По скалилата на успехот со Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура во Битола: „Функцијата е минлива, а театарот е доживотна љубов“

По скалилата на успехот со Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура во Битола: „Функцијата е минлива, а театарот е доживотна љубов“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

На први јуни Маја Андоновска-Илијевски прослави 18 години од нејзината прва премиера на сцената на Народниот театар во Битола. Во својата плодна актерска кариера досега има одиграно 54 премиери во Битола и на други театарски сцени. Веќе шест години е на кормилото на Центарот за култура, кој е домаќин на едни од најпрестижните културни манифестации во земјава - филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, „Илинденски денови“, „Монодрама“, „Музика од светот“ и многу други. 

За време на нејзиното директорување, Битола стана познато и признато место на музичката мапа за уметници од целиот свет, па во Центарот настапуваа легендарните „Лајбах“, „Лилит“, Јоана Амендоеира, Дарко Нешковски, Хели Сиекинен и многу други. Но, и покрај напорното темпо што си го постави за организација на културни настани во институцијата која ја води, Андоновска-Илијевски не се откажа од театарот. Секоја можност и слободно време ги користи да игра во театарски претстави. Се води од мотото: „Функцијата е минлива, а театарот е доживотна љубов’’.



Како дете сонувала да стане пејачка и била најсреќна кога настапувала

Првиот контакт со сцената го имала во далечната 1994 година кога настапила на детскиот фестивал „Си-До“ во Битола, во тоа време еден од најпопуларните во државата. На десетина години мислела дека во животот ќе се занимава со музика. Учела нижо музичко училиште, свирела на флејта, настапувала во детските ТВ-серии „Дајте музика“ и „Здраво генијалци“. Била најсреќна кога настапувала. Но, како нежно девојче кое често настинувало и имало алергии, а учело да свири дувачки инструмент, кога дошло време да се запише во средно училиште, мајка ѝ ја убедила дека тоа не е најдобар избор за неа.



- На почетокот малку се лутев затоа што брат ми (пејачот Димитар Андоновски) кој е помал од мене и отсекогаш помузикален, не доби такво вето. Од денешна дистанца, а и како мајка на дете, сега сосема ја разбирам мајка ми. Ми направи услуга да ја запознам и да се заљубам во театарската уметност, а таму има музика колку што ми душа сака. Плус сѐ уште пеам и во театарски претстави, а и веќе две години учествувам на манифестацијата „Глумците пеат“ во Скопје, и тоа со голема радост и уживање - вели Андоновска-Илијевски.

Професорката Анушка Костурска ја убедила мајка ѝ да ја поддржат да студира драма

Одлуката средното образование да го продолжи во гимназијата, а не во средно музичко училиште била пресудна за промена на нејзините интереси. Почнала интензивно да го посетува Битолскиот народен театар и некои претстави да ги гледа по неколку пати. Била заробена од магијата на театарот. Открила нов свет, од кој сакала да биде дел. Така почнала да оди на драмска секција во гимназијата. Прва ѝ била улогата на Јулија по делото на Шекспир, па сѐ до завршувањето на средното училиште била дел од сите претстави што ги правеле во школото. Наишла на голема поддршка од професорката по македонски јазик Анушка Костурска, која освен што ја поттикнувала на читање, анализирање дела и гледање претстави, исто така била клучен фактор во убедувањето на мајка ѝ дека Маја треба да продолжи на драмски факултет.



- Одлучив да студирам на ФДУ уште во прва година средно, но следните три се насочив одлуката да ја прифати и моето семејство. Не потекнувам од уметничко семејство, а и некако сите дома си имаа замислено дека ќе студирам англиски или македонски јазик. Дедо ми, кој беше доктор, особено беше скептик за професијата што ја имав одбрано и често дебатиравме дали е погодна за жена, кои се одрекувањата и жртвите што ги бара. Некаде пред матурата мојата професорка по македонски јазик, по еден родителски состанок, ја замоли мајка ми да поразговараат за мојот талент и поддршката која треба да ја добијам за да се запишам на Драмски факултет. Мајка ми омекна и ми кажа дека стои зад мојата одлука, а нејзината поддршка и ден-денес е мој најголем потпорен ѕид и ветер во грб - вели актерката.

Да има временска машина, би ги вратила студентските денови на ФДУ

Се запишала на ФДУ во класата на Кирил Ристоски и тогашната асистентка Зоја Бузалковска. Била примена во класа од 13 луѓе од целата држава, а следните 4 години на факултетот во Скопје ги памети како најубави во нејзиниот живот. Била сериозно посветена студентка и дипломирала со просек 9,6. Со радост одела на сите предавања, играла во многу испитни вежби на студентите по режија, снимала испитни студентски филмчиња, едноставно не мирувала.



- Бев избрана за претставник од факултетот во трета година заедно со уште еден колега од класата да заминеме на студентски театарски фестивал во Корзика, каде што заедно со студенти актери од цел свет имавме работилници и заедничка претстава. И бев многу среќна и горда поради тоа. Имав прекрасни и незаборавни четири години на факултетот. Да постои временска машина, би се вратила повторно во студентските денови на ФДУ - вели таа.

Истовремено добила понуда да работи во МНТ и во Народниот театар во Битола

За време на последниот семестар, во 2006 година, режисерот и професор Владо Цветановски ја повикал да биде дел од неговата најнова претстава во Битолски театар – „Осмото светско чудо“. Тоа беше нејзината прва официјална премиера во театарот во кој сонувала да застане рамо до рамо со актерските идоли од средношколските денови.



- Да бидам искрена, за мене Битолскиот театар отсекогаш беше и остана театарска куќа број еден. Тоа беше остварување на мојот најголем сон. Почнаа да се нижат премиери, а по една година добив и покана од режисерите Златко Славенски и Сашо Миленковски да станам дел од ансамблот на МНТ Скопје. Стоев пред навистина голема раскрсница бидејќи иста таква понуда добив и од Битолскиот народен театар. Можеби тоа беше најтешката одлука за млада актерка, но во тој момент одлучив да останам во Битола, одлука за која никогаш не зажалив - вели таа.

Актерот е сонце на слепите, глас на обесправените

Одиграла многу улоги, и главни и споредни, и во секоја дала парче од својата душа. На прашањето што значи за неа да се биде актер, преку поезија одговара:
„Да се биде актер, значи да се биде! Она Шекспировско да се биде!
Да се биде сонце на слепите...
Да се биде утеха на тажните...
Да се биде поддршка на надежните...
Да се биде глас на обесправените...
Да се биде будност на заспаните...
Да се биде разум на полудените...
Да се биде насмевка на расплаканите...
Да се биде љубов на осамените...
Да се биде сила на обесправените...
Да се биде уметност наспроти кичот...
Да се биде денес, да се биде утре...
Да се биде актер, кој ќе е глас, а не ехо...
Да се биде живот наспроти мртвило...“



Како директор не дозволи да се вмеша политиката во работата

Центарот за култура каде што е директорка за неа секогаш ќе биде приказна која ќе раѓа насмевка на нејзиното лице. Креативноста во репертоарната политика, настаните, концертите, изложбите, промоциите, фестивалите што ги организира и на кои е домаќин, ја претворија Битола во една културна крстосница на уметноста.

- Понекогаш седам во публика, гледам и се гордеам со сѐ што сработивме со мојот тим од професионалци. Јас не сум човек кој се откажува и секогаш се трудам секој нов фестивал, секој нов настан да е чекор понапред од претходниот. Силите секогаш си ги мерам сама со себе, и тоа е моето мото: Сѐ се може со многу посветеност, упорност и со неоткажување – вели Маја.
Ја прашавме колку политика има во културата, на што ни одговори: „Политика има секаде, па и во културата. А политика во култура за мене е најголемо зло... Како директор се потрудив максимално, никогаш да не дозволам да ми се вмеша политика во работата, и длабоко во себе знам дека успеав да им отворам врата на сите уметници што креираат, работат и имаат што да понудат. За мене лично, уметноста гради мостови онаму каде што политичарите ги рушат“.



Препознатлива по оригиналниот стил на облекување

Маја Андоновска-Илијевски, освен како маестрална актерка и директор со големи менаџерски способности, остава белег и со својот препознатлив стил на облекување. Таа редовно е меѓу најелегантните жени на црвениот тепих на „Браќа Манаки“ и на другите културни манифестации.

- Сѐ што облекувам е продолжение на мојот сензибилитет, карактер и темперамент. Не сакам да облечам нешто што не ја раскажува мојата приказна, а во таа стилска приказна соработувам и со креатори кога пригодата го налага тоа, но и со стилисти. Папаз и Ермитаж се мои верни соработници, но ги поддржувам и сум соработувала и со ТАО, ЛОМ, Благој Мицевски, професорките од текстилната насока на долната гимназија од Битола за нивниот Креативен ден... Сѐ што е креативно и инспиративно може да биде дел од мојот стил - вели таа.



Фото: приватна архива