На која возраст сме најсреќни?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Потрагата по среќа е доживотна цел. Без разлика од каде доаѓаме, со што се занимаваме или кои сме, чувството на среќа е универзална човечка желба.
Секојдневниот живот добива вистинска смисла кога е исполнет со моменти на задоволство. Тие се клучни за одржување на мотивацијата. Бидејќи среќата е темел на доброто ментално здравје, научници решија да истражат во кој животен период луѓето се најисполнети и најсреќни. Резултатите може да ве изненадат.
Кога сме најзадоволни од животот?
За да одговорат на ова прашање, германски и швајцарски истражувачи спровеле големо истражување со повеќе од 460.000 учесници од различни земји и култури. Наодите беа објавени во научното списание „Сајколоџикал булетин“.
Нивниот заклучок? Луѓето се најсреќни на 70-годишна возраст. Според истражувањето, задоволството од животот паѓа помеѓу 9 и 16 години, потоа постепено расте и го достигнува својот врв околу 70-тата година, а потоа повторно опаѓа сè до 96 години, што воедно била и највисоката возраст опфатена со истражувањето.
Во седмата деценија од животот луѓето помалку се грижат за кариерата или материјалните прашања и имаат повеќе време за себе и за своите најблиски. Помудри и поискусни, свесни се дека најтешките и најстресните животни фази се зад нив, а сè што следува може да биде само посмирено и побогато со значајни моменти.
Чувството на постигнување и животното искуство помагаат во ослободувањето од стресот и овозможуваат вистинска среќа.
Дали ова навистина е врвот на среќата?
Сепак, научниците не се едногласни околу тоа кога точно сме најсреќни. Истражување спроведено од Лондонската школа за економија покажува дека луѓето доживуваат врв на среќата на 23 години бидејќи токму тогаш младите се најоптимистични и полни со надеж за иднината.
Од друга страна, истражување на „Харвард“ открива дека среќата се стабилизира на 35 години, време кога многумина остваруваат професионални успеси, градат цврсти социјални врски и добиваат чувство дека животот има смисла.
Па, дали е тоа 23, 35 или 70 години? Очигледно е дека не постои единствен одговор бидејќи среќата зависи од индивидуалната перспектива. Но сите експерти се согласуваат за една работа: среќата треба да се негува секојдневно, преку мали, но значајни моменти.
Кој е најпредизвикувачкиот период од животот?
Истражувачите се поделени и околу прашањето кога ни е најтешко? Според некои психолози, адолесценцијата (помеѓу 13 и 18 години) е еден од најпредизвикувачките периоди, обележан со хормонални промени, потрага по личен идентитет и социјални притисоци.
Сепак, истражувачи од „Принстон“ сметаат дека најстресниот период се годините помеѓу 45 и 48, кога луѓето се соочуваат со силен притисок и на професионален и на финансиски план и често ја доживуваат познатата средовечна криза.
На крајот на краиштата, сите имаме подеми и падови во различни фази од животот. Среќата не зависи од бројката на годините, туку од тоа дали ѝ даваме приоритет и ја градиме секој ден.
Извор:
Avaz.ba
Фото: Freepik