Психолошки карактеристики што се неопходни за успех во спортот
Постојат специфични ментални вештини кои придонесуваат за тоа колку успешен ќе биде еден спортист. Сите тие може да се научат и да се подобрат со упорно вежбање.
Заедничко за голем број спортисти е тоа што нивниот спорт е важен за нив и тие се посветени да бидат најдобри што можат во рамките на нивните способности, но и во други животни сфери. Тие си поставуваат високи цели и тренираат и играат напорно. Нивното спортско учество ги збогатува нивните животи и тие веруваат дека она што ќе го добијат е вредно бидејќи се вложуваат максимално.
Некои од најважните карактеристики се:
Справување со емоциите - прифаќањето на силните емоции како бес, лутина и разочарување како дел од спортското искуство и како составен дел од успешноста е првиот чекор кон спортски прогрес. Добро е овие емоции да се процесираат и одработат, односно да не се игнорираат бидејќи може да бликнат во момент кога спортистот најмалку ќе ги посакува.
Позитивен самоговор или изведување ритуал – Зборувањето со себе на афирмативен начин, себебодрењето, односно изговарањето поттикнувачки зборови и реченици, е моќна техника. Пред настапот спортистот може да изведе и одредено телесно движење истовремено со позитивниот самоговор, на пример, да ја крене раката, со дланката свиена во тупаница и да извика „Ќе успеам!“
Концентрација - знаат како да одржуваат фокус и да ги игнорираат дистракторите (пречки) без разлика дали тие доаѓаат од околината или од самите нив.
Способност за визуализација - успешните спортисти користат ментални слики (замислени умствени секвенции од претстојниот настан) кои се детални и специфични. На пример, пливачкиот олимпиец Мајкл Фелпс секоја вечер пред спиење ги визуализирал своите трки: совршено нуркање, татнежот на толпата, допирот со водата. Тој, исто така, ги визуализирал пречките - очила кои се полнат со вода или лошиот почеток, но преку повторна визуализација како овие пречки би ги надминал.
Справување со анксиозноста - ја прифаќаат анксиозноста како поттикнувач и сојузник. Одреден степен на анксиозност помага за зголемување на перформансот. Умеат да се справат со преплавувачката анксиозност канализирајќи ја во ефикасност.
Мотивираност - Мотивацијата може да биде интринзична (внатрешна) и екстринзична (надворешна). Внатрешната мотивација вклучува: уживање во играта, имање лична цел, предизвик на натпреварување, достигнување нови лични нивоа на успех итн. Надворешната мотивација вклучува надворешни награди (медали, задоволство кај родителите, тренерот, финансиски награди, медиумско внимание, признанија и сл.)
Истрајност - има лична цел за чие остварување е трпелив, напорно тренира и ги сфаќа неуспесите како основен дел од успехот, надежен е и оптимистичен, а има и непоколеблива волја за успех.
За многу спортисти, без разлика дали рекреативни или професионални, деца или возрасни, спортот претставува страст, уживање, чувство на припаѓање (како дел од спортот или во тимската екипа), личен идентитет, момент на доживување интензивни позитивни (неизмерна среќа, восхитеност), но и негативни емоции (длабоко разочарување, бес или интензивна тага).
Автор: Мирјана Цветковиќ, психолог, системски семеен советник,
Психолошки центар „Алтернатива“