Трудница од Хрватска носи бебе што има малиген тумор, лекарите одбиваат да извршат абортус
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Хрватската водителка Ивана Параџиковиќ ја објави потресната приказна на нејзината пријателка Мирела Чавајда, која е бремена и неодамна дознала дека нејзиното бебе има тумор. Меѓутоа, лекарите ја испратиле дома да чека да умре бебето, тврдејќи дека според тамошните закони, тие не смеат да извршат абортус.
Параџиковиќ на „Инстаграм“ сподели фотографија од Мирела, која е во шестиот месец од бременоста и замоли за помош.
- Ова е мојата пријателка. Таа е во шестиот месец од бременоста. 25 недели среќа, возбуда и исчекување беа прекинати во невообичаен вторник, на редовен преглед кај гинеколог. Бебето на Мирела има тумор. Многу голем тумор. Во отпусното писмо пишува малиген - пишува Параџиковиќ.
Таа додава дека во последните четири недели туморот толку напредувал, што речиси нема шанси бебето да преживее, а ако се случи тоа, ќе биде со тешки вродени мани.
- Туморот е во главата, му го притиска малиот мозок. Практично е поголем од него. Така ранета и скршена, со прогноза која ниедна мајка не може да ја слушне, ниту прифати, ја пратиле дома да чека бебето да умре во неа - пишува водителката.
Додава и дека лекарката на Мирела „ѝ шепнала друга опција“, а тоа е да оди во Словенија и таму да ѝ помогнат.
- Како некој криминалец да моли лекари во друга држава да ѝ помогнат затоа што во нејзината татковина не можат! Не сакаат? - пишува во објавата.
Параџиковиќ објаснува дека лекарите велеле оти сакаат да ѝ помогнат, но дека утврдиле оти абортусот по 10. недела од бременоста во Хрватска е противзаконски, што, според водителката, не е вистина. Ивана додава дека во Хрватска во сила е закон од 1978 година, кој е нејасен и недоречен.
Хрватските медиуми пренесуваат дека родителите на бебето се обиделе да побараат помош во сите болници во Загреб каде што би можела да се прекине бременоста. Тие побарале и да се основа комисија која според законот, би требало да го одобри прекинот на бременоста, но не добиле никаков одговор.
Тие ги демантираа и наводите на лекарите дека не можат да ја прекинат бременоста цитирајќи член од Законот за здравствени мерки за остварување право на слободно одлучување за раѓање деца, каде што пишува дека бременоста може да се прекине по 10. недела од зачнувањето кога врз основа на медицински индикации може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки природни телесни или душевни маани.
По објавата на водителката, веста одекна во регионот, а Мирела откри дека гинекологот ѝ ја соопшти веста без никакви понатамошни упатства.
- Прелиминарно можам да ви кажам дека тоа е тумор, чисто да знаете, но дојдете уште еднаш на читање на наодите. Така ми рече без никакво дополнително објаснување, без никакви понатамошни упатства. Тие очигледно знаеја уште истиот ден, но чекаа уште седум дена за мислење од друг лекар. Мене ми се чини дека тоа е многу во олку одмината бременост - вели Мирела.
Таа додава дека во последната реченица лекарката напишала дека прогнозите за мајката и за детето се многу неповолни, но ја испратила трудницата дома без никакви информации што да прави понатаму.
Мирела решила да излезе во јавноста со нејзиниот проблем зашто тоа може да му се случи и на некој друг, но и затоа што, како што вели таа, не сака детето да пати и да нема живот.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Instagram (screenshot)