Не осудувајте ја идната мајка, не мислете дека е себична и дека се грижи само за себе. Напротив, нејзиното психофизичко здравје влијае врз плодот исто како и исхраната. Поддржете ја и не давајте непотребни коментари, порачува Елена Бубало
Кревање тегови, скокање на кутија, правење стомачни не се забранети, ниту небезбедни во бременоста, доколку ви биле дел од рутината и тренингот пред бременоста. Овој заклучок е проверен, потврден, искусен на своја кожа, а го отвораме прашањето и детално анализираме со Елена Бубало, тренер по функционален тренинг, која вежба кросфит години наназад. Во својата трета бременост таа продолжува да вежба со силен интензитет, секако, приспособен за состојбата, секој ден во неделата.
- За среќа, имам уредна бременост без акушерски и гинеколошки контраиндикации, па само продолжив со тоа што го правев секој ден изминатите 14 години - вели Бубало.
Третава бременост вежбам со спокој
Со третата бременост има повеќе искуство, но вели дека секоја бременост е своја приказна.
- Ако почнам да споредувам, мислам дека ќе се изгубам. Првата бременост ми беше пред 8 години и тогаш немав други обврски освен да вежбам и да одам на работа, буквално уживав во секое движење, бев посветена и психички и физички. Второто дете ми е корона-дете, па имав голем стрес, но вежбањето дома и држењето на зум-часовите ми помогнаа да го преживеам периодот. Дојде плански и третата бременост, за која можам да кажам дека ја поминувам во најголем спокој ако ги исклучам коментарите на околината за тоа зошто ќе родам трето дете. И мислам дека клучен фактор ми се обврските, па мозокот ми е растоварен од бременоста. Си вежбам и тоа ми дава многу енергија за да се справам со сите предизвици - ни споделува Бубало.
Сепак, таа напоменува дека нејзиното искуство не значи дека ќе му одговара на некој друг.
-Тука сум да споделам за сите што ги интересира, но не и да се споредуваме една со друга и да се фрустрираме. Едноставно да се мотивираме и да извлечеме нешто што ќе ни биде корисно, а не нешто што ќе нѐ демотивира и ќе нѐ прави понервозни. Би сакала малку повеќе да ме едуцираа за вежбањето во првата бременост, но сите беа против тоа. По години работа со трудници и учење, овој пат многу посвесно знам што правам, без страв дека физичката активност некако би му наштетила на плодот - додава Бубало.
Вежбањето во бременост бара постојана едукација
Нејзиниот начин на живот е речиси ист, со некои мали промени.
- Многу е нормално да се продолжи со тоа што се правело пред бременоста зашто телото е навикнато на тоа. Особено активното вежбање - дури и треба да се препорачува доколку е сѐ во ред со бременоста. Тренингот зависи од тримесечјето и од мојата состојба. На пример, во првото тримесечје можев и смеев да правам сѐ, но немав енергија, па пробував со исхраната да ја подобрам енергијата. Второто тримесечје беше полесно, ми се врати сета сила, па буквално вежбав секој ден, а еве веќе сум во трето тримесечје и ми оди потешко, но телото ми е многу јако и самото има потреба од тренинг. Внимавам на вежби препорачани за карлично дно, намалени се тежините - вели Бубало.
Напоменува дека вежбањето во бременоста бара постојана едукација и од стручни тренери и физиотерапевти кои добро ги разбираат анатомските промени во бременоста и како и што треба да се приспособи.
По тренинг мислам дека можам сѐ да направам
Се труди да вежба 6-7 пати неделно, најмногу заради психичкото здравје и енергија.
-По тренинг мислам дека сѐ можам да направам, дома сум посмирена, на работа исто, поорганизиран ми е денот, а и исхраната ми е подобро организирана. Не чувствувам здравствени придобивки зашто мене ова ми е стил на живот. Можам да напоменам дека никогаш ме нема заболено грб поради јаката скелетна мускулатура, не сум имала проблем со гестациски дијабетес, што многу често е случај во бременост. Сметам дека сѐ што правам сега ми помага за полесно да го поминам постпородилниот период - истакнува Елена.
Митот за невежбање во бременоста ќе се разбие само тогаш кога повеќе ќе се разговара на оваа тема, но од страна на гинеколози специјалисти и даватели на акушерска нега.
- Нивната поддршка и дополнителна едукација на оваа тема може да направат револуција и една поздрава генерација на мајки. Сепак, ние ќе рушиме митови со тоа што ќе применуваме вежбање и отворено и јавно ќе зборуваме, но сѐ што е стручно поткрепено им дава поголема сигурност на идните мајки, па и на околината од која ни треба поддршка, а не да се плашиме што ќе кажат и дали ќе нѐ осудат. Многу често ако некоја трудница трча, вежба со тежини или скока, сите ја осудуваат, но мора да сфатиме дека тоа било дел од нејзиниот живот и телото ѝ е навикнато. Секогаш како пример ги давам мајка ми и некои мои роднини, на кои на времето не им велеле да не работат на нива. Јас потекнувам од земјоделска фамилија и растев во околина каде што бремени жени по цел ден работеа - вели Бубало.
Луѓето што ја знаат ѝ даваат огромна поддршка и од нив не добива лоши коментари, но затоа од луѓето што не ја познаваат има слушнато секакви работи:
-Најчесто ми велат дека сум себична и дека мислам само на себе, а не на бебето, дека сум требала да се едуцирам, дека сум им одвратна кога ме гледаат. Луѓето сакаат да си кажат што имаат на ум без претходно да видат која сум и што правам изминатите 15 години. Најголема поддршка ми е мојот сопруг Атанас - вели Бубало.
Некои гинеколози не препорачуваат да се вежба
И покрај нејзиното позитивно искуство, а и искуството на други, многу трудници се спречени да вежбаат од страна на гинеколозите... Бубало ни споделува како размислува за ова прашање:
- Нам ни е потребна нивната поддршка, ако повеќе гинеколози и акушери почнат јавно да зборуваат за физичката активност пред, за време на бременоста и во постнаталниот период, би настанала една огромна револуција која значи само подобро здравје за секоја идна мајка. Но, за жал, сѐ уште е мал процентот (но поголем од пред 8 години) на гинеколози кои воопшто сакаат да разговараат на оваа тема. Имам искуство со многу трудници кои на првиот преглед добивале лоши коментари за вежбањето иако биле физички активни со години. Секако, зборуваме за уредна бременост. Но еве што им беше кажано на две трудници на ова прашање: Како може да си себична? До вежбање ли ти дојде? А на другарка ми ѝ рекоа дека не може да вежба, но цигарите да не ги откажува одма, тоа било стрес... - споделува Бубало.
Гинеколозите во странство инсистираат да се вежба во бременост
Има гинеколози кои ѝ се јавувале да работат заедно со физиотерапевти за да се подобри карличното здравје пред породување, да се заштити стомакот при вежбање.
- Бидејќи работам со жени што живеат во странство, знам дека таму добиваат 100 отсто поддршка од гинеколозите, дури и инсистираат да бидат активни иако не вежбале дотогаш. Исто така, новите препораки од здравствени институции за гинекологија и акушерство во светот веќе го забрануваат оној познат bedrest или комплетно лежење поради висок ризик од тромбози. Никогаш не одам против мислењето на гинеколозите, секогаш им велам на трудниците да си го слушаат својот доктор. Но немам проблем гласно да кажам со што не се согласувам и дека една претходно физички активна жена може да биде и активна трудница. Заклучокот е: Не осудувајте ја идната мајка, не мислете дека е себична и дека се грижи само за себе. Напротив, нејзиното психофизичко здравје влијае врз плодот исто како и исхраната. Поддржете ја и не давајте непотребни коментари - порачува Елена Бубало.
Фото: приватна архива