Како се финансира британското кралско семејство?

Како се финансира британското кралско семејство?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Британското кралско семејство е многу богато, а поголемиот дел од ова богатство поминува низ рацете на кралицата Елизабета Втора. Таа има три различни извори на приходи.

Пред сѐ, таа добива годишна сума која доаѓа од даноците, кои минатата година изнесувале 107 милиони американски долари. Потоа заработува и од својот имот, кој е дел од кралското семејство уште од 13 век и вклучува замоци, плодна почва во Англија и Велс, како и недвижности во Лондон. Минатата година земјата ѝ донела 28 милиони долари на кралицата.

Конечно, кралицата има наследено богатство, но и инвестира, иако точно не се знае големината на нејзините инвестиции. „Сандеј тајмс“ неодамна го процени нејзиното богатство на 482 милиони долари.


Фото: Pixabay  

Синот на кралицата, принцот Чарлс, има сопствени приходи од имотот што го наследил на тригодишна возраст, кога неговата мајка станала кралица. Тука е вклучен имот кој донел заработка од 28 милиони долари изминатата година, од кои 6,5 милиони долари им биле доделени на неговите синови Вилијам и Хaри.

Приходите што кралицата ги добива од даноците се пресметуваат според процент од профитот од имотот на кралското семејство. Во овој имот е вклучено и половина од крајбрежјето на Обединетото Кралство. Овие пари се предвидени за покривање на трошоците за одржување на палатите, официјални патувања и платите за над 400 вработени што го служат кралското семејство.

Дали кралското семејство добива премногу од даноците на граѓаните?

На почетокот од 90-тите години на 20 век се развила дебата на оваа тема и завршила со договор за плаќање данок од страна на кралицата и принцот и продажба на кралската јахта. Меѓутоа, фирмата „Бренд фајненс“ пресметала дека вредноста на кралското семејство за британската економија се проценува на 2,3 милијарди долари, најмногу бидејќи тие ги привлекуваат туристите, но и претставуваат инспирација за филмови, книги и серии.

Дали кралското семејство поседува нешто друго?

Кралицата лично поседува куќа во Норфолк и замок во Шкотска, а ја поседува и кралската колекција на слики, фотографии, книги и други уметнички дела и артефакти, како и најголемата колекција на печати во светот. Кралицата се смета за сопственик и на сите неозначени лебеди во отворените води, како и сите китови, есетри и морски прасиња во округ од 3 милји од крајбрежјето на Обединетото Кралство.

Која е „работата“ на кралските членови?

Улогата на кралицата и нејзиното семејство е да го зајакне чувството за национален идентитет, обединетост и гордост на Британците. Членовите на кралското семејство учествуваат во приближно 2.000 настани секоја година. Тие, исто така, ги посетуваат службениците и помагаат во одржувањето на хуманитарните настани. Некои од нив имаат свои хуманитарни организации.

Дали тие владеат во Обединетото Кралство?

Кралицата практично не ја контролира монархијата, но има симболична улога и специфични моќи. Од неа се бара одобрување за донесувањето закони, иако не бил одбиен предлог од 1708 година. Таа го назначува премиерот по изборите и има редовни средби со него. Таа може и да го суспендира Парламентот и официјално е воен командант и има моќ да прогласи војна. Таа може и да намали нечија затворска казна.

Хaри и Меган

За принцот Хaри и Меган Маркл, повлекувањето од нивните обврски значи и откажување од финансиите кои доаѓаат преку даноците, но парот нема да забележи голема промена. Проценето е дека јавните пари покриваат само 5% од нивните трошоци, додека остатокот доаѓа од таткото на Хaри и неговиот имот. Принцот Чарлс веќе изјавил дека ќе продолжи да ги финансира својот син и неговата сопруга една година бидејќи тие сакаат да станат финансиски независни.

Хaри има наследено значително богатство. Неговата мајка Дијана му оставила приближно 13 милиони долари, а тој има добиено и многу повеќе милиони од неговата прабаба. Маркл има околу 5 милиони долари од нејзините работни ангажмани.

Сепак, тие ќе плаќаат станарина за нивниот дом во Обединетото Кралство и треба да ѝ вратат 3,1 милион долари на државата кои биле искористени за реновирање на нивниот дом.