Проф. д-р Сашко Јовев е еден од водечките кардиохирурзи во земјава - оствари видни постигнувања во областа на кардиохирургијата и го водеше тимот што ги изврши двете трансплантации на срце во земјава. Тоа, како што вели, е круна на неговиот личен професионален ангажман, но и круна на македонското здравство
Одлуката да ја избере медицината, кои му биле најчестите мисли за иднината на крајот од средношколските и факултетските денови, балансот меѓу студирањето и потребата на секој млад човек да одржува пријателство и дружење, се најважните спомени на кои проф. д-р Сашко Јовев, еминентен македонски кардиохирург, се сеќава по три децении од студиските години, кога било многу потешко да се студира медицина.
Проф. д-р Сашко Јовев е еден од водечките кардиохирурзи во земјава - остварил видни постигнувања во областа на кардиохирургијата и го водеше тимот што ги изврши двете трансплантации на срце во земјава. Тоа, како што вели, е круна на неговиот личен професионален ангажман, но и круна на македонското здравство.
Д-р Сашко Јовев
Д-р Јовев го прифати предизвикот на Факултети.мк, во рубриката „Кога бев студент“ која ја креираме во соработка со
„Пивара Скопје“, на сегашните генерации кои се на крстопат пред изборот на професионалната иднина, но и пред сè на оние што ја одбрале медицината да им ги пренесе своето искуство, предизвиците, истрајноста, поддршката од семејството и околината, но и желбата да се успее.
Роден е во Скопје, каде што покрај основното образование учел и во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Во текот на школувањето бил одличен ученик, па затоа вели дека можел да одбира каде ќе се запише, без приемен испит. За медицина се одлучил неколку дена пред рокот за упис зашто имал многу опции, интереси и желби.
- Љубовта кон медицината беше во рамките на љубовта кон природните науки, не посебно кон неа, но како природна, хумана наука, а во тоа време веќе се навестуваше влезот на високата технологија во неа, па некако таа излезе како прв избор - вели Јовев.
На Медицинскиот факултет дипломирал непосредно пред распадот на Југославија. Специјализација по општа хирургија завршил во Скопје, супспецијализација по торакална хирургија, исто така, на Медицинскиот факултет во Скопје, а супспецијализација по кардиохирургија, како и доусовршувања во областа на торакалната хирургија, на познати универзитетски клиники во Германија, Швајцарија, Израел, Бугарија итн. Магистрирал и докторирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што станал редовен професор по хирургија и кардиохирургија. Учествувал на многу конгреси во Европа и во САД, а подолго време има работено и во земјите на Заливот.
Со колеги од разни земји
Во неговото потесно и пошироко семејство има доктори, но и електроинженери, архитекти, машински инженери и адвокати.
- Семејството едноставно ме поддржуваше во сè. Секој мој избор ќе беше добар за нив. Ми велеа дека е важно да сум добар, одличен во својата струка, без разлика што сум. Сепак, со татко професор по психијатрија и мајка професор по клиничка психологија, не можеше да биде поинаку, иако мајка ми малку како да навиваше да се насочам кон техничките науки - вели Јовев.
Учел од бардовите на медицината во тоа време
Доктор Јовев учел сам дома зашто, според него, медицината не е наука што се учи во група. Одвреме-навреме му било потребно само малку испрашување од некој од колегите.
Посочува дека во тоа време не било едноставно да си студент по медицина.
- Се бараше и се учеше премногу, од големи книги, напишани главно од групи на тогашни југословенски автори или преведени, главно од американски учебници. Нашите професори беа или оние првите што го оформиле факултетот или нивните ученици, наследници. Тоа беа бардови на науката и медицината во тоа време - вели Јовев.
Посочува дека скопскиот Факултет по медицина е формиран веднаш по Втората светска војна, како гранка на загрепскиот факултет, со професори од Загреб, Белград, Љубљана, како и со првите наши македонски доктори.
Група медицинари
- Првите професори беа оние што на некој начин беа неподобни во бившата држава само затоа што дипломирале помеѓу двете светски војни во Цирих, Виена, Женева и во Париз. Неколку такви имаше и во Македонија. Така сите тие го создадоа првиот македонски кадар на доктори. Можете само да замислите за какви луѓе станува збор. Е, сега замислете нешто да не знаете и да не научите, а да се појавите пред нив на испит -додава Јовев.
Не може со сигурност да потврди дека во негово време било престиж да се студира медицина и да се стане доктор.
- Тогаш веќе и Електротехничкиот и Градежниот факултет беа во европски рамки етаблирани, исто како и Медицинскиот факултет. Сега сè е поинаку - додава Јовев.
Иако за време на студентските денови тој и неговите колеги биле во некој постојан страв, зашто во тоа време тоа биле сериозни студии со сериозни професори и педагози, сепак, вели дека студентскиот живот му бил и мошне скромен, но пријатен, весел, дружељубив.
Со студенти-колеги на одмор
Не паднал на испит, завршил со просек 9,40
Омилени предмети му биле анатомијата, физиологијата, патологијата, патофизиологијата и се разбира хирургијата.
Не паднал на испит, ниту, пак, квадрирал некоја година. Факултетот го завршил со просек 9,40 и тоа за пет години, за што вели дека било навистина брзо.
- Сум бил на мисла да преполагам некои испити, но поважно ми беше побрзо да завршам. Посебен проблем со некој испит не сум имал, иако малку сувопарна за учење ми беше микробиологијата - додава Јовев.
Но, што се однесува до изборот на специјализација, одлуката ја донел лесно и брзо.
- За разлика од запишувањето на факултетот, за специјализација ми беше сосем јасно - изборот беше кардиоторакална хирургија - вели Јовев.
Иако вели дека имало многу случки по кои ги памети студентските денови, сепак, не може да се сети на некоја посебно, но вежбите за време на студирањето му останале врежани во меморијата.
- На сите вежби речиси редовно се случуваше понекоја палавштина. И секогаш некој друг од колегите беше во центарот на вниманието - низ смеа вели докторот.
Јовев како студент
Станувал во 6 часот наутро за да има време за сè
Сепак, на доктор Јовев му недостига безгрижноста од тоа време. Иако на сите им е јасно дека за да се студира медицина, потребни се и многу откажувања во приватниот живот, смета дека ако се организира времето во текот на денот до детаљ, може да се постигне сè, па дури и да се забавува со пријателите. Нему му успевало да испланира и учење и дружба. Со многу од тогашните пријатели и колеги се дружи и денес.
- На лист хартија го запишував својот дневен распоред, и тоа веднаш штом ќе се разбудев. Денот секогаш ми започнуваше во 6 часот наутро и траеше до 23 часот, со по еден час во кафуле и тоа некаде последните два-три дена од неделата. За викендот, пак, веќе беше лесно да се организира времето. Забави имаше, но на почетокот беа поинакви. Прво во кафулињата, кои тогаш ги имаше малку, а потоа одевме на некоја домашна забава - посочува кардиохирургот.
Нешто што му оставило впечаток во тоа време на младиот иден доктор бил развојот на културата во тоа време.
- Имавме време за следење театарски претстави, филмови, изложби и концерти. Одевме на концерти и низ регионот. Бевме гладни за култура, а ја имаше повеќе отколку сега. Вистинска, моќна, единствена, неповторлива и софистицирана култура. Денешните студенти не би можеле да ја уловат таа посебност. Тоа едноставно го нема повеќе - заклучува докторот.
За себе вели дека имал среќа со своето семејство да го види и прошета светот многу рано, уште како дете. На почетокот на студиите бил малку срамежлив, но за неколку години тоа сосема се сменило.
- Но тогаш сите бевме некако еднакви. Секако, патувањата со моите родители ми овозможија да имам што да кажам меѓу пријателите, што да раскажам, па и што да облечам. Овде и немаше некој избор на облека, па одевме на викенд во Солун или во Трст - додава тој.
Во текот на студентските денови доктор Јовев имал време и за хоби. Се занимавал со кошарка и пливање, планинарел, а летните месеци му биле резервирани за патувања.
- Многу шетавме по странство, со малку пари и со ранците на грб. Е, тоа не се заборава. Тие мигови се единствени. Имаше спиење по хостели, по кампови, но и железнички станици. Посетувавме метрополи, но одевме и на одмори на морските брегови - вели докторот.
Идните доктори треба да учат повеќе
Кардиохирургот Јовев смета дека сега е полесно да се студира медицина отколку пред 20 или 30 години, во времето кога тој студирал.
- Многу е полесно сега. Прво, поради лесниот пристап до светската наука и медицина, а второ, иако контрадикторно, поради енормниот пад на критериумите за учење.
Затоа, на сегашните студенти по медицина им порачува да учат два-три пати повеќе отколку што учат и го покажуваат како знаење.
- Но, искрено би им порачал да сонуваат зашто соништата се остварливи. Ако си вреден, неуморен, посветен и ако сето тоа го разбереш како секојдневие, уживање, а не како напор, нема ништо неостварливо, има само нешто што недоволно сме сакале да го оствариме. Да учат од постарите, по можност од своите баби и дедовци ако ги имаат. Да учат мудрост, однесување, култура, еснаф, а сето тоа до го зачинат со совршената технологија што им се нуди, како лесно освојување на светот. Да учат јазици, не еден, туку колку што е можно повеќе. Јас активно зборувам три светски јазици. Да бидат хумани и сестрани, да патуваат и да спознаваат. А од медицината, да се зафатат со високо супспецијализирани области кои ќе ги имаат во малиот прст - посочува Јовев.
На операција
Двете трансплантации - предизвик за поголем успех
Доктор Јовев вели дека чувството по успешно извршената хируршка интервенција и по сознанието дека помогнал да се спаси човечки живот е посебно.
Со оглед на последните случувања во македонската кардиохирургија и по направените две трансплантации на срце во земјава, вели дека веќе нема неостварена цел во професијата.
- Единствено би сакал да добијам уште некоја светска лиценца за јас и моите колеги да можеме едноставно да работиме каде што ќе посакаме и повторно да се враќаме дома -додава тој.
Желба за дипломатија, восхит кон професијата на сопругата
Кога не би бил доктор, смета дека би отишол во друга професионална крајност и веројатно би бил електроинженер, адвокат, а можеби и писател.
- Имав огромна желба и за дипломатија, но од денешен аспект сметам дека не би бил добар дипломат, пред сè, поради мојот карактер зашто едноставно сум премногу искрен и директен - додава тој.
Со сопругата Ана
Неговата сопруга Ана е успешен архитект, а тој отсекогаш се восхитувал на нејзината професија, дури и често како млад помислувал тоа да му биде определба.
- Таа се занимава и со сликарство, со музика и фотографија на респектабилно меѓународно ниво. Со оглед на тоа што цртањето ми беше слаба страна, веројатно немаше да успеам. Но, денес, со компјутерските програми, можеби и ќе можев. Го сакав сето тоа, но, нели, не може за сè да те бидува. Затоа, тука е некој да нè надополни. Ќерката, пак, има посебен интерес кон физиката и кон математичките науки, но и кон музиката - посочува д-р Јовев.
Со сопругата Ана и ќерката