IQ UP! - прва македонска едукативна франшиза за деца - дел од едукативниот бренд „Светот на Биби“
Подготвил:
Антонија Поповска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Наставните теми и концепти никогаш нема да ги разберете целосно доколку ги учите само од аспект на еден училиштен предмет. За да го разберете процесот на фотосинтеза кај растенијата, освен што треба да знаете биологија, треба да знаете и хемија, па и физика. На нашите часови фокусот е одредена тема која се учи и разгледува од аспект на повеќе науки или предмети, вели Динова
IQ UP! (www.iqup.mk) е прва македонска едукативна франшиза за деца од 6 до 12 години. Компанијата IQ UP! е дел од групацијата на веќе докажаниот едукативен бренд за деца „Светот на Биби“. Првата македонска едукативна франшиза е создадена со многу љубов, посветеност и долгогодишна работа, во чиј развој беше вклучен голем тим од домашни и странски експерти од областа на едукацијата, педагогијата и методологијата.
За тоа што претставува оваа франшиза, која ќе биде промовирана на Саемот на книгата, зборуваме со партнерката на новиот проект, Валентина Динова.
Во што се состои уникатниот начин на учење што го нуди IQ UР?
- IQ UP! едукацијата е базирана на уникатна и иновативна методологија во која се користат напредни техники, пристапи и методи на учење, со цел да овозможиме квалитетна и современа едукација на нашите деца, по светски стандарди. Нашите програми се базирани на мултидисциплинарен систем на учење кој ги опфаќа сите области од СТЕАМ-спектарот (наука, технологија, инженерство, уметност и математика), комбинирано со литература и програмирање за деца. Создадовме фантастичен модел каде што едукацијата на децата излегува од рамките на школските предмети. Наставните теми и концепти никогаш нема да ги разберете целосно доколку ги учите само од аспект на еден училиштен предмет. За да го разберете процесот на фотосинтеза кај растенијата, освен што треба да знаете биологија, треба да знаете и хемија, па и физика. Ако сакате да изградите мост, освен од инженерство, потребно е да имате познавање и од математика и од физика. На нашите часови фокусот е одредена тема која се учи и разгледува од аспект на повеќе науки или предмети. Сето тоа го искомбиниравме со литература, преку посебни научни приказни – авантури на Биби, Боби и нивниот нов другар Оливер, каде што тие ги воведуваат учениците во магичниот свет на науката и технологијата преку забавни ситуации, решавање проблеми, загатки и креативни решенија. И тоа не е сѐ. Во нашите програми интегриравме и програмирање за деца, каде што наученото од секој час децата го пренесуваат во дигитален проект изразувајќи се преку кодови за програмирање.
Можете ли да ни опишете како изгледа еден час?
- Структурата на нашите часови е комплексна и динамична, многу богата со содржини и активности, но адаптирана на возраста на децата. Најважно од сѐ ни беше учењето да го направиме да биде забавно, инспиративно и вистинско уживање. Самиот час се состои од неколку дела. Секој час учениците ги воведуваме во нова тема, поврзувајќи ја со знаењето стекнато од претходните теми, т.е. часови. Во секоја тема ги воведуваме учениците со научни приказни, каде што преку авантурите на Биби, Боби и Оливер учениците на духовит и интересен начин се запознаваат со темата и материјалот кој треба да го научат. Потоа преку уникатни игри и активности, експерименти, истражувања, работа на реални проекти, изработки, можни вежби и логички задачи учениците длабоко навлегуваат во наставната тема, стекнувајќи функционално и практично знаење. На крај од часот сето тоа што го научиле го изразуваат преку изработка на дигитален проект. На тој начин учениците учат програмирање, кое е приспособено на нивната возраст. Зарем не е фантастично учениците кои на часот учеле за кардиоваскуларен систем преку работа на реален проект да изработат модел на срце кое пумпа, а потоа истиот модел да го изработат и во вид на апликација преку блоково програмирање?
Кажете ни нешто подетално за франшизниот бизнис-модел на IQ UP!
- Франшизата како бизнис-модел за мене лично е фасцинантен начин да изградите бренд кој може да го мултиплицирате на голем број територии и локации, притоа имајќи ја целата контрола на стандардите и квалитетот на услугите. Од друга страна, огромни бенефити има и тој што ја зема франшизата и отвора свој бизнис, во нашиот случај – IQ UP! едукативен центар, бидејќи почнува со работа во веќе развиен и структуриран бизнис-модел, со развиени уникатни услуги или производи и регулирани стандарди и процеси. Конкретно за франшизниот модел
IQ UP! (www.iqup.mk), ние нудиме франшиза за отворање IQ UP! едукативен центар во различни градови и региони. Нашата франшиза и тимот кој стои зад неа им нуди на нашите франшизери постојана поддршка за успешно започнување со работа на едукативните центри, обуки за менаџирање на центрите, маркетинг-стратегии, оперативни прирачници, обуки за учители, прирачници за учители за секоја програма, иновативни наставни и дидактички материјали, креативни учебници и пристап на информатички систем.
Валентина Динова
Што Ве инспирира да станете дел од еден ваков проект?
- Јас сум сонувач кој силно верува дека преку квалитетна едукација ги менуваме животите и иднината на нашите деца. Убедена сум дека секое дете има огромен интелектуален потенцијал и дека секое дете заслужува да се најде во образовен модел кој го стимулира и инспирира да го реализира својот потенцијал, да ги открие своите таленти и способности и да развие вештини кои ќе му бидат корисни за сѐ во животот. Среќна сум што успеавме да создадеме тим од големи професионалци и креативци кои силно веруваат во визијата и мисијата на проектот, и заедно ја создаваме оваа приказна.
Какви се Вашите планови и очекувања?
- Оваа година сме целосно фокусирани на развој на франшизната мрежа во нашата држава. Се надеваме дека во септември ќе се отворат
IQ UP! (www.iqup.mk) едукативни центри речиси низ сите градови во државата, како и на повеќе локации во Скопје. Веќе имаме најави и преговараме за отворање центри во неколку градови, а IQ UP! центарот во Скопје – Аеродром веќе го отворивме. Со тоа ќе овозможиме IQ UP! едукацијата да биде достапна за што поголем број деца од целата држава. Од почетокот на наредната година започнуваме со развој на франшизната мрежа и во другите градови во земјава.
Фото: приватна архива