ЦИА започна регрутација на шпиони преку социјалните мрежи

ЦИА започна регрутација на шпиони преку социјалните мрежи

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

САД започнаа нова кампања за регрутирање шпиони од Кина, Иран и Северна Кореја.

На 2 октомври ЦИА објави порака на своите социјални медиуми на мандарински, персиски и корејски јазик, со упатства на корисниците како безбедно да ја контактираат.

Ова доаѓа по кампањата за регрутирање Руси по инвазијата на Украина, за која ЦИА тврди дека била успешна.

- Сакаме да се осигуриме дека поединците во други авторитарни режими знаат дека сме отворени за соработка - се вели во соопштението на портпаролот на ЦИА. Пораките за регрутирање објавени на платформи како „Твитер“, „Фејсбук“, „Јутјуб“, „Инстаграм“, „Телеграм“ и „Линкдин“ бараа имиња, локации и податоци за контакт на поединци.



Деталните упатства ги советуваат корисниците да ја контактираат ЦИА преку нејзината официјална веб-страница со користење шифрирани виртуелни приватни мрежи (VPN) или преку анонимниот веб-пребарувач познат како „Тор мрежа“.

- Не можам да се сетам на сличен напор за регрутирање како овој што ги користи социјалните медиуми на овој начин, барем не на корејски - вели Мејсон Ричи, вонреден професор по меѓународна политика на Универзитетот за странски студии „Ханкук“ во Сеул.

- Се чини дека ЦИА се надоврзува на успехот што го постигна Русија, но се прашувам колку ефективно ќе биде ова со оглед на тоа што повеќето Севернокорејци немаат пристап до интернет - додава професорот Ричи.



Професорот посочува дека САД можеби ќе ги таргетираат севернокорејските трговци кои неформално ја преминуваат границата со Кина и кои можеби имаат пристап до VPN-мрежи. Американските разузнавачки агенции ги сметаат Северна Кореја, Иран и Кина за „тешки цели“ кога станува збор за собирање разузнавачки информации, со оглед на строгите контроли и надзор што сите овие земји ги користат за да го потиснат несогласувањето.

Извор: 6yka.com
Фото: Instagram