Научниците објаснуваат што е ФОМО и зошто доаѓа до овој феномен
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали знаете што е ФОМО? Тоа е она чувство што го имаме кога мислиме дека пропуштаме нешто важно, како што е собир или дружба на пријателите. Ново истражување открива нешто плус за овој феномен.
Ако не сте слушнале за ФОМО, можеби сте запознаени со чувството. Овој акроним на англиски значи „Fear Of Missing Out“, односно страв да не пропуштиме некој настан, искуство, информација или одлука што би можела да го подобри нашиот живот.
Уморни сте и не ви се оди на концерт? Ама сите ќе бидат таму. Се собира друштвото? Ако не одите вие, ќе разговараат без вас и ќе знаат нешто што вие нема да го знаете.
Најновото истражување покажува дека помалку се работи за стравот од пропуштање на некое искуство, а повеќе за тоа да не се биде со некои луѓе. Истражувањето спроведено од Жаклин Ривкин, бихевиорист од Универзитетот „Корнел“ во САД, открива дека токму пропуштањето на социјалните контакти го зголемува ФОМО.
- Станува збор за анксиозност што многумина од нас ја чувствуваат кога пропуштаат дружење со луѓе што ни се важни - вели Ривкин.
Акронимот ФОМО постои веќе две децении, но подоцна стана широко познат.
Овој феномен се користи и во маркетингот, на потрошувачите им се сугерира дека би пропуштиле многу доколку не купат одреден производ или услуга.
Ривкин и нејзините колеги спровеле седум експерименти со илјадници учесници. Наместо да го набљудуваат однесувањето на луѓето кога пропуштаат концерт, тие се фокусирале на секојдневните ситуации.
- Бевме заинтересирани за ситуации кога не се пропушта некој голем уникатен настан. Тоа помага да се разбере основната психологија и навистина се работи за пропуштање собир каде што луѓето се поврзуваат едни со други. Откривме дека речиси секој може да доживее ФОМО ако се работи за група луѓе за кои се грижи - вели Ривкин.
Во последната деценија е зголемен бројот на истражувачи кои се занимаваат со оваа тема. Се верува дека ФОМО може да предизвика нарушувања во спиењето, социјална анксиозност, депресија и пад на перформансите.
Истражување на Универзитетот во Јужен Конектикат пред две години откри дека ФОМО може да биде фактор што ги тера младите луѓе да пијат алкохол или да користат дрога.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik