Ново испитување дава надеж за лекување на мултипла склероза
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Повеќе од 2 милиона лица во светот имаат мултипла склероза (МС), болест која го погаѓа нервниот систем и може да доведе во проблеми со движењето, гледањето и мислењето. Иако има третмани кои може да помогнат во намалувањето на бројот и жестината на нападите на МС, многу луѓе со оваа болест на крајот развиваат уште потешка форма на болеста наречена секундарно прогресивна мултипла склероза. За жал, има малку третмани за секундарно прогресивна МС и нема одобрени лекови за најнапредните форми на болеста.
Неодамнешни податоци ги подгреаја надежите дека со користење на матични клетки може да се помогне во намалувањето на штетата. Тоа вклучува трансплантација на мозочни матични клетки, кои може да се развијат во речиси секој друг вид мозочни клетки и можеби да ги поправат оние што се оштетени од МС.
Истражувачи од „Кембриџ“ велат дека во новата студија прикажуваат ветувачки резултати од рана фаза на клиничко испитување направено на луѓе во чии рамки мозочни матични клетки биле инјектирани директно во мозоците на 15 пациенти со секундарно прогресивна МС. Мозочните матични клетки биле добиени од еден абортиран фетус. Тие биле екстензивно испитувани за аномалии за да се осигури безбеден и практично неограничен резервоар на клетки за трансплантација.
Пациентите биле оценувани три месеци пред третманот и повеќето од оние што ја добиле терапијата имале високо ниво на инвалидитет. Охрабрувачки, немало сериозни негативни настани во 12. месеци по третманот, иако имало кратки несакани последици како респираторни инфекции. За време на студијата не биле забележани значителни влошувања во движењата или когнитивните функции на пациентите. Во анализа на мала група учесници со напредни магнетни слики била забележана врска меѓу повисоки дози на матични клетки и намалување на волуменот на мозокот. Слични ефекти биле забележани со лекови кои се користат за пациенти со МС во рана фаза, што сугерира на можна улога на клетките во превенција на воспаление и отекување на мозокот.
Во студијата истражувачите испитувале како процесите на производство на енергија во мозокот се погодени од третманот со мозочни матични клетки и биле набљудувани промените во течноста околу мозокот и во крвта и биле откриени постојани промени предизвикани од трансплантот. Поточно, класа молекули кои се клучни за одржување добар енергетски клеточен метаболизам покажале зголемени нивоа кај пациенти кои добивале повисоки дози на матични клетки.
Иако се потребни уште испитувања, студијата дава надеж дека ваквиот пристап може да стане опција за лекување на напредни фази на мултипла склероза.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik