Научници одгледуваат модифицирани компири што можат да издржат топлотни бранови

Научници одгледуваат модифицирани компири што можат да издржат топлотни бранови

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Американските научници одгледуваат компири кои би можеле да ги издржат топлотните бранови.

Истражувачи спровеле теренски испитувања на една локација во американската сојузна држава Илиноис и забележале дека адаптираното растение дава до 30 отсто повеќе компири под топлотен стрес. На проектот работел тим предводен од Кетрин Меахам-Хенсолд, составен од научници од Универзитетот во Илиноис (UIUC) во САД и Универзитетот во Есекс во Англија.

Ова било успешно направено со додавање два гени за модифицирање на процесот наречен фотореспирација за да се подобри ефикасноста, оставајќи повеќе енергија за поголем раст.

Авторите на трудот, објавен во списанието „Глобал чејнџ бајолоџи“, го опишаа овој чекор како ветувачки пат за зголемување на приносите во услови на затоплување на планетата. Но, потребни се теренски испитувања на повеќе локации за да се потврдат наодите на тимот во различни средини.

Според научниците, целта на проектот е да се задоволат потребите за храна во услови на глобално затоплување. 

- Мораме да произведеме култури што можат да издржат почести и поинтензивни топлотни бранови ако сакаме да ги задоволиме потребите за храна на населението во регионите што се изложени на најголем ризик од намалени приноси поради глобалното затоплување - рече таа.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik