптека Santa Maria della Scala, која е наречена по истоимениот манастир. Во оваа аптека имавме можност да влеземе во еден далечен, антички свет. Ѕидовите беа покриени со прилози со флорални елементи, мебел од дрво, оригинални инструменти за мерење лекови. Во еден агол, во голем мермерен сад, се наоѓаше териака (teriaca), кој претставува лек користен уште во римско време. За изработката на териаката имало официјална церемонија која била изведувана сѐ до периодот на ренесансата.



Иако останаа многу нешта што не ги откривме, искуството што го добивме посетувајќи ги сите тие институции низ Рим, запознавањето нови луѓе, размената на културите и традициите е нешто што има непроценлива вредност. Сега може да се разбере зошто Виа Егнатиа водела таму... omnes viae ducunt Romam. Со нетрпение ги очекуваме колегите од Рим да ни ја возвратат посетата за да им го споделиме нашето знаење и искуство во употребата на лековитите растенија во секојдневието на човекот.