Претставен најкомплицираниот рачен часовник во светот

Претставен најкомплицираниот рачен часовник во светот

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најновиот часовник од швајцарскиот производител „Вашерон Константин“ не само што е полн со иновативни карактеристики, туку е официјално најкомплицираниот механички рачен часовник некогаш направен.

„Компликација“ се однесува на која било функција што оди подалеку од стандардниот приказ на времето, како што е грегоријанскиот календар или приказот на фазата на месечината. Новиот модел „лес кабинотиерс соларија ултра гранд компликација“ содржи рекордни 41 компликации.

Овој уникатен дизајн, кој бил претставен на саемот „Часовници и чуда“ во Швајцарија, се состои од 1.521 компонента. Производителот на часовници бара заштита за својот нов модел преку 13 пријави за патенти, од кои седум се однесуваат на механизмот на ѕвонче.

Часовникот прикажува три различни системи за мерење на времето: конвенционален 24-часовен ден, сидерално време (времето што ѝ е потребно на Земјата да ротира околу својата оска, што е околу четири минути пократко од календарскиот ден) и сончевиот ден (кој се приспособува на елиптичната орбита на Земјата).

Меѓу десетици други компликации се и астрономските функции кои ја следат положбата на Сонцето, неговата висина, патека и агол во однос на екваторот на Земјата. Може да се постави ротирачки приказ на 13 соѕвездија на Зодијакот, да покажува кога тие ѕвезди повторно ќе бидат видливи на небото.

Производителот на часовници истакнал дека биле потребни осум години за да се создаде овој модел кој соборува рекорди, опишувајќи го како „ремек-дело на иновациите“. Куќиштето на овој ексклузивен модел е изработено од 18-каратно бело злато и содржи над 200 скапоцени камења, меѓу кои и неколку сафирни дискови.

„Вашерон Константин“, основана во 1755 година, во сопственост на луксузниот конгломерат „Ришмонт“, исто така го држи рекордот за најкомплициран џебен часовник.



Во соопштението за печатот, Селмони го опишал новиот модел како „подвиг на минијатуризација“, истакнувајќи дека хоролозите на компанијата ги организирале малите компоненти на најлогичен и најкомпактен можен начин.

- Главната цел беше да се соберат сите клучни компликации - прикажувањето на времето, календарот, хронографот и механизмот за ѕвонење - на една основна плоча, а астрономските функции да се постават на дополнителна плоча. Благодарение на оваа конструкција, беше можно да се создаде рачен часовник со хармонични пропорции - заклучил Селмони.

Извор: benchmark.rs

Фото: YouTube screenshot