Нова листа на „Форбс“ со најбогати луѓе во светот: Бил Гејтс повеќе не е во топ-10

Нова листа на „Форбс“ со најбогати луѓе во светот: Бил Гејтс повеќе не е во топ-10

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Богатството на Илон Маск се зголеми за неверојатни 25 проценти во текот на ноември благодарение на растот на акциите на „Тесла“ и вредноста на неговиот стартап со вештачка интелигенција.

Маск го држи првото место на листата со најбогати од мај, а само ја зголеми својата предност за повеќе од 100 милијарди долари. „Форбс“ проценува дека неговото богатство на 22 ноември накратко достигнало рекордни 334 милијарди долари. Според процените на „Форбс“, на 1 декември Маск бил „тежок“ 330 милијарди долари - 66 милијарди повеќе од пред точно еден месец.

Ноември беше одличен месец и за неколку други членови на листата со десетте најбогати луѓе во светот. Втор на листата е Лери Елисон. Во текот на ноември тој стана побогат за 22 милијарди долари поради зголемувањето на вредноста на акциите на „Оракл“. Сега богатството на Елисон е 227 милијарди долари. Основачот и претседател на „Амазон“, Џеф Безос, е на третото место, а неговото богатство се зголеми за 19 милијарди долари, на 223 милијарди долари, поради растот на акциите на „Амазон“ за 11 отсто.

Заедно, 10. најбогати луѓе во светот имаат 1,81 трилиони долари, што е за 106 милијарди долари повеќе од пред еден месец.

Кој загуби најмногу?

Најголем губитник во оваа елитна групација е францускиот магнат за луксузни стоки Бернар Арно, чие богатство во текот на ноември падна за околу 9 милијарди, на 160,3 милијарди долари. И покрај овој пад, Арно успеа да го задржи своето место како петти најбогат човек во светот. Акциите на неговиот конгломерат ЛВМХ паднаа во текот на ноември за околу 6 отсто, а во последните шест месеци за 20 отсто поради послабата продажба во Кина.

Бил Гејтс, кој долги години ја имаше титулата најбогат човек на светот, на 1 октомври целосно испадна од листата со десетте најбогати луѓе. Ова е првпат од 1991 година основачот на „Мајкрософт“ да не се најде на оваа листа. Богатството на Гејтс е значително намалено (тој моментално се наоѓа на 14. место со околу 107 милијарди долари), меѓу другото, поради поделбата на имотот при разводот со Мелинда Френч Гејтс.

Ова се најбогатите луѓе во светот на 1 декември 2024 година:

1. Илон Маск - 330,1 милијарди долари („Тесла“, „Спејс екс“, „хАИ“, „Х“)
2. Лери Елисон - 226,9 милијарди долари („Оракл“)
3. Џеф Безос - 223,3 милијарди долари(„Амазон“)
4. Марк Закерберг - 198,7 милијарди долари („Мета“)
5. Бернард Арно - 160,3 милијарди долари (ЛВМХ)
6. Ворен Бафет - 150,6 милијарди долари („Беркшир хатавеј“)
7. Лери Пејџ - 140,4 милијарди долари („Гугл“)
8. Сергеј Брин - 134,3 милијарди долари („Гугл“)
9. Стив Балмер - 124,8 милијарди долари („Мајкрософт“, „Клиперс“, инвестиции)

10. Амансио Ортега - 123,8 милијарди долари („Индитекс“/„Зара“)

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Wikipedia