Срам ми е да кажам пред колегите од Србија и од Бугарија колку Македонија издвојува за наука!

Срам ми е да кажам пред колегите од Србија и од Бугарија колку Македонија издвојува за наука!

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Работилницата „Предизвици на патот на македонските универзитети кон европската истражувачка зона и Шангајската листа“ ја организира алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“ на Факултетот за електротехника и информациски технологии

„Колку Македонија одвојува за наука?! Срам ми е да кажам пред колегите од Србија и од Бугарија“. Со овие зборови д-р Гордана Богоева-Гацева, професорка на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, го почна уводното предавање на работилницата „Предизвици на патот на македонските универзитети кон европската истражувачка зона и Шангајската листа“ што ја организира алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“ на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Од работилницата на ФЕИТ

Повеќе од 50 научници, претежно универзитетски професори од земјава и од регионот, учествуваа на собирот чија цел беше вмрежување на алумните на фондациите ДААД и Александер фон Хумболт во нашата земја со пошироката академска заедница, промовирање на академската соработка и размена со Германија, да поттикне дебата за неповолната состојба во која се наоѓа академскиот и истражувачки сектор во Македонија.

- Алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД Клубот-Македонија“ е формирана во 2004 година и има академска мисија да ја промовира научната извонредност во Македонија, во согласност со начелата на овие фондации во Германија, кои уживаат врвно реноме во светот во смисла на поддршка на истакната научници од сите научни подрачја низ светот - потенцира проф. д-р Валентин Мирчески, претседател на клубот.

Проф. д-р Зоран Хаџи Велков, член на клубот, објасни дека уште во мај годинава ги актуализирале клучните прашања во однос на високото образование и во науката во нашата земја.

Бугарија има стратегија за наука 2017-2030

За состојбите во високото образование во Бугарија збoруваше д-р Силвија Бојчева, вонреден професор на Факултетот за енергетика при Техничкиот универзитет во Софија. Таа нагласи дека ѝ е чест да учествува на собир каде што се говори за состојбите во науката на Балканот. Бојчева детаљно ги претстави состојбите на Техничкиот универзитет и соопшти интересни графикони за финансирањето на високото образование и на науката во Бугарија, начинот на кој се запишуваат студентите на универзитетите, реформите во законите во последните години, ја начна темата за одлив на високоинтелектуален кадар од Бугарија.
- Техничкиот универзитет е најголемиот и највлијателен од овој тим во Бугарија. Има 14 факултети, два оддели, три училишта и еден колеџ. Ја развива структурата во последните години, има модерна библиотека и истражувачки центри и во моментот околу 1.000 студенти од странство - рече таа.

Проф. д-р Силвија Бојчева

Бојчева објасни дека и во Бугарија, како и секаде во светот, образованието е многу важно, но состојбите тешко се подобруваат. Економските резултати се добиваат по долго време, голема улога игра човечкиот фактор. И во Бугарија има дефицит од инженерски кадри од сите профили наспроти административните кадри.
- Универзитетот се финансира од два извора – од државата (84,86%) и од сопствени средства (15,04%). Студентските такси се симболични, а државата ги враќа преку стипендии или награди за магистерски и докторски студии. Има многу олеснувања за студентите - објасни Бојчева.

Иако потенцира дека состојбата во науката не е идеална, особено со научните списанија чиј рејтинг е најнизок во изминатите 30 години поради лошото финансирање од државата, сепак, веќе се гледаат придобивките од долгорочната Програма за развој на науката 2017-2030.

- Поделена е во неколку фази. Периодот до 2022 е период на т.н. ренесанса, а до 2025 е периодот на развој. Веќе до 2030 година треба да го достигнеме светското ниво. И драго ми што можам да кажам дека веќе се гледаат позитивните резултати од оваа стратегија - рече Бојчева.

Србија лани издвоила 160 милиони евра за наука

Реформите во високото образование и во науката во Србија ги претстави д-р Мирослав Трајановиќ, професор на Машинскиот факултет при Универзитетот во Ниш, Србија. Тој беше и преговарачот на Србија за поглавјето „наука“ со Европската Унија, кое е веќе успешно затворено.

Тој објасни дека во последните две години успеале да донесат два нови закона за наука. Бројките покажуваат дека во 2018 година Србија издвоила 160 милиони евра за наука и истражувања.
- Тоа и не е така многу – 0,37% од БДП на Србија. Толку чини еден подобро опремен борбен авион. Со овој буџет лани финансиравме 12.000 истражувачи. Имаше значајни индустриски производи. Но, „Мајкрософт“ лани отвори истражувачки центар во Белград и за една година вработи 130 истражувачи. Тоа малку ја измести рамнотежата на просекот - објасни Трајановиќ.

Проф. д-р Мирослав Трајановиќ

Најголем дел од буџетот за наука бил издвоен за основни истражувања. Според Трајановиќ, тоа е добро, но овој сектор многу бавно ги враќа парите. Бенефитот се гледа по многу години. Голем дел од истражувањата биле од техничките области и излегле многу добри проекти.
- Најинтересни проекти донесоа интегрираните и интердисциплинарни истражувања. Споија различни луѓе од различни области и дадоа идеи за многу нови проекти и одлични резултати - рече Трајановиќ.

Тој додаде дека направиле и реформа во начинот на напредување во научни звања. Статистиката покажала дека во 15 отсто од пријавите за унапредување има обиди да се заобиколи вистината и да се лажираат документите.
- Дури имаше случај каде што кандидат креирал посебна научна веб-страница за да прикаже дека го „објавил“ својот научен труд. Го лажирал списанието за да исполни критериуми! Се шегувавме дека само за тој труд заслужува докторат - раскажа Трајановиќ.

Тој поентираше дека иднината на науката е во платформи за отворена наука, каде што секој научник ќе има пристап до резултати од истражувања кои ќе може да ги комбинира и да поставува нови научни тези.

Македонија на дното, а има 136 факултети

Д-р Гордана Богоева-Гацева ја претстави состојбата во науката во Македонија. Последните податоци покажуваат дека во земјава има 16 универзитети и 2, односно 3 виши школи.
- Во 2018 година реакредитирани се 1.500, односно акредитирани се 2.000 студиски програми. На 2.077.132 население (според последни неофицијални податоци) - рече Богоева-Гацева.

Проф. д-р Гордана Богоева-Гацева

Во академската 2018/2019 година биле евидентирани 136 факултети, од кои 21, односно 22 биле правни факултети. Од вкупното население 2,8% биле студенти, а од нив најголем дел (87%) студирале на државните универзитети. Во оваа академска година наставниот кадар изнесувал 4.232 вработени, од кои 71,7% биле наставници.

- Заклучокот е дека нема подмладок на професорскиот кадар. Издвојувањата за наука не само што се најниски во Европа туку и во регионот. Не се осмелувам да кажам колкав е процентот. Се донесе нов закон за високо образование во 2018 година кој налага формирање на нови тела кои до денес не се создадени. Од 2009 година не сме имаме конкурс за национални научни проекти! – потенцира Богоева-Гацева.

Работилницата заврши со сумирани заклучоци и заедничка изјава на учесниците која ќе биде испратена до релевантните институции во Македонија.