Што покажуваат резултатите од експерименталните концерти во Германија?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Истражувачите заклучија дека постои мал или многу мал ризик за ширење на Ковид-19 за време на концерти на затворено ако се следат мерките за безбедност.
Во август годинава научниците одржале три експериментални концерти во Германија за да видат како се шири болеста на настани на затворено. Истражувачите штотуку ги објавија резултатите од експериментите и заклучуваат дека ризикот за ширење на Ковид-19 на концерти на затворено е мал или многу мал доколку се следат протоколите.
На секој од
експерименталните концерти присуствувале над 1.200 волонтери кои носеле маски. Сите учесници во истражувањето биле тестирани за Ковид-19 пред концертите. Учесниците носеле уреди за следење на локацијата и користеле флуоресцентно средство за дезинфекција за истражувачите да можат да видат кои се најчесто допирани површини.
Фото: Pixabay
За време на концертите се симулирале три сценарија според почитувањето на протоколите. Се покажало дека ризикот за ширење на болеста е најмал кога учесниците одржувале физичка дистанца.
Според Мајкл Гекл, кој бил вклучен во истражувачкиот тим, ризикот од заразување со коронавирусот на концерти на затворено е мал доколку се почитуваат мерките и затоа нема аргументи против одржувањето концерти. Истражувањето заклучува дека најголем фактор во намалувањето на ризикот од зараза игра физичката дистанца, а голема улога игра и проветрувањето.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека иако резултатите се позитивни, треба да се запомни дека е тешко да се почитуваат мерките во реалноста.
Извор:
dazeddigital.com