Седењето по цел ден пред компјутер да се замени со трчање, но правилно и редовно, советува атлетската легенда Вера Вељановска

Седењето по цел ден пред компјутер да се замени со трчање, но правилно и редовно, советува атлетската легенда Вера Вељановска

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Летото е период кога многу млади одлучуваат да ја намалат тежината трчајќи, но како да се постигнат најдобрите резултати?

Препорачливо е младите да трчаат наместо да седат по цел ден пред компјутер или на телефон. Но, притоа движењето на телото треба да биде правилно. Доколку сакаат да ја намалат тежината и да добијат убава форма на телото, потребна е дисциплина, а не паузи во спортувањето, советува Вера Вељановска, некогашна македонска атлетска легенда чии рекорди во трчање на кратки патеки уште од пред половина век тешко се надминуваат.

- При трчањето мора правилно да се движиме, со нозете, рацете. Гледам многумина во паркот што трчаат, но не знаат дека неправилно го држат телото. Доколку се трча погрешно, може да дојде до воспаление на мускулатурата. Држењето на телото, на главата, за сè има правила. А со сите неправилности што ги гледам во паркот, ништо не се постигнува, но ретко кој од оние што трчаат се обраќа кај луѓе кои ја познаваат таа проблематика - вели Вељановска.

Фотографија од архивата на „Трчај бе“

Со три-четири тренинзи нема резултат, потребни се неколку месеци

Работниот век го помина како наставничка по физичко воспитување. Денес е пензионерка, но и понатаму ја шири мисијата на нејзиниот живот - да ги натера децата што повеќе да спортуваат. Од тие побуди е тренер во Атлетскиот клуб „Олимп“ во Битола. Вели дека во клубот доаѓаат и млади лица кои сакаат да ослабат, но често им недостига упорност.

- Зависи од личноста, колку е подготвена да вложи за да ја намали тежината. Сме имале случаи, доаѓаат, но по една недела ги нема, па пак по една недела се јавуваат. Треба да се работи континуирано. Дисциплина и желба, без нив ништо не се постигнува. Ако имаат мотивација, не е проблем, ако не, ќе дојдат три-четири пати, па потоа ќе се откажат. За едно пет-шест месеци ако научат правилно одење и трчање, може да се намали тежината - вели Вељановска.

По тренингот да не се јадат пици

- Не треба по тренингот лицето да оди да јаде пици, благо, да пие газирани сокови, така нема да има ефект. Вистина е дека со тренингот се губат шеќери, но може да јаде салата, една рака суво грозје, банана - додава атлетичарката.

Според неа, за младите е подобро трчањето во природа отколку вежбањето во сала. Вели дека со кревање тегови можат да стават мускули, но атлетиката ќе им овозможи побрзо слабеење, како и набивање кондиција која е многу важна не само за трчањето, туку и за да се издржи поголем товар во животот, да се изврши некоја физичка работа или како што на шега го наведува нејзиниот пример - дека во зградата каде што живее 94 скалила ги качува како да се четириесетина.



Салата од домати е добар избор, а краставицата организмот ја вари 12 часа

Денес младите се изложени на голем број реклами за слабеење во кои најчесто се нудат препарати со чудотворна моќ и ефекти за многу пократок период од оној што е потребен за да се постигне резултат со вежбање. Но, според Вера, вистинската формула за успех е редовен тренинг и правилна исхрана.

- Зошто се потребни тие вештачки витамини? Ние сме земја богата со природна храна која изобилува со витамини. Салатите од домати се препорачливи во овој период, краставицата не би требало да се употребува често зашто на организмот му требаат 12 часа за да ја свари. Но, за оние што тренираат се препорачува да консумираат и пилешко и риба - додава таа.

Трчање трипати неделно, а преостанатите денови вежби дома

За аматерите што трчаат и со тоа сакаат да ја подобрат кондицијата, здравјето, изгледот, препорачува за почеток да трчаат трипати неделно. Бидејќи е лето, тренинзите да бидат претпладне до 10 часот или попладне по 18 часот. Доволен е еден час тренинг. Во преостанатите денови можат дома да прават вежби за телото.

За време на атлетската кариера Вера ги бранела боите и на Македонија и на Југославија. Има освоено 70 златни, 15 сребрени и три бронзени медали, една златна и две сребрени плакети, многу пехари, награди и признанија. Рекордите што ги постигнала во трчање на кратки патеки и натаму не можат да се надминат: 7,3 секунди на 60 метри во сала во Букурешт, 7,5 секунди на 60 метри во сала во Сплит, 11,6 секунди на 100 метри на отворено во Букурешт, 24 секунди на 200 метри на отворено во Софија.

Фотографија од архивата на „Трчај бе“

Додека нејзините врснички воделе љубов по парковите, битолската газела трчала

- Како млада одев на училиште и тренирав. Станував во 6 часот за да појадувам, одев на училиште, се враќав, учев и во 15:30 часот бев во битолскиот парк. Тој беше резервиран за мене, и на дожд и на снег, дали студело или било жешко, немаше не можам или не одам. Тоа беше мојот живот. Дома се враќав околу 19 часот, ќе напишев домашна и во 22 часот бев в кревет. Строг режим, откажување од многу работи. Во „Битолски весник“ напишаа: „Додека нејзините врснички водат љубов по парковите, битолската газела трча“ - се присети Вељановска.

Во последните години беше разочарана што интересот за спорт страшно опадна кај децата, па честа е појавата на деформитети и дебелина. Но, надеж ѝ дадоа трките што во последните години редовно и традиционално се одржуваат во Македонија. Меѓу нив и „Трчај бе“ во Битола каде што таа, со цел да ги инспирира младите да трчаат што повеќе, во неколку наврати им ги додели медалите и пехарите на победниците.

- Трките треба да се пример за младите. Се подготвуваат цела година за да настапат и доколку традиционално се одржуваат, тоа е мотивација плус за нив. Препорачувам младите да трчаат. Тоа е благодат. Тоа е рецепт за здрав живот. За на возраст како мојата да можат да трчаат по внуците и да се чувствуваат здраво - вели Вељановска.

Фото: приватна архива