ПИСА 2022: Што постигнаа македонските ученици?
Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) на меѓународното ПИСА-тестирање во сите три полиња - читање, математика и наука, покажува најновиот извештај за 2022 година.
Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани полиња. Сепак, покрај неодамнешниот пад, резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се вратиле на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година.
Во периодот од 2018 до 2022 година јазот меѓу 10 отсто ученици со најдобри и најлоши резултати се намалил и на полето на математиката и на читањето и науката. По математика, најслабите станале подобри, но најдобрите ослабнале.
34 отсто од учениците во Македонија постигнале ниво 2 по математика, што е далеку од просекот на ОЕЦД од 69%. Во основа овие ученици можат да интерпретираат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може да се претстави математички. Само 1 отсто од учениците во земјава имале врвни резултати по математика, што значи дека се на ниво 5 или 6. Просекот во ОЕЦД е 9 отсто. На овие нивоа учениците можат математички да обликуваат сложени ситуации и да селектираат, споредуваат и проценуваат соодветни стратегии за решавање проблеми за да ги решат задачите.
26 отсто од учениците во земјава постигнале ниво 2 или повисоко во читање, а просекот на ОЕЦД е 74%. Во основа, овие ученици можат да ја препознаат главната идеја во текст со средна должина, да најдат информации на основа на експлицитни, иако некогаш сложени критериуми и да се осврнат на целта и формата на текстот. Според извештајот, во Македонија речиси и да нема ученици со постигнато ниво 5 или повисоко во читање, а просекот на ОЕЦД е 7%. Учениците кои се на тоа ниво можат да разберат долги текстови, да се справуваат со концепти кои се апстрактни и да разликуваат факт од мислење врз основа на имплицитни знаци што се однесуваат на содржината или изворот на информацијата.
35 отсто од учениците во Македонија постигнале ниво 2 или повисоко во полето на науката, а просекот на ОЕЦД е 76%. Во основа, овие ученици можат да го препознаат точното објаснување за слични научни феномени и да го искористат тоа знаење за во едноставни случаи да идентификуваат дали заклучокот е валиден врз основа на обезбедените податоци. Во земјава, според извештајот, речиси и да нема ученици со врвни резултати во наука, односно ученици кои достигнале ниво 5 или 6, а просекот на ОЕЦД е 7%. Тие ученици можат креативно и автономно да го применат знаењето од полето или за науката во различни ситуации, вклучително и во непознати.
За поголема резолуција, кликнете на сликата
Во однос на тоа како социо-економската состојба влијае врз знаењето на учениците, во извештајот се наведува дека во Македонија учениците кои имаат подобра социо-економска состојба (топ 25% во однос на статусот) имаат подобри резултати од оние што имаат лоша состојба (25 отсто со најлоша социо-економска состојба) за 76 поени кога станува збор за математика. Ова е помалку од просечната разлика меѓу двете групи во ОЕЦД, која е 93 поени.
Во однос на родовите разлики, извештајот покажува дека девојчињата се подобри од момчињата во математика и во читање.
Во 2022 година 85 отсто од учениците во Македонија истакнале дека лесно стекнуваат пријатели на училиште, а просекот на ОЕЦД е 76%. 86 отсто од македонските ученици чувствуваат дека припаѓаат во училиште, а просекот на ОЕЦД е 75%. 14 отсто од македонските ученици истакнале дека се чувствуваат осамени на училиште, а 16% како аутсајдери. Просекот на ОЕЦД по однос на ова прашање е 16% и 17%.
Во 2022 година 14 отсто од македонските ученици рекле дека не се задоволни од нивните животи. Задоволството од животот на скала од 0 до 10 го оцениле со од 0 до 4. Колку за споредба, во 2018 година 7% од учениците имаа истакнато дека не се задоволни од животот.
10 отсто од учениците во земјава истакнале дека не се чувствуваат безбедно на пат до училиште (просекот на ОЕЦД е 8%), 6 отсто истакнале дека не се чувствуваат безбедно во училница (просекот на ОЕЦД е 7%), 10 отсто истакнале дека не се чувствуваат безбедно во други простории во училиштето (просекот на ОЕЦД е 10%).
Околу 19 отсто од девојчињата и 19 отсто од момчињата истакнале дека биле жртва на булинг барем неколку пати месечно, а просекот на ОЕЦД е 20% од девојчињата и 21% од момчињата.
Програмата за меѓународно оценување на ученици (ПИСА) ги оценува знаењата и вештините на 15-годишни ученици по математика, читање и наука. Се тестира колку добро учениците можат да решат сложени проблеми, да мислат критички и да комуницираат ефективно. Тоа дава увид во тоа колку добро образовните системи ги подготвуваат учениците за предизвиците во животот.
Целиот извештај за Македонија можете да го прочитате
ТУКА.