Колумна: Идеја за решавање на проблемот со Бугарија
2025 година е прогласена за година на квантната наука и технологијата од страна на Обединетите нации. Големите сили веќе започнаа трка за Марс, сите масовно вложуваат во развој на вештачка интелегенција, нанотехнологија, „паметни“ материјали и дигитална инфраструктура, па дури и мали држави како Албанија испраќаат понекој сателит во вселената, а една Естонија со 1,3 милиони жители е во топ-5 земји во светот кога е во прашање сајбер-безбедноста. Значи, низ светот се става сѐ поголем фокус на дискусии и дебати за развојот и напредокот на технологијата, а со тоа и на економскиот просперитет и општата благосостојба на државите. Во Македонија, една од главните теми за кои постојано се разговара од страна на официјални лица, од страна на интелектуалци, од страна на медиуми и секако од страна на граѓаните, тема за која се троши толку многу време, енергија, а и пари се историските прашања со Бугарија. Намерно ги потенцирам историските прашања затоа што тие се многу постари и посериозни како проблем отколку внесувањето на Бугарите во Уставот.
Во време кога научниците го поставуваат прашањето: дали во наредните години човекот ќе остане човек во биолошка смисла на зборот, т.е. дали ќе започне ера на трансхуманизмот и човечкиот биолошки идентитет (не пол) ќе биде променет, кај нас најголемо внимание добиваат провокациите од бугарска страна кога македонскиот национален идентитет се негира, кој ние секако го браниме. Откако знам за себе, постојано слушам телевизиски дебати, интервјуа, изјави и што сè не за тоа дали Гоце Делчев и цар Самуил се Македонци или Бугари, односно ние постојано нешто докажуваме, а Бугарите постојано го негираат тоа. Сето ова создава негативна енергија и бариера помеѓу двата народи, па затоа и проблемите околу нашиот пат кон ЕУ. Патот кон ЕУ не е најголемата штета од сето ова. Многу поголема штета е нарушениот однос помеѓу двата народи. Имено, пред неколку години на границите со Бугарија, и од наша и од нивна страна, имаше огромни колони со возила и граѓани, а понекогаш за продолжени викенди колоните беа дури со километри. Македонците одеа на продолжен викенд во Банско и околината, Бугарите ги посетуваа Охрид, Дојран и Смоларските Водопади. Македонците пазареа во Петрич, а Бугарите ги купуваа производите на нашите земјоделци. Со други зборови, народите од двете земји имаа економски придобивки, а помеѓу луѓето растеа добри односи.
Ако порано се чекаше со часови за да се премине граничниот премин со Бугарија поради големиот број патници, сега и на продолжен викенд се поминува за помалку од 15 минути. Сето тоа поради нашите несогласувања околу историските прашања кои ги решаваат некакви историски комисии на кои секако им годи да ги решаваат овие прашања и во наредните децении бидејќи за тоа се зема плата, но тука се секако и политичките влијанија од двете страни кои можат да ѝ наштетат на историската наука. Значи, помеѓу, но и внатре во двете општества наместо да се разговара и да се дебатира за прашања кои повеќе му доликуваат на 21 век, главна тема на дискурс е дали Гоце е Бугарин или Македонец. Дискусиите полни со навреди во коментарите на социјалните мрежи се најдобар пример за тоа на колку ниско ниво се одвиваат понекогаш овие дебати, односно обичните луѓе трошат време и енергија за вакви работи и не постигнуваат апсолутно ништо.
РЕШЕНИЕ за ова е следново: отворање по еден музеј од двете страни на границата помеѓу Македонија и Бугарија, во непосредна близина на граничните премини. Во музејот на наша страна, ние ќе ги прикажеме сите наши докази и аргументи со кои се докажува нашата верзија на историјата, додека во музејот од бугарска страна ќе се приложат аргументи и докази за нивната верзија. Влезот во музејот би бил бесплатен или со некоја симболична донација. Кога Ристо од Струмица ќе оди до Петрич да испазари нешто од „Лидл“, ќе може да намине, ако го интересира, до музејот на бугарската страна и да види зошто се толку „гласни“ Бугарите околу некои прашања. Кога Митко од Сандански ќе сака да купи пиперки и домати од Ново Село, ќе може да наврати во музејот од македонската страна и ќе дознае зошто Македонците се лутат кога некој од Бугарија ќе им дофрли дека „немаат историја“ или „крадат од бугарската“.
Така и Македонците и Бугарите ќе почнат да гледаат пообјективно на целиот проблем со историјата. Што би било толку голем проблем тука? На кој ќе му пречи доколку обичниот човек од двете држави научи нешто повеќе за историјата? Нема ништо спорно во тоа да се погледнат доказите на другата страна, патем тоа е голема практика во историската наука: да се анализираат податоци од повеќе извори. Еве, јас како внук на Јордан Костадинов-Иванов, еден од основачите на ОМО Илинден и долгогодишен претседател на истата и лидер на Македонците во Пиринска Македонија, сакам да се реши овој проблем затоа што целиот мој живот одам во Сандански и околината кај моите баба и дедо и можам слободно да кажам дека помеѓу двата народи и нема многу разлика, и двата народи имаат катастрофално здравство, корупција во сите сфери, лошо образование, масовно мигирање на младите на Запад и ред други проблеми кои се многу поважни. Јас би рекол дека на некој сериозно му одговара овие историски/идентитески прашања да „висат во воздухот“ затоа што така вниманието на народите ќе биде постојано насочено кон тие проблеми, наместо кон решавање на суштинските проблеми за да се постигне благосостојба и среќа кај секој Македонец и кај секој Бугарин. Можеби сме далеку од квантна технологија, но не сме толку далеку од создавање пристојни услови за живот во двете држави.
Ова е само еден предлог за „креативно решение“ на овој проблем, како што побара и претседателката Силјановска-Давкова, а се надевам дека релевантните фактори од двете страни барем ќе слушнат за оваа идеја.
За крај би цитирал еден поет кој си го почитуваме и ние и Бугарите: „Работиме многу, работиме од утро до мрак, но лебот е малку, но лебот недостига пак“. Зборови на Вапцаров. Зборови кои многу добро ја опишуваат судбината на двата народи.
Автор: Александар Мирчески, студент