Филм за авангардниот гевгелиски професор Илија Џаџев, кој одржал 6.000 бесплатни концерти

Филм за авангардниот гевгелиски професор Илија Џаџев, кој одржал 6.000 бесплатни концерти

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Настапувал во детски градинки, болници, караули, селски дворови, извиднички кампови, фабрички мензи, пред гладни и сити, пред сиромашни и богати, пред среќни и несреќни, вели режисерот Јордан Дуков

„Каков професор си ти кога те сакаат сите деца?
- Можеби затоа што и јас и тие веруваме во убави приказни!“

Ова е прашање во кусо интервју кое професорот, хаваист, човекот пред своето време - Илија Џаџев од Гевгелија го одговорил за некогашен „Вечер“ (02.06.1969). Осамениот хаваист, како што го нарекувале некогаш југословенските новинари, одржал повеќе од 6.000 концерти во цел свет пред илјадници луѓе, но настапувал и во училишта, болници, им свирел на новороденчиња, па дури и пред само еден гледач. Работел во гимназијата како професор, еден од најомилените на гевгелиските ученици.
Оваа исклучителна личност била инспирација за вториот долгометражен документарен филм на авторот Јордан Дуков – „Професорот“, кој вечерва во 20 часот ќе биде прикажан на затворена проекција во киното „Фросина“.


Јордан Дуков и Доријан Миловановиќ за време на снимањето на филмот

За легендата на Гевгелија пишувале Јован Котески, а Гане Тодоровски посветил и песна („Волшебникот“). Дуков, кој се занимава со документаристика речиси 20 години, и самиот е гевгеличанец. Автор е на многу ТВ-документарци. Во 2012 година неговиот едноминутен филм „Car wash cabaret” победи на конкурсот за едноминутен филм на „Скопје филм фестивал”. Режисер и сценарист е на краткиот документарен филм „So many loves”, како и на долгометражниот документарен филм „Планински кавијар“, прикажан во официјална селекција на меѓународниот фестивал за креативен документарен филм „Македокс“ во 2017 година.
Тој е коосновач на „Кадар“, каде што работи како сценарист на досегашните ТВ-документарци.

Како се роди идејата за „Професорот“?

- Една случка од моето детство поврзана со Илија Џаџев ја носам цел живот како спомен од годините поминати по гевгелиските улици. Таа случка доби уште поголемо значење кога пред неколку години сосема случајно налетав на плоча од Илија Џаџев. Во меѓувреме, многу несекојдневни приказни поврзани со професорот стигнуваа до мене. Од нив може лесно да се заклучи дека станува збор за исклучителен човек, специфичен по многу нешта, не само по инструментот на кој свирел. Нормално, кога се роди идејата за филмот, јас и мојата екипа се трудевме да дојдеме до што повеќе такви автентични раскажувања за животот на овој малку подзаборавен музичар, поет, хуманист, боем или како што го нарекуваат, последниот македонски трубадур. И оттука немаше назад...



Нема гевгеличанец што не го познава Илија Џаџев. Кој бил тој?

- Гевгеличани, постарите, сигурно го познаваат, но и помладите го знаат бидејќи приказните за него и она што тој го има направено во животот имаат изградено своевиден мит. Но, Илија своевремено додека настапувал со хавајската гитара бил популарен и во поранешна Југославија, а и надвор од неа. Новинарите го нарекувале „осамениот хаваец“ бидејќи бил единствениот што настапувал на хавајска гитара. Со текот на времето, за да го претстават полесно, измислиле дури и нова професија: хаваист. Но, она што е најкарактеристично за Џаџев се над 6.000 бесплатни концерти на сите меридијани. Концерти отсвирени по детски градинки, болници, караули, селски дворови, извиднички кампови, фабрички мензи, пред гладни и сити, пред сиромашни и богати, пред среќни и несреќни. Ако на ова ги додадеме и 17 збирки поезија, два романа, огромниот број афоризми, слободно може да се заклучи дека тој бил голем ерудит, за кој неговите сограѓани често, тогаш, но и денес велат дека живеел пред своето време.


Илија Џаџев

Колку време го подготвувавте филмот? Дали фамилијата соработуваше?

- Целиот процес, од идеја до финална верзија, траеше околу две и пол години. Дел беше истражување, дел продукција и дел постпродукција. Уште пред да почнеме што било со филмот, побаравме поддршка од членовите на семејството на Илија. Така мораше да биде бидејќи се работи за човек кој е починат и од нив добивме безрезервна поддршка, за што сме им благодарни. По предлог на Софија, ќерката на Илија, во филмот, приказната за нејзиниот татко заедно со мене ја истражува и познатиот актер од Белград - Иван Бекјарев, по потекло од Гевгелија, кому Илија му е вујко. Тој бил близок со Џаџев, но во текот на снимањето и самиот беше изненаден од она што дополнително го дознававме за професорот. Се разбира, во позитивна смисла.

Како стигнавте до материјали, видеа, фотографии?

- Во филмот користиме доста архивски материјали бидејќи сепак приказната е за човек кој не е жив речиси 30 години. Посебен предизвик беше да се најдат тие материјали. Во текот на фазата на истражување мал дел добивме од неговото семејство, дел од соговорниците, дел од познајници на Илија, а видеоархивата е од МРТ, која е и наш копродуцент во овој филм. За нагласување е, на пример, тоа дека дел од фотографиите ни беа испраќани дури од САД. Сведок на целиот филм е и хавајската гитара на професорот, која беше присутна на сите снимања.



Што најмногу Ве импресионира кај Илија Џаџев?

- Сите луѓе со кои разговаравме за потребите на овој филм и оф рекорд и он рекорд велеа дека никогаш во животот не сретнале таков човек. Дека тој е оригинална личност, човек кој не може да се стави во некаква рамка, неповторлив по својот дух и темперамент и човек за кого материјалното немало никаква смисла во неговиот живот. Во овој материјален свет, па и во тој од неговото време, луѓето што биле толку посветени на другите, на обичниот човек, алтруистички, на доброволна основа секогаш заслужуваат да бидат ставени на пиедестал. Иако со неговата скромност тој никогаш не го барал или не се стремел кон тоа. Но, чест треба да им се направи. Меѓу другото, затоа е и овој филм.


Познатиот српски актер со гевгелиско потекло Иван Бекјарев е внук на Џаџев

Го чува ли градот доволно споменот за Џаџев?

- Немам впечаток дека градот го чува доволно споменот за професорот, ако ме прашувате институционално. На пример, супер би било театарот во Гевгелија, кој денес се вика Народен театар, да се вика Илија Џаџев. Но, споменот за него го чуваат луѓето, оние што го познавале, оние што зборувале за него, но и оние што ги слушаат тие неверојатни приказни кои го прават она што бил, жител на едно мало гратче на југ кој со својата хавајска гитара усреќувал и изнудувал насмевки секаде низ светот. Жител со кој се гордееле минатите, сегашните, а верувам ќе се гордеат и идните генерации.



Каде е местото на документарниот филм во нашата кинематографија? Докажуваат ли филмови како „Медена земја“ и други дека треба посериозно да се сфати?

- Искрени честитки и секоја чест за екипата на „Медена земја“. Она што го прават тие во моментов е неповторлив успех за нашата кинематографија воопшто. Како и во „Медена земја“, ние имаме многу локални приказни кои носат глобални пораки, само треба да се препознаат и да се најде вистинскиот пристап тие да бидат раскажани. И во минатото имавме документарна продукција на која треба да сме горди, но во последната деценија, благодарение на фестивалот за креативен филм „Македокс“, публиката сака да гледа документарни филмови и со тоа се родија сериозни вљубеници во документарниот филм како жанр, но и млада публика од која во иднина лесно може да се изродат режисери, сценаристи, директори на фотографија, раскажувачи кои достојно би му ги раскажале нашите приказни на светот. Документарните филмови се документ кој останува да зборува за контекстот и бремето во кое се правени. И нив мора да ги има. Без нив како да не постоиме.



Каков е планот за кинодистрибуција? Кога филмот ќе може да го види пошироката публика?

- Сѐ уште не знаеме за кинодистрибуција бидејќи филмот најпрвин треба да го проживее својот фестивалски живот. Нашата намера е што повеќе луѓе да ја видат и слушнат приказната за професорот. Знаеме само дека по фестивалскиот пат на филмот, тој ќе има телевизиска премиера на МТВ. Инаку, филмот е работен во продукција на „Кадар“, „Машина продукција“, МРТ и е финансиран од Агенцијата за филм, а е помогнат и од Општина Гевгелија. Филмот го работеше стандардната екипа на „Кадар“ - продуцент е Љубиша Арсиќ, директори на фотографијата се Доријан Миловановиќ и Кристијан Караџовски, а монтажер е Миловановиќ. Се разбира, музиката во филмот е на Илија Џаџев.