СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Кирил Лазар Демерџиев (90) завршил Медицински факултет во 1959 година со просек 9,04 - Положив испит за 30 секунди

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Кирил Лазар Демерџиев (90) завршил Медицински факултет во 1959 година со просек 9,04 - Положив испит за 30 секунди

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Студирањето во тоа време било бесплатно, а за храна имало организирани студентски мензи. Единствен трошок за студирањето, освен домувањето кое не било покриено од државата, било плаќањето таксени марки за полагање одредени испити. Бидејќи тој живеел во изнајмена соба заедно со уште двајца други студенти, подготовките на испитите вообичаено ги правел во библиотеката на факултетот. Немале греење во собата, па зимно време ја користеле исклучиво за преспивање.

Кирил Лазар Демерџиев е меѓу првите дипломирани граѓани на Македонија. Завршил гинекологија на Медицинскиот факултет. Има 90 години и добро се сеќава на студентските денови.

- Испитот бактериологија го полагав со две колешки кај професорот Каракашевиќ. Првата не го знаеше прашањето, па истото ме праша и мене. Му одговорив и меѓу другото почнав да му зборувам за други работи поврзани со прашањето. Ме прекина и ме праша од каде ги знам овие работи кога тој не ги предавал. Му кажав дека ги прочитав во „Видби“, англиски учебник за бактериологија. Ми понуди да работам на Институтот за бактериологија и дека ќе ми овозможи специјализација во Лондон. Одбив. Претпоставувам дека ја добив понудата затоа што мислеше дека солидно знам англиски, што беше реткост во тоа време. А јас ја читав книгата на бугарски. Да знаеше, сигурно немаше да ја добијам ласкавата понуда пред цел аудиториум - се присетува Кирил Лазар Демерџиев.



Сакал астрономија, но се запишал на Медицински

Кирил Лазар Демерџиев е роден на 10.5.1932 во село Богородица, Гевгелиско, како второ дете на Лазар и Анастасија Демерџиеви. Првите четири години од основното образование ги завршил во родното село, најпрво на српски јазик (за време на Кралството Југославија), а потоа и на бугарски јазик (за време на Втората светска војна). Образованието го продолжил сосем случајно, во прогимназија (некоја аналогија на денешните виши одделенија), поради тоа што и некои негови другари од селото се запишале. Со тоа започнало неговото образование на мајчин, македонски јазик.

Прогимназијата ја завршил во Гевгелија, со одличен успех. Потоа продолжил во гимназија во Струмица, од каде што најпрво бил одбиен со образложение дека на тогашната држава не ѝ се потребни кадри со гимназиско образование, туку со средно стручно образование. Во текот на средношколските денови ја засакал математиката, па затоа најпрво сакал да студира астрономија. Имајќи предвид дека во Македонија во тоа време немало факултет на кој можела да се изучува астрономијата и дека за тоа требало да оди во Белград, а повеќето другари се запишале на Медицинскиот факултет во Скопје, и тој решил да го продолжи образованието во таа насока.



Немаше приговори за уписи и чесно беше


На Медицинскиот факултет (МФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се запишал во учебната 1953/54 година, па на тој начин станал дел од петтата генерација студенти запишани на МФ во Скопје.

- За упис на факултетот немаше приемен испит, се сметаше само успехот од средното образование, според кој бев рангиран на 22. место од вкупно примени 120 бруцоши. Немаше приговори, чесно беше. Истовремено, во државата се донесе декрет дека секој што сака, има право да студира што било, без исполнување каков било предуслов, па огромен број студенти од други факултети се префрлија на Медицинскиот факултет. Во текот на првата академска година немаше место за следење на предавањата во амфитеатрите, но сликата беше веќе значително поразлична по првите колоквиуми и испити - се присетува Демерџиев.



Предавањата се одржувале главно наративно, но дел од професорите знаеле да донесат и практичен пример пред студентите. Немало професор Македонец, најголемиот дел биле Хрвати, Срби и Словенци, луѓе кои не биле во добри односи со тогашната КПЈ (кои потекнувале од аристократски семејства), па биле донесени во Македонија, практично „по казна“.

Најкраткиот испит траел 30 секунди

Литературата не била лесно достапна како што е денес, меѓутоа, конкретно за медицинските студии не било невозможно да се дојде до неа.

- Најчесто се служевме со книги на српско-хрватски јазик, конкретен пример се изданија на Медицинска книга - Загреб. Односот на професорите при изведување на испитите беше повеќе од коректен. Испитите никогаш не се изведуваа во четири очи, туку секогаш пред аудиториум, било да е тоа во предавална (амфитеатар) или во канцеларијата на професорот. Постојат и случаи кога професорот знаел да побара мислење од другите студенти за тоа како тие би го оцениле кандидатот што одговара. Морам да го споменам најкраткиот испит – биохемија, кој траеше 20-30 секунди. Полагав кај професорот Иван Беркеш и колегата пред мене доби прашање кој ензим и кој C-атом го цепи едно соединение. И денеска го знам одговорот. Тој не знаеше, па следен бев јас и одма му одговорив. Ми рече да одам на табла и во одот кон подиумот ме праша дали знам кој е Лајнус Полинг. Му реков дека знам, дека е добитник на Нобелова награда по хемија, голем борец за човекови права. Ми го зеде индексот и ми пиша максимална оценка. Испитот заврши - вели Кирил.



Студирањето во тоа време било бесплатно, а за храна имало организирани студентски мензи. Единствен трошок за студирањето, освен домувањето кое не било покриено од државата, било плаќањето таксени марки за полагање испити. Бидејќи тој живеел во изнајмена соба заедно со уште двајца други студенти, подготовките на испитите вообичаено ги правел во библиотеката на факултетот. Немале греење во собата, па зимно време ја користеле исклучиво за преспивање.

Завршени студии со просек 9,04 во 1959 година

- Физиологија положив со 10-ка. Институтот објави оглас за демонстратори, а услов беше да е положена физиологија со 9-ка или 10-ка. Се пријавив и ме примија. Хонорарот што го добив многу ми помогна во снабдувањето со медицинска литература која ја нарачував од Медицинска книга - Загреб. Потоа оттаму почнаа да ме известуваат за секое ново издание и секоја година ми праќаа каталози - се сеќава Демерџиев.

Слободното време студентите го минувале на тогашното скопско корзо, кое се одвивало од Старата железничка станица до плоштадот „Македонија“. Поретко оделе на театар или на кино, а исклучително ретко во кафеана и на опера.

Кирил Демерџиев ги завршил студиите со просечен успех 9,04 во 1959 година. Неколку месеци пред да дипломира добил стипендија од Негорски Бањи, а сѐ уште го немал отслужено задолжителниот воен рок од една година (постоела можност воениот рок да се отслужи по завршувањето на факултетот, така што дипломираните лекари, стоматолози и фармацевти не посетувале класична воена обука, туку служеле во Воено-медициската академија во Белград). Можностите за вработување во тоа време биле поголеми - уште како студент бил вработен на Институтот за физиологија, а во текот на студирањето добил понуда и за вработување на Институтот за бактериологија со полно работно време, па дури и понуда за специјализација во Лондон. Добиените пари за одработените часови на факултетот ги користел претежно за снабдување со литература од Загреб.



По војска - вработување

- По отслужувањето на воениот рок се вработив во општата амбуланта при Здравствениот дом во Гевгелија, која подоцна прерасна во Медицински центар. Го водев најпрво детскиот диспанзер, во кој покрај болните деца се спроведуваше и вакцинација со која се опфаќаа сите деца. Поради потребата од воведување гинеколошко-акушерско одделение, во 1964 година почнав со специјализација во конкретната област. Потоа работев во „Алкалоид“ и на Гинеколошко-акушерската клиника при Клиничкиот центар во Скопје (денешна Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство) каде што ја одбранив мојата докторска дисертација, на 8.12.1986 - споделува Демерџиев.

Избран е за доцент, а потоа и за вонреден професор при МФ, звање со кое и се пензионира на 1.10.1998. Околу угледот на професијата во тоа време, Демерџиев вели дека тоа отсекогаш зависело и од самиот човек. Еден интересен пример за тоа е од времето кога решил да го напушти Медицинскиот центар во Гевгелија. Група жени од Гевгелија потпишале петиција која била доставена до општинското раководство, а преку неа барале тој да остане.

Кирил Демерџиев е автор на 2 книги, „Автогеноцид“ и „Тријазичен (латинско-македонско-англиски) медицински речник“.

Фото: приватна архива