НАСА ќе се обиде да произведе кислород на Марс со уред вграден во „Персевиренс“

НАСА ќе се обиде да произведе кислород на Марс со уред вграден во „Персевиренс“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во „Персевиренс“, роверот на американската вселенска агенција НАСА што неодамна пристигна на Марс, се наоѓа и уред кој не е поврзан со главната цел на роверот - барање траги од живот на планетата. Станува збор за прототип, но кога ќе биде вклучен, овој уред ќе троши речиси една третина од целата енергија што ја троши роверот. За да не го оштети роверот со својата топлина, уредот е обвиткан во материјали за изолација.

Сепак, научниците сметаат дека целиот труд ќе се исплати бидејќи од него ќе зависат идните мисии на Марс, особено планираните човечки мисии на оваа планета, објаснува Мајкл Хехт, истражувач од Технолошкиот институт во Масачусетс.

Експерименталниот уред се нарекува експеримент за кислород на Марс со искористување локални ресурси или МОКСИ (англ. MOXIE - Mars оxygen in-situ resource utilization experiment).

Уредот треба да работи како механичко дрво, односно ќе вдишува јаглероден диоксид од атмосферата на Марс, што е околу 100 пати поретка од Земјината, но речиси целосно е составена од јаглероден диоксид. Потоа, уредот ќе произведува кислород што ќе го враќа во истата атмосфера. Во некоја следна мисија можеби уредот ќе го враќа кислородот во боци кои би можеле да ги користат астронаути.


Фото: NASA

Уредот ќе биде вклучен околу 12 пати во следните две години, а во тој период се очекува да произведува 6-10 грама кислород на час, што е доволно за едно кутре. Мисијата има цел да покаже дека технологијата функционира на Марс.

Главниот предизвик е непредвидливата околина на Марс бидејќи температурата на планетата се симнува многу ниско и тоа влијае врз густината на воздухот. Освен тоа, една третина од атмосферата на Марс исчезнува секоја зима, па јаглеродниот диоксид кондензира и паѓа на земјата како сув мраз.

За време на мисијата научниците ќе управуваат со уредот од Земјата, но во идните мисии би можела да се искористи вештачка интелигенција за негово функционирање.

Автор: Чарли Вуд
Извор: popsci.com