Започнува нов образовен модел „Бибиверзум“

Започнува нов образовен модел „Бибиверзум“

Овозможете му на вашето дете да истражува и да учи во „Бибиверзум“

Ако вашето дете има од 5 до 7 години и сакате да истражува, да научи како да мисли, а не што да мисли, да се сомнева, да прашува, да прави грешки и да учи од сопствените грешки, и најважно - да му биде убаво и забавно додека учи, пријавете го да стане член на нашиот „Бибиверзум“. Образовниот центар, кој се наоѓа во Градскиот трговски центар, I кат во Скопје (веднаш до ресторанот „Џино“) е дел од големата образовна платформа „Во светот на Биби“, која вклучува многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата.


Од 21 октомври почнуваме со пилот-програмата која први ќе можат да ја искусат 40 дечиња на возраст од 5 до 7 години. Ќе се работи во пет групи од по осум деца, а секоја група ќе се среќава еднаш неделно, во терминот од 18 до 19:30 часот во работни денови. Цената изнесува 2.000 денари месечно.
Пријавувањето на децата ќе биде онлајн, на страницата Деца.мк, а ќе започне во вторник (8 октомври) точно напладне. Предност ќе имаат децата што ќе бидат први пријавени.

А што ќе учат децата во наредните два месеца?

Од 21 до 25 октомври во фокусот ќе ни биде темата „Ние и светот“. Ќе учиме за развивање на свеста за светот во кој живееме, како и за културата за одржлива иднина и развој. Од 28 октомври до 1 ноември нашата тема на интерес ќе биде „Почувствувај ја природата“.
Од 4 до 8 ноември ќе зборуваме за мојот карактер. Од 11 до 15 ноември ќе се интересираме за мојот мајчин јазик и развојот и културата на говор, интеракција и изразување. Од 18 до 22 ноември ќе зборуваме за „Светот на уметноста“, затоа што природен јазик на децата е јазикот на уметноста. Од 25 до 29 ноември ќе истражуваме во „Лабораторијата на Биби“. Од 2 до 6 декември ќе се интересираме на тема „Мојата професија“ и ќе развиваме навики кон работата. Од 9 до 13 декември ќе учиме повеќе за медиумската писменост во темата „Поврзување (Конекција)“.

Омилените анимирани ликови на децата, Биби и Боби, ќе бидат дел од програмата.
Образовната платформа вклучува многу образовни алатки и ресурси за воспитување и образование на децата. Сите тие ќе бидат дел од програмата во „Бибиверзум“, во која ќе ги интегрираме и користиме со цел децата да го запознаваат животот, да го доживуваат неговото богатство, да ги почувствуваат и да влезат во неговите убавини, да се соочуваат со неговите спротивности и промени, постепено да го согледуваат своето место во реалноста.