Професорот Димитров во лабораторија на ТМФ чисти отпадни води со помош на наноматеријали

Професорот Димитров во лабораторија на ТМФ чисти отпадни води со помош на наноматеријали

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Професорот објаснува дека ќе биде среќен ако овој метод успее да го воведе и за питки води, односно со наноматеријали водите да се чистат и од бактерии

Професорот Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, заедно со тимот соработници од овој факултет, веќе неколку години интензивно работи на истражувања од областа на наноматеријалите. Нивниот најнов научен проект е примена на нови материјали за прочистување на отпадните води од тешки и токсични материјали за заштита на животната средина и природата.
- Како резултат на брзата индустријализација на човековото општество, во отпадните води се испуштаат различни видови загадувачки материи, вклучувајќи јони на тешки метали, органски материи, бактерии, вируси кои може сериозно да му наштетат на човековото здравје. Секако, најмногу јоните на тешките метали кои ги има во отпадните води од многу индустрии. Постојат многу конвенционални методи за отстранување на металните јони од водата, но најперспективен процес е апсорпцијата. Ние тоа во нашата лабораторија на ТМФ го направивме со наноматеријалите - објаснува професорот Димитров.


Професорот Димитров објаснува како функционира филтерот

Какви наноматеријали се произведуваат на ТМФ?

Во лабораторијата ни ги покажа филтрите во кои се ставаат наноматеријалите, односно ни демонстрира како со нивна помош ги чистат загадените води. Тие имаат идеја овој начин да се применува во индустријата, а филтрите може да се користат секојдневно.
Проектот трае веќе неколку години. Професорот објаснува дека ќе биде среќен ако овој метод успее да го воведе и за питки води, односно со наноматеријали водите да се чистат и од бактерии.
- Тоа може да се прави со наши материјали, кои ги има во Македонија и, секако, со наноматеријалите што ги произведуваме во нашата лабораторија на ТМФ. Ние сега произведуваме графен, јаглеродни нанотуби и нивна мешавина. Тие се многу интересни материјали и покажуваат повисока ефикасност и апсорпциона моќ на тешки метали за разлика од традиционалните апсорбенти како активен јаглен, туф, перлит - објаснува Димитров.


Загадената вода тече низ филтерот во кој има апсорбенти на тешки метали

Сите наноматеријали работат на ист принцип - ги апсорбираат тешките метали, ги задржуваат во себе. Професорот и неговите истражувачи сами загадиле води со тешки метали. Купиле филтер-туби во кои ги ставиле материјалите, па ја прочистувале водата. И редоследот на наноматеријалите и нивното комбинирање различно влијаеле врз резултатот.
- Помина доста време додека сфативме која комбинација и редослед најдобро апсорбира и на кои тешки метали како реагира. На пример, железо се апсорбира 100%, бакар исто така, и олово. Ефикасноста на овие филтри е навистина голема - вели тој.
Студентите на професорот Димитров досега изработиле пет дипломски задачи на овој проект, кој е финансиран од УКИМ.
- Дел од нив деноноќно работеа со нас на ова истражување и особено сум горд на нивните дипломски работи.

Крајна цел е чистење на питките води

Што понатаму? Каде ќе се користи ова истражување? Димитров вели дека која било фабрика или рудник што има отпадни води може да го користи за нивно прочистување.
- Ако отпадните води загадени со тешки метали дојдат во почвата преку надземните води, па отидат во подземните води, чиј тек не се знае до каде може да дојде, тоа е многу опасно за животната средина. Затоа, овие отпадни води мора да се третираат, односно да се исчистат. Не знам точно какви постапки користи нашата индустрија, но најдобра е онаа со затворен циклус, да не се дозволи водата воопшто да излезе надвор. Се користи водата, се прочистува и пак се користи. Тоа е најдобар систем, се работи во круг - вели Димитров.



Но крајната цел на овие истражувачи е филтрите да се користат за питки води.
- Следно истражување ни е тоа. Да загадиме питки води со метали и со бактерии. Да биде тоа комерцијален филтер кој населението ќе може да го користи на која било чешма - вели тој.
Директно работеа многу дипломци и професорите Перица Пауновиќ, Анита Грозданов, Александар Петроски и нашиот лаборант, вели професорот, кој го има патентирано начинот на добивање јаглеродни нанотуби, а сега месечно произведува и до три килограми графен во лабораторијата на ТМФ.