Големо рандомизирано истражување за тоа колку добро функционираат маските против ковид-инфекциите може да е една од најважните студии за пандемијата.
Истражувањето, кое следеше повеќе од 340.000 возрасни во 600 села во руралниот Бангладеш, е досега најголемото рандомизирано истражување за ефикасноста на маските за ограничување на ширењето на ковид-инфекциите.
Авторите на истражувањето велат дека ова обезбедува убедливи докази од реалниот свет за она што лабораториската работа и други истражувања веќе посочуваа: носењето маски може да има значително влијание врз ограничувањето на ширењето на ковид-19.
- Мислам дека ова во основа треба да ѝ стави крај на секоја научна дебата за тоа дали маските се ефикасни во борбата против ковид на ниво на популација - вели Џејсон Абалук, економист од Универзитетот „Јеил“, кој помогнал во водењето на истражувањето.
Истражувачите проценуваат дека меѓу група возрасни лица од Бангладеш што биле охрабрени да носат маски, носењето маски се зголемило за 28,8 процентни поени. Кога се следела, оваа група забележала 9,3 отсто намалување на симптоматската серопреваленца на ковид-19, што значи дека вирусот бил потврден со крвна слика, како и дополнително намалување на симптомите на ковид-19 за 11,9 отсто.
Авторите на истражувањето предводени од Абалук, Лаура Квонг, Стив Луби, Ахмед Мушфик Мобарак и Ешли Стичински - тим што опфаќа истражувачи од цел свет (Универзитетот „Јеил“, „Стенфорд“ и непрофитната организација „Гринвојс“ од Бангладеш), нагласија дека ова не значи дека маските се само 9,3 отсто ефикасни.
Фото: Freepik
- Мислам дека голема грешка е да се прочита истражувањето и да се каже: „Маските можат да спречат само 10 отсто од симптоматските инфекции“. Бројот веројатно би бил неколку пати поголем ако носењето маски е универзално - вели Абалук.
Истражувањето е под рецензија на списанието „Сајнс“. Авторите им овозможија на новинарите ран поглед на резултатите поради нивната потенцијална важност во глобалните дебати за јавно здравје.
Независни експерти од кои беше побарано да го разгледаат истражувањето го пофалија неговиот обем; некои посочуваа дека тоа е можеби најубедливиот аргумент досега за
носење маска.
- Ова е неверојатно предизвикувачка студија. Луѓето што се против носење маски постојано велат: „Каде е рандомизираното контролно истражување?“ Е па, еве го! - вели Меган Л. Рани, лекар за итна медицина и професорка на Универзитетот „Браун“, која не била вклучена во истражувањето.
Обемот на проектот, кој почна во ноември и заврши во април 2021 година, е значаен. Околу 178.000 селани од Бангладеш беа охрабрени да носат маски. Дополнителни 163.000 беа во контролна група, каде што не беа извршени интервенции. Проектот ги оцени нивоата на носење маски и физичко дистанцирање преку директни набљудувања од персонал во заедницата, во џамии, пазари и на други места.
- Ова е проект што не може да се изврши само со неколку луѓе. Ова е причината зошто стотици луѓе се вклучени во проектот. Затоа трудот има многу коавтори - вели Абалук.
Носењето маски беше наложено во Бангладеш од март 2020 година, иако усвојувањето остана ограничено. Истражувачите откриле дека успеале да го зголемат носењето маски во групата за интервенција од 13 отсто на 42 отсто - зголемување од 28,8 процентни поени. Ефектот беше забележан и беше конзистентен во текот на 10 недели и опстојуваше по завршувањето на интервенциите.
Оваа студија содржи три клучни набљудувања, вели Рани.
Прво, истражувањето нуди уште повеќе докази дека маските функционираат за заштита на носителот и на заедницата. Бидејќи истражувачкиот тим беше во можност само да документира случаи во кои луѓето беа симптоматични и беа серопозитивни на вирусот, Рани се согласи дека резултатите може да бидат потценети.
- За мене, ова е минималниот ефект на носење маски во заедницата. Очекувам вистинскиот ефект од маските да биде многу поголем - вели Рани.
Второ, истражувањето покажува дека маските со подобар квалитет нудат супериорна заштита.
И трето, истражувањето покажува како да се мотивираат луѓето во заедницата да носат маски, правејќи ги маските социјална норма.
Исто така, истражувањето ја отфрлува идејата дека маските се само за индивидуална заштита. Авторите откриваат дека маските од ткаенина ги намалуваат симптомите, но за разлика од хируршките маски, тие може да имаат само мал ефект врз симптоматските инфекции. Но, Абалук нагласи дека истражувањето не дало докази дека маските од ткаенина се неефикасни.
- Резултатите не покажуваат нужно дека хируршките маски се многу, многу подобри од маските од ткаенина, но наоѓаме многу појасен доказ за ефикасноста на хируршките маски - вели Абалук.
Авторите планираат да спроведат повеќе истражувања, вклучително и евалуација за тоа како маските го ограничуваат симптоматското ширење.
Но, постојните истражувања би можеле да имаат значително влијание врз идната политика - и може да покренат прашања и за минатите политики.
- Во ова истражување на луѓето им беа дадени маски, а потоа им беше кажано дека од нив се очекува да ги носат - вели Рани. Нешто слично се случи во САД. Во април 2020 година, за време на администрацијата на Трамп, Поштенската служба направи планови да испрати пет маски до секое американско домаќинство. Но, таа стратегија беше напуштена.
- Една од работите што се прашувам е: Ако на сите ни беа испратени маски на ист начин како што имаа учесниците во ова истражување, дали ќе го намаливме бројот на починати од ковид-19 - вели Рани.
Фото: Freepik