Ден на македонскиот јазик - 75 години од објавувањето на македонската азбука
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Македонија денеска го одбележува 5 Мај - Денот на македонскиот јазик. По тој повод, Институтот за македонски јазик, во услови на светска пандемија и вонредни мерки во државата, електронски објави свои десет книги. Тоа се: „За македонскиот јазик“, книга 11 од посебните изданија на Институтот, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски, осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска и фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски.
Од Институтот објаснуваат дека по многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ на своето Прво заседание на 2 август 1944 година донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик.
- Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Седумдесетипетгодишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци – вели проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Таа додава дека светот признава постоење на над 6.500 јазици, но само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава.
Уште во 9. век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски).
- Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција. Со пиетет се потсетуваме на сите претходници, кои, со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е визионерот што прв ја обзнани азбуката, нашиот патрон Крсте Мисирков, кој нè потсетува дека „јазикот е наше духовно благо“, зашто „јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“. Тука задолжително ќе го споменеме кодификаторот на македонскиот јазик, најголемиот афирматор на македонската азбука, правопис и речник, нашиот омилен професор Блаже Конески, кој ни порача „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“ – вели Јованова-Грујовска.
Таа додава дека македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и по светот.