Кои групи граѓани први би се вакцинирале против коронавирусот?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Светот наскоро ќе може да се вакцинира против Ковид-19, но, за жал, првите месеци нема да има доволно вакцини за сите. Во САД, вакцината на „Фајзер“ веројатно ќе биде првата што ќе биде одобрена за користење во следните недели. Компанијата изјавила дека може да произведе доволно вакцини за да се вакцинираат околу 12,5 милиони Американци до крајот на 2020, а тоа е околу 3,7% од населението во државата.
Иако има и други вакцини што чекаат одобрување, повеќето луѓе во САД ќе чекаат со месеци додека да се вакцинираат, а ова сценарио ги очекува и другите држави низ светот. Впрочем, вакцинацијата против Ковид-19 низ целиот свет може да трае со години.
За оние земји што ќе обезбедат вакцини, кои се граѓаните што први ќе се вакцинираат? Засега нема дефинитивни одговори, но многу надлежни агенции почнале да објавуваат планови за вакцинација.
Бил Крубер од „Фајзер“ открива дека вакцината прво ќе ја примат здравствените работници и лицата што имаат ризик од тешки болести. Според плановите во САД, први ќе се вакцинираат околу 20 милион доктори, медицински сестри, лабораториски техничари и други медицински лица.
Меѓу првите групи вакцинирани лица ќе бидат и околу 87 милиони работници што работат на обезбедување основни стоки и услуги и кои не може да работат од дома.
Фото: Pixabay
Меѓу првите вакцинирани лица ќе бидат и 100 милиони луѓе со здравствени состојби кои се во ризичните групи што може да развијат тешки симптоми на Ковид-19. Овде спаѓаат луѓето со болести на белите дробови и на имунолошкиот систем.
Ризикот за тешки компликации од Ковид-19 се зголемува со возраста, па затоа се препорачува и вакцинирање на околу 53 милиони Американци на возраст над 65 години.
Сите други граѓани ќе треба да чекаат за вакцина. Антони Фаучи, директор на американскиот институт за алергии и заразни болести, во ноември открил дека очекува другите граѓани во САД да бидат вакцинирани во април, мај или јуни 2021 година.
Ова не важи за другите држави, од кои поголемиот дел сè уште немаат набавено вакцини.
Автор: Дејл Смит
Извор:
cnet.com