Бале Брзи (70) и Валентина Узунова (57) се доказ дека годините не се пречка, дека трчањето подмладува

Бале Брзи (70) и Валентина Узунова (57) се доказ дека годините не се пречка, дека трчањето подмладува

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

На неодамнешниот Водно Матка треил маратон учествуваа Бале Брзи (70) и Валентина Узунова (57) и остварија одлични резултати во своите категории. Докажаа дека не важни годините. И двајцата тврдат дека годините не им се пречка, туку мотивација. Трчањето за нив е здравје, добра мисла, позитивна енергија. И секоја наредна година ја пречекуваат со задоволство

Годините не се пречка, туку ограничување кои сами си го правиме во главата. Како што старееме, нормално е дека телото ја нема издржливоста и агилноста што ги уживавме во нашите помлади години. Но, стареењето дефинитивно не мора да значи да не излеземе на трчање или планинарење. Баш напротив. Научно е докажано дека физичката активност нѐ одржува витални, во добро расположение и со супер енергија. Редовната активност позитивно влијае врз нашето физичко здравје, како и врз нашата ментална и емоционална благосостојба. Дава поголема самодоверба, подобар имунитет, поголема флексибилност, посилни коски, поведро расположение, подобра социјализација... Овозможува да ја прифатиме секоја наредна година со задоволство.

Благоја Ацковски, познат како Бале Брзи, е вистински пример за реченицата „годините не се важни, годините не се пречка“. Тој неодамна учествуваше на планинската трка од 27 километри на Матка Водно траил маратон и се пласира на прво место во категорија 55+, на второ место во категорија 50+, и заврши 25. место во генерален пласман од 227 учесници.



На 63 години почнав повторно да трчам на кеј


- Годинава полнам 70 години, поточно на 28 мај, кога организирам роденденска трка по тој повод. Ги поканувам сите заинтересирани да се пријават на оваа трка од забавен карактер. Инаку, сум тренирал атлетика во АК Вардар и АК Работнички во 1970-1972. По пауза од 40 години, поточно на 59 години станав планинар. На 63 години почнав повторно да трчам на кеј и на Водно, од Крст до бункери и назад. Почнав да трчам затоа што шетањето по планините ми беше бавно. Се занимавав и со земјоделство и постојано бев во движење. Ги искачив речиси сите планини во Македонија, Рила и Пирин во Бугарија. Кога заминав во пензија во 2017 година, бев послободен и можев да се посветам повеќе на спортувањето – и на планинарењето и на трките. Со трчањето почнав полека, најпрво трчав по 5 км на кеј, а потоа полека зголемував. Почнав да учествувам на градски трки, а потоа и на планински. Така почнав да покажувам врвни резултати - споделува Бане Брзи.



На прашањето како го опишува чувството да е во супер форма на овие години, тој вели:

-Трчањето ми претставува големо задоволство и покрај напорот што го вложувам. Се чувствувам многу релаксирано и задоволно, спремен и физички и психички за сите предизвици во секој момент. При спортување сретнувам доста познати и непознати луѓе кои ме поздравуваат и поддржуваат. Запознавам нови пријатели кои се интересираат за трчањето и кои ги поттикнувам да се занимаваат со спорт. Многумина возрасни, но и 10-20 години помлади велат дека почнале да трчаат поради мене. Духовноста и вербата во Бога ми се многу важни. Одењето на литургија ми дава внатрешен мир и надеж дека секогаш кога имам некоја цел, само со позитивна мисла успевам да одам докрај. Никогаш не сум откажал трка или каква било работа. Негативните работи тотално ги одбегнувам. Сѐ уште има вистински луѓе за дружење, на иста бранова должина – ни сподели Бале.



Полумаратони имам над 70

Трчањето, како и планинарењето, се еден вид медитација за него.

- Кога сите лоши мисли си одат, се забораваат сите маки и непријатности. Си мислиш само на моментот, да дојдеш до целта, да се ослободиш од вишокот енергија. И тврдам дека годините не ми се пречка за спортска активност, туку мотивација. Речиси на сите градски трки сум меѓу првите 30 отсто од сите тркачи, а на планинските меѓу првите 10 отсто. Тоа ми е голема мотивација да продолжам понатаму. Исто така, ги мотивирам и другите, пред сѐ, помладите, кои многу се радуваат кога ќе успеат да ме победат - дополнува Бале.



Тој е постојано во движење, вози велосипед, трча двапати по над 15 км и еднаш неделно е на планина.

- На градските трки учествувам од 5 км до маратонски трки (42,2 км) и имам постигнато солидни резултати со освоени места на подиуми во категорија +50, +60, како во Македонија така и во земјите од поранешна Југославија. Исто така, земам учество и на планински трки, почнувајќи од најкратките, но најизискувачки – 5 км вертикал, сѐ до 42 км. Имам учествувано и на хуманитарни трки од 35 км, 42 км и 56 км. Да набројам некои од трките на кои сум учествувал. Од градските: Скопски маратон, Љубљански, Софиски, Ада маратон и рекорд ми е 3 ч. 37 мин., на 69,5 години на Државното првенство на Македонија. Полумаратони имам над 70, а рекорд ми е 1 ч. и 35 мин. во Крагуевац. Повеќе трки од 10 км низ Македонија. Од планинските трки вертикал да ги споменам Прв до врв на Водно, Чупино-Виница и Попова Шапка. До 20 км се Момата-Прилеп и Струмина-Штип, Варош-Трескавец. Од 30 км до 42 км Чупино, Крали Марко, Водно-Матка и др. Во денешно време има доста трки и не може на сите да се учествува, а исто така тоа е поврзано и со финансии. Треба да се плати учество, пат, спиење, јадење и сл. Затоа трчам на помалку трки оти сум пензионер – истакнува Бале.

Во Македонија немам конкуренција во моја категорија

Во Македонија немам конкуренција во моја категорија. Всушност, конкуренцијата ми се 10 до 20 години помлади. Во земјите од поранешна Југославија сум меѓу првите 5, вели тој. Исхраната е многу важна за здравјето и внимава што јаде.

- Јадам повеќе чорби, јуфки и макарони за енергија. Сакам и мрсни млечни производи, месо ретко јадам, обично варено. Јадам повеќепати на ден, до 5 пати, помалку и без прејадување. Главно јадење ми е од 13 до 17 часот. За појадок и вечера јадам мед, мој домашен мармалад, ајвар, сирење или кашкавал, кисело млеко, свеж кромид или лук и овошје. Секој ден имам и ужина помеѓу појадок и ручек и помеѓу ручек и вечера – мој домашен компот и ореви и лешници кои ги одгледувам. Индустриски преработки не внесувам, никако салами, чипсови и сл. Никакви допинзи не правам. Постојано сум во природа и постојано сум активен. Ги избегнувам градот и метежот. Смирен сум во природа и заборавам на грижите. Се дружам само со позитивни луѓе и воопшто немам стресови - ни сподели Бале Брзи.

Спортувањето му носи добра мисла и позитивна енергија, која ја чувствуваат сите околу него.

-Спортот навистина подмладува, за тоа сум пример лично јас. Секогаш ми даваат меѓу 50 и 60 години. Понекогаш мора да вадам лична карта за да докажам колку години имам навистина.
Јас сум пример каков што сакам да бидам, да ги поттикнувам другите да живеат поспортски и поисполнето, без пороци. Мојата порака е дека годините се само бројка и апсолутно не се пречка за занимавање со спорт. Секако, секој со своите можности, без напрегање, но секој може – посочува тој.



Се спремам за ултрамаратон од 100 километри


Валентина Узунова, исто така, учествуваше на Водно-Матка треил маратон, на трката од 40 километри. Има 57 години, а активно трча од 35 години. Вели дека трчањето прави да се чувствува енергично, полна со живот и волја.

- За мене, трчањето претставува пред сѐ здравје. Најголема инспирација за трчање ми се љубовта кон спортот и желбата да им помогнам за видливост на пациентите со пулмонална хипертензија. И апсолутно годините се само бројка, поради тоа се спремам и за ултрамаратон од 100 км, за да докажам дека годините се само бројка – вели Валентина.



Активна е 6 дена во неделата.

- Наутро вежбам пред работа, а попладне трчам. Освен трчањето, правам и кардиовежби, јога и два пати неделно одам на игроорна. Од трките најмногу одам на треил (планински) трки, обично на полумаратони, маратони и ултрамаратони. Секако дека си правам агенда на трки за да си ги испланирам тренинзите во согласност со трките (на пример, ако имам повеќе напорни трки и тренинзите ми се поинтензивни). Имам натпреварувачки дух и секогаш сакам да се натпреварувам за генерален пласман, а со тоа сум и повидлива за болните, што е голема помош за нив. Внимавам и на исхраната и секако многу важен е и одморот - споделува Валентина.



Спортувањето ѝ донело многубројни придобивки. Вели дека таа е пример дека трчањето подмладува.
-Немам никакви здравствени проблеми, имам повеќе енергија, се чувствувам помлада, само кога ќе ми ги споменат годините, тогаш сум свесна за бројката. Сакам да им порачам на сите, и помлади и повозрасни, да бидат колку што можат поактивни, да се хранат здраво, да имаат позитивни мисли, секогаш да се борат и невозможното да го направат возможно, затоа што никој не е свесен за своите способности додека не се обиде и не го докаже спротивното – подвлекува Валентина.

По ова само можеме да заклучиме дека дефинитивно не се бројат годините во вашиот живот, туку животот во годините.



Фото: приватна архива