Вертикална градина и велосипедска патека на покривот - училиште што ќе го чисти воздухот

Вертикална градина и велосипедска патека на покривот - училиште што ќе го чисти воздухот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Овој дизајн на „шумско училиште“ беше победник на натпреварот за создавање нов образовен објект во Пуна, град во Западна Индија.

Дизајнот е на студиото „Нјудс“, кое специјализира за мешање социјални, културни и еколошки аспекти во една зграда.

Градот Пуна е сведок на драматичен урбан раст, како и влошување на квалитетот на воздухот во последната деценија. Тој е осми по ред најнаселен град во Индија, а нивото на загадувачи редовно ги надминува и индиските стандарди и упатствата на Светската здравствена организација. Истражување од 2018 година покажа дека загадувањето на воздухот во Пуна е четири пати повисоко од стандардот на СЗО.

Дизајнот „шумско училиште“ се справува со овој проблем. Вертикалната градина ќе служи за прочистување на воздухот од загадувачи и хемикалии и ќе го претвора јаглеродниот диоксид во кислород. Здравата училишна средина ќе ја надополнува „бесконечната“ велосипедска патека на покривот.

1

2

Велосипедската патека ќе создава два моста меѓу кулите.

- Пуна е приближно три часа оддалечен од Мумбај, а доживеа драматичен урбан раст во последната деценија - вели основачот на „Нјудс“, Нуру Карим.

На секој кат ќе има посебен влез што на професионалните хортикултуристи ќе им овозможи пристап до зелената фасада за да ги одржуваат растенијата. Сепак, на учениците нема да им биде дозволен пристапот поради безбедносни причини.

3

4

- Но, дел од овие растенија ќе ги одгледуваат учениците на приземјето пред да бидат поставени на повисок кат - вели Карим.

Училиштето ќе прима деца од претшколска возраст до 18 години. „Нјудс“ се надева дека проектот ќе биде здрава училишна средина со можности учениците уште од мала возраст да учат за природната средина и климатските промени.

5

6

Изградбата треба да почне во 2021 година.

Извор:  Euronews.com | Dezeen.com
Фотографии: Nudes