Зошто Бадник и Божиќ се слават на почетокот на новата година?

Зошто Бадник и Божиќ се слават на почетокот на новата година?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите на обичаите објаснуваат дека на почетокот празникот Коледе бил поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници

Мали коледари утрово ќе ја пеат песната „Коледе-леде, паднало греде...“ во многу градови и села во Македонија. Со тоа ќе почне празнувањето на Бадник, предвесник на Божиќ, еден од најголемите празници во христијанството. Како настанале овие обичаи, зошто го празнуваме Божиќ?

Традиционално синоќа се палеа коледарски огнови

Фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ опишал како се слават овие празници. На овој ден христијаните го слават раѓањето на Исус Христос. Според текстовите во евангелијата, римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата и секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Во тоа време Палестина била дел од Римската Империја, па Марија и Јосиф тргнале во Назарет да се запишат во Витлеем, бидејќи припаѓале на родот Давидов.

Овие денови се славеле и пред Христа

„Кога пристигнале во Витлеем, за нив немало место во гостилниците и куќите зашто многу народ дошол за пописот. За да им помогнат, некои добри луѓе ги упатиле во една пештера во близина на градот, каде што пастирите при невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата и околните ридови и Марија Богородица го родила својот Син првенец во јаслите на пештерата“, пишува Китевски во својата книга.


Фото: Flickr

Истражувачите на обичаите објаснуваат дека на почетокот празникот Коледе бил поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници. Со раѓањето на новото сонце се раѓал и обновувал животот.

Според проф. д-р Даворин Трпески, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ова е комплекс од празници и празнувања кои во етнологијата и антропологијата се познати како празници од новогодишниот обреден циклус, инкорпорирани во народната култура. Претхристијанските прославувања биле поврзани со раѓањето на Новата година, односно на богот Сонце, и во голема мера се поврзуваат со Римјаните и влијанието на римската култура врз балканските претхристијански култури. Најверојатно името на празникот Колeдe потeкнува од латинскиот збор calendae, а тоа бил првиот дeн од мeсeцот каj Римjанитe, кај кои овоj дeн прeтставувал голeм празник, придружeн со наjразлични вeсeлби, игри, маскирања и слично.

Што се случувало од Божиќ до Водици

Според Китевски, обичаите поврзани со Бадник и Божиќ кај нас се разликуваат од регион до регион, но сепак имаат заеднички сегменти. Тоа е богатата софра која се подготвува навечер на Бадник, коледарскиот оган и бадниковото дрво, коледицата проследена со многу коледарски песни.

„Трпезата е богата, но исклучително со посна храна – питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје. Целта е по принципот на имитативна магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека навечер ќе дојде дедо Боже и ќе јаде. На Бадник во секој куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става пара. Сите присутни ја бараат парата и тој што ќе ја најде, се смета за најсреќен во годината што претстои. Парата се става во чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа“, пишува Китевски во книгата.

Бадникова софра

Во народното верување со Божиќ почнува периодот од 12 дена наречени некрстени или погани, кои траат до Водици (19 јануари). Овој период е исполнет со многу активности околу негативните демони, со разни магиски заштити. Дури на Водици, кога се крсти водата, се неутрализираат нивните дејства.

Со Божиќ е врзана поговорката  - пред Божиќ, зад Божиќ, кај да си, дома да си. Ова имало двојно значење – да се биде во кругот на семејството, на најблиските и со нив да се прослави раѓањето Христово, но и да се биде на безбедно во најстудениот период од годината кога имало снежни веавици.