Можеби и вие боледувате од треска во саботна вечер

Можеби и вие боледувате од треска во саботна вечер

Директен притисок на вашата аксила подолг временски период може да доведе до компресивна невропатија на радијалниот нерв (положбата на раката, високо испружена нагоре, додека се наоѓате во дискотека, играјќи на вашата омилена песна, фаќајќи ритам).

Радијалниот нерв потекнува од брахијалниот плексус, поточно од корените на C5 до T1, кои произлегуваат од задниот сегмент на истоимениот плексус. Нервот оди длабоко до аксиларната артерија, а потоа поминува инфериорно, сѐ до медијалниот аспект на хумерусот (надлакотна коска). Компресијата на радијалниот нерв резултира со пареза или парализа, во зависност од должината и степенот на компресија, што ја нарушува неговата моторна и сензорна функција. Може да биде резултат на абнормално позиционирање или неправилно користење на потпазувни патерици, носење компресивна облека или аксесоари, па дури и од позицијата на манжетната за мерење крвен притисок подолг временски период.

ЕТИОЛОГИЈА

Трауматските причини вклучуваат фрактури (скршеници) на хумерусот, кои се честа причина за повреда на радијалниот нерв. Предната гленохумерална дислокација (исчашување) на рамото ретко може да резултира со повреда на радијалниот нерв и треба да се земе предвид кај секој пациент. Секоја операција или инјекција која вклучува анатомија поврзана со патеката на радијалниот нерв може да резултира со јатрогена повреда. Нервната парализа може да биде предизвикана од внатрешна компресија предизвикана од цисти, маси, тумори, мускулна хипертрофија и фиброзно ткиво. Изолираните парализи може да бидат предизвикани од репетитивна прекумерна употреба или невролошки заболувања, а кај некои пациенти е откриено дека имаат акутни исхемични мозочни удари откако ќе се претстават со изолирани симптоми.



ПРЕВАЛЕНЦИЈА

Преваленцијата е проценета на 2,97 на 100.000 мажи и 1.42 на 100.000 жени. Во Соединетите Американски Држави таа е рангирана како 4. најчеста мононевропатија, а исто така е многу честа и на други места во светот.

СИМПТОМАТОЛОГИЈА

Појавата на симптомите може да потрае неколку дена по првичното повредување, што резултира со одложена презентација.
Пациентите може да пријават вкочанетост, слабост, пецкање, болка или која било комбинација од овие симптоми.

КЛИНИЧКИ ПРЕГЛЕД

Физикалниот преглед може да открие карактеристичен пад на рачниот зглоб (drop hand), предизвикан од губење на функцијата на екстензорните мускули, контролирани од радијалните нервни гранки и зачувување на функцијата на флексорните мускули обезбедени од другите нерви во раката (n.medianus & n.ulnaris).  Пациентите сè уште можат да ги испружат прстите на ниво на проксималните и дисталните интерфалангеални зглобови, токму поради инервација од улнарниот нерв. 

Афекција на трицепсот, исто така, може да биде присутна. Сензорните дефицити најчесто ја зафаќаат задната или надворешниот дел на надлактицата, при што симптомите се распределуваат дистално за да ја зафатат задната подлактница, задната рака и постеролатералниот аспект на радијалната страна на три и пол прсти на шаката (по должината на цело инервационо подрачје на радијалниот нерв).

ДИЈАГНОСТИЧКИ И ИМИЏИНГ-МЕТОДИ

На многу пациенти со јасна медицинска историја и физички преглед можеби нема да им треба дополнително дијагностичко тестирање бидејќи евалуацијата и дијагнозата на парализата во сабота навечер најчесто се проценуваат клинички, бидејќи се доста карактеристични. Рендгенската слика може да открие фрактури, дислокации и коскени тумори кои можат да бидат извор на оштетување на нервите. Дополнителни дијагностички методи, сепак, може да бидат корисни за процена на потенцијалните компликации и причини, како и за одредување на прогнозата.

Со цел да се направи разлика помеѓу цервикални радикулопатии, брахијални плексопатии и периферни невропатии, студиите за електромиографија и нервна спроводливост можат анатомски да ги локализираат лезиите. Ултразвукот е модалитет со ниска цена и низок ризик кој може да помогне да се визуализираат нервите и да се забележат областите на нарушување или оштетување. Исто така, може да биде многу корисно за рано откривање на очигледни нервни нарушувања и забрзување на раната хируршка интервенција во овие случаи. Магнетната резонанса (МРИ) може да обезбеди фини детали што ултразвукот не може и исто така може да идентификува кои мускули биле засегнати. Исто така, може да провери за дополнителен процес на болеста, невролошки нарушувања и маси на ткиво.

ТРЕТМАН

Парализата во сабота навечер е првенствено фокусирана на физичка рехабилитација; мека шина за зглоб што го одржува зглобот екстендиран за време на физикална терапија. Сепак, од суштинско значење е да се овозможи пасивен опсег на движење на зафатениот екстремитет за време на рехабилитацијата, што може да го обезбеди динамична шина.
Аналетската терапија, поткрепена со нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), системски кортикостероиди, стероидни инјекции и одмор, може да се додадат на претходните мерки на третман. Некои нови терапевтски стратегии вклучуваат користење на ултразвук за давање локализирани инјекции за да се забрза рекуперацијата (закрепнување). Хируршките методи се резервирани само за тешки повреди на радијалниот нерв или случаи каде што компресијата е предизвикана од внатрешен процес како што се маса, коска, туморозна формација или присуство на циста.

ПРОГНОЗА

Прогнозата се одредува според степенот на повредата, што се одредува според силата и времетраењето на компресијата.
Благата штета предизвикува невропраксија, минлив блок на спроводливост, што во ниту еден случај не резултира со нервна дегенерација. Овој тип на повреда речиси секогаш резултира со целосно закрепнување.

Умерено оштетување предизвикува аксонотмеза, која се карактеризира со аксонално оштетување и валеријанска дегенерација со нецелосно или доцно закрепнување. Тешката повреда предизвикува невротмеза, која се карактеризира со целосна деградација на аксонот и смрт на швановата клетка, со мала веројатност за целосно закрепнување. Пациентите со ова ниво на повреда речиси секогаш ќе бараат хируршка интервенција.

Степенот на оштетување може да биде комплициран за да се утврди само врз основа на електромиографија, а раното предвидување на прогнозата може да биде тешко да се направи. Закрепнувањето е бавно, дури и за благи случаи трае најмалку 2-4 месеци, а често и повеќе.

Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина, специјализант по ортопедија