Зошто лего-комплетите се толку скапи: Приказна за импресивниот производствен процес

Зошто лего-комплетите се толку скапи: Приказна за импресивниот производствен процес

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Комплетите на најпознатиот производител на коцки на светот, ЛЕГО, се многу скапи. Но, зошто е така?

Првенствено, затоа што секоја коцка мора да биде совршена. Секој дел мора да биде неверојатно прецизен за да може да се вклопи, а за совршеноста на коцките зборува и фактот што само 18 од неколку милиони коцки не ја поминуваат проверката на квалитетот.

Пластиката се загрева на температура од 232 Целзиусови степени. Во производството се користи машина што создава притисок еднаков на притисокот што го создаваат три камиони. Коцката направена во 1958 година  совршено се вклопува со коцките произведени денес. Ова покажува дека се ретки грешките при производството.

Друга причина што лего-комплетите се толку скапи е тоа што се направени од специјална пластика. Имено, се користат 12 различни видови пластика. Примарно се користи АБС пластика за храна која не се распаѓа со текот на времето. Една коцка може да се вклопи со 375.000 други што, на пример, е доволно за да се изгради кула висока 3.500 метри. Значи, премиум материјал, а тоа значи и премиум цени.

ЛЕГО има комплети посветени на филмските херои, што е уште една причина за високата цена бидејќи филмските херои не се евтини. Компанијата плаќа многу за авторските права и за да може да ги користи популарните ликови од филмовите како „Војна на ѕвездите“, „Хари Потер“ и „Марвел“. Поточно, ЛЕГО има платено половина милијарда долари за филмски лиценци само во 2020 година.

 
Лего-комплетите се честа мета на крадците. Имено, во продавниците низ светот се крадат илјадници комплети. Една од кражбите била вредна 300.000 долари. Комплетите ја зголемуваат својата вредност по завршувањето на нивното производство, па на интернет ретките фигури се продаваат за стотици долари.

За зголемувањето на цената на комплетите придонесоа и возрасните, бидејќи компанијата знае дека и возрасните ги сакаат коцките, особено ако станува збор за поголеми и посложени комплети. Првиот комплет за возрасни беше произведен во 2007 година, а тоа беше вселенскиот брод од „Војна на ѕвездите“, „Милениум фалкон“, составен од 5.000 делчиња, со цена од 500 долари.

Некои комплети денес имаат повеќе од 7.000 делчиња. Возрасните трошат повеќе на лего-комплети отколку децата, а некои колекции достигнуваат вредност од 50.000 долари.

Друга причина зошто лего-комплетите се скапи е тоа што производството на секој дел започнува со истражување. Годишно за истражување се трошат 138 милиони долари. Дополнително, годишно се произведуваат 850 нови комплети. Дизајнерите посетуваат локации низ светот за да добијат инспирација за нов комплет.

Потребни се месеци истражување за да се направи фигура на полициско куче. Секоја нова коцка бара долгорочно тестирање. Ништо не е одобрено толку лесно. Машините вршат неверојатно прецизна работа. Роботските раце поместуваат 600 кутии со коцки за еден час, а секоја машина создава притисок од 25 до 150 тони.

Извор: Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube