Голема заработувачка на тестовите за коронавирус во Германија

Голема заработувачка на тестовите за коронавирус во Германија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во повеќето земји, ако сакате да ја преминете државната граница, треба да покажете негативен тест за ковид-19. Најдобро би било тоа да е ПЦР-тест.

Во Германија, ако се одлучите за ПЦР-тест, цените се различни: од 70 до 100 евра. За четиричлено семејство кое оди на пат тоа е прилично голема сума затоа што мора да се тестира и пред враќање.

Кога ќе изберете место во Германија каде што ќе одите на тестирање, голема е веројатноста вашиот примерок да биде обработен од една од 20. (од вкупно 47) лаборатории на компанијата „Синлаб“. Тоа е компанија основана уште во 1998 година од Бартоломоус Бартл Вимер, лекар по лабораториска медицина.

Компанијата и пред пандемијата добро се справуваше и нуди цела низа лабораториски тестови, како за лекари така и за ветеринари. Но, коронавирусот се покажа како благодат за компании од ваков вид: минатата година направи 11,6 милиони ПЦР-тестови и со тоа генерирала 620 милиони евра од вкупно 2,6 милијарди промет од целиот концерн. Во 2020 година прометот пораснал за цели 38 отсто.

Оваа година очекуваат ново зголемување од 17 отсто затоа што неуморно ја прошируваат својата понуда, особено кога станува збор за коронавирусот. Лабораторијата нуди и тестови во кои примерокот не се зема од нос или грло, туку се анализира течноста со која едно лице го измила грлото - што е многу попријатно. Има и тест за мали деца: т.н. „тест-лижавче“ кој сигурно ќе најде клиенти кога ќе треба да се тестира цела градинка или основно училиште.

тест
Фото: Freepik

Милијарди - а стигнуваат и повеќе пари


„Синлаб“ од Минхен е несомнено најголемата лабораторија во Германија: конкурент е „Биосиентија“ од Ингелхајм, со обрт од 280 милиони евра. Но, конкуренцијата демнее од странство: „Биосиентија“ исто така е „проголтана“ од австралискиот гигант во областа на лабораториско тестирање „Соник хелткер“, а во Европа во моментов најголеми се швајцарскиот концерн „Унилабс“ и францускиот „Еурофинс Сајентификс“.

Французите, иако имаат само две лаборатории во Германија, имаат причина да бидат задоволни од коронавирусот: само во првиот квартал од оваа година тие имаа обрт од 1,6 милијарда евра, плус 41 отсто.

Тие веќе котираат на берзата и вредноста на акциите на „Еурофинс Сајентифик“ е околу 15,8 милијарди евра.

Не се може без лабораторија


- За 2021 година веќе имавме исклучително добар почеток со нашиот органски раст и веќе договоривме девет аквизиции од јануари - вели Сами Бадарани, директор за финансии во лабораторијата во Минхен.

Коронавирусот е секако одличен за нивниот бизнис, но има потенцијал и без него: - На планетата Земја има сè повеќе жители, и тие стареат. И двата фактора се добри за нас - вели Бадарани.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik