Том Круз заедно со Илон Маск и НАСА ќе снима филм во вселената
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Том Круз ужива да ги прави каскадерските подвизи додека снима филмови, така што природно е да сака да ги тестира своите таленти до крајна граница.
Според веб-страницата „Deadline“,
Круз заедно со Илон Маск и НАСА ќе го снима првиот филм во вселената. Филмот нема да биде дел од франшизата „Невозможна мисија“, но ќе спаѓа во жанрот акција-авантура. Иако сè уште не се знае кое филмско студио ќе биде дел од проектот, тој е реален и е во фаза на ран развој, така што сигурно ќе помине долго време додека идејата премине во реализација.
Круз е познат по неговите опасни каскадерски подвизи. Се искачи на планината Моав во Јута за филмот „Невозможна мисија 2“, управуваше со хеликоптер за снимањето на „Невозможна мисија: Последици“, го држеше здивот три минути под вода за „Невозможна мисија: Одметници“, и се качи на Бурџ Калифа во Дубаи за „Невозможна мисија: Протокол дух“.
Компанијата „Спејс Екс“ на Илон Маск на крајот од овој месец треба да однесе два астронаути на НАСА на Меѓународната вселенска станица и тоа ќе биде првиот лет на „Кру Драгон“ со човечки екипаж. Во иднина, Маск размислува и за вселенски туризам - богаташите би плаќале милиони долари за лет во „Кру Драгон“ околу Земјата, а би можеле и да платат сместување на Меѓународната вселенска станица.
Фото: Screenshot/YouTube