Родителите на децата со попреченост се гневни што нивните деца останаа дома: Образовни асистенти ќе добијат од вторник, најави МОН
Родителите на децата со попреченост се гневни на Министерството за образование бидејќи поради доцниот избор и потпишување договори за вработување со образовните асистенти за оваа учебна година, нивните деца останаа дома на првиот училиштен ден и во првата учебна недела.
Зоран Мијалков од Штип, самохран татко на два сина со посебни потреби и претседател на Здружението „Сплотени срца“, во кое членуваат над 3.000 семејства, за „Факултети.мк“ вели дека поради пропустите на МОН, нивните деца не можеле да следат настава цела недела обвинувајќи ја министерката дека изнесува неточни информации за состојбата со образовните асистенти.
- Министерката за образование Весна Јаневска лаже без срам и перде. Асистентите сѐ уште немаат потпишано договори. Во моментов се викнати во ресурсните центри, но не знаеме дали ќе полагаат или ќе потпишуваат договори за работа. Министерката изјави дека на 2 септември ќе се потпишат договорите и дека од следниот ден децата ќе добијат асистенти. Немаат интегритет ни да кажат дека направиле грешка и дека ненавремено ја спровеле целата процедура. Направија дискриминација на нашите деца, а нема никој да сноси одговорност за тоа - обвини Мијалков.
Според родителот и активист од Здружението „Сплотени срца“, проблемот е што ненавремено почнуваат процедурите, а би требало да се знае сѐ до крајот на август.
- Во овој случај, поради нивна неажурност, направија дискриминација и рушење на едно од основните човекови права на нашите деца. И немаат доблест да признаат грешка и да се извинат. Сите министри си играат играчки со концептот на инклузивност. Во нормалните земји за вакви прашања се прави консензус и на долги патеки си има системски решенија кои вистински го подобруваат квалитетот на животот на ранливите категории. Тоа на сите досега им го укажувам, но немаат слух.
Кој како дојде, си прави експерименти со нашите деца. А партиите немаат чувство дека околу вакво важно прашање треба да се единствени. А не само преку нашата мака да се трудат да се препукуваат за политички поени. Срам да им е - коментира Мијалков.
Од МОН велат дека процедурата за ангажирање образовни асистенти неколку години наназад е иста и се доцни со потпишување на договорите поради постапката. До август родителите на деца со попречености ги пријавуваат своите деца во кое училиште ќе учат и според резултатите од уписите, се распишува јавен повик за ангажирање образовни асистенти кои мора да поминат и професионална обука за деца со посебни потреби што ја организираат училиштата.
Фото: МОН
Во училиштата веќе се потпишуваат договорите и според најавите на МОН, во вторник децата со попречености ќе ги добијат своите образовни асистенти.
- Сакам да информирам дека за ангажирање 815 образовни асистенти огласите се веќе завршени, се потпишуваат договорите и следната работна недела влегуваат во училиштата. Одлучивме да ангажираме и дополнителни 200 образовни асистенти за кои обезбедивме средства со ребалансот на буџетот. Огласите се објавени и постапките ќе се заокружат за десетина дена. Со тоа ќе ја надминеме бројката од 1.000 образовни асистенти во основните училишта, односно ќе има 1020 асистенти - објави министерката за образование и наука.