Ако ви се допаѓа Хари Потер, тогаш сте добра личност

Ако ви се допаѓа Хари Потер, тогаш сте добра личност

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поминаа повеќе од 20 години откако првата книга за Хари Потер го маѓепса светот. Луѓето од сите земји во еден здив читаа за магија, фантастични суштества, опасни напивки и борби против лошите сили.

Според ново истражување, победата на момчето волшебник не е ограничена само на страниците од книгите. Всушност, ги тера луѓето да бидат подобри во вистинскиот живот.

Научниците тврдат дека луѓето што се вистински фанови на Хари Потер се топло поврзани со нивните пријатели и кај нив постои помала веројатност да бидат нетолерантни кон стигматизираните групи. Тие имаат тенденција да развијат повисока емпатија кон малцинствата. И ова не е магија, туку наука.

Истражувањето било составено од три дела што ја поддржале иницијалната хипотеза. За време на првиот тест ученици од основно образование учествувале во две истражувања. Тие биле спроведени пред и по читањето сцени што содржеле параграфи поврзани со предрасуди, како и неутрални делови.

Средношколци и студенти учествувале во вториот и во третиот експеримент од истражувањето. Од нив било побарано да ги искажат своите чувства кон отуѓените луѓе по читањето на авантурите на Хари.

Ова се случува затоа што имаме можност да го видиме светот низ очите на Хари. И понекогаш она што го гледаме не нè прави среќни. На пример, клучната тема во книгата е опсесијата на Волдеморт со чистокрвни волшебници и вештерки. Всушност, речиси сите ликови треба да се справат со тешкотиите што шроизлегуваат од нивната различност.

Додека Хермиона има „валкана крв“, Рон живее во сиромашно семејство, а Невил Лонгботом е несмасен. Хагрид е џин, кој работи како учител во Хогварст, но не смее да користи магија. И покрај нивните бизарности и каприци, тие и понатаму се добри пријатели и секогаш се подготвени да си дадат поддршка еден на друг. Уште повеќе, Хари знае колку е тешко да се биде различен. Тој ги изгубил своите родители и бил принуден да живее со роднини со предрасуди и ограничени размислувања. Немал пријатели и честопати бил малтретиран од неговиот братучед. Затоа Хари сфаќа како е.

Оваа приказна им помага на луѓето што гледаат нефер ситуации во волшебен свет и последователно забележуваат примери на предрасуди во реалниот свет. Ликот на Хари ни помага да сфатиме дека е најважно да се биде љубезен и добар кон другите без да обрнувате внимание колку различни можат да бидат тие. А зборовите на Албус Дамблдор го потврдуваат тоа: „Разликите во навиките и во јазикот се буквално ништо ако нашите цели се идентични, а нашите срца отворени“.