Склековите како огледало на здравјето: На која возраст треба да правиме 30, а кога се доволни 5?

Склековите како огледало на здравјето: На која возраст треба да правиме 30, а кога се доволни 5?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Склековите се речиси незаменлив дел од секоја физичка вежба. Бројот на склекови што можеме да ги изведеме ни дава увид во силата на мускулите на нашите раце, како и нашето целокупно здравје. Студија на истражувачи од „Харвард“ открива дека средовечните мажи што можат да изведат најмалку 20 склека имаат значително помал ризик од смртност од сите причини во период од 10 години.

Колку склекови можете да направите?

Студијата ја нагласува важноста на мускулната сила и издржливост дури и во староста, објаснува тренерот Мери Онјанго.

Ако можеме да направиме од 5 до 10 склека без застанување, имаме задоволителен резултат. Истражувањата покажуваат дека во современиот западен свет повеќе од половина од луѓето не можат да направат 10 последователни склека, а една третина не можат да изведат 5 склека без долга пауза.

- Повеќето луѓе ги гледаат склековите како само уште една вежба, но тие можат да ни дадат добар увид во нашето здравје - вели Онјанго.

Можни се и модификации

Минималниот број на склекови е тесно поврзан со нашата возраст. Како што старееме, така нашата сила се намалува, нашата флексибилност се влошува и ни треба повеќе време да закрепнеме. Колку сме постари, толку повеќе треба да внимаваме на напрегањето и да се трудиме да ги избегнеме болките во зглобовите што може да се појават додека правиме склекови.

Колку склекови треба да правиме ако имаме 20, 30, 50, 60 години?


Онјанго нагласува дека би било добро да ги обезбедиме следните резултати во однос на нашата возраст:

20-30 години: 15-30 склека
30-40 години: 12-25
40-50 години: 10-20
50-60 години: 8-15
60-70 години: 6-12
70-80 години: 5-10 (склека на колена)
80-90 години: 3-7 (склека на колена)
Над 90 години: 2-5 (склека на колена)

Ако сме постари од 100 години, секој труд се брои како одличен резултат.

Што ако имаме лош резултат?

Ако не можеме да направиме минимален број склекови за нашата возрасна група, нашите мускули и издржливоста се послаби.

- Лошиот резултат значи губење на мускулната маса, што може негативно да се одрази врз кардиоваскуларниот систем. По 60-тата година постои и зголемен ризик од падови, поради слабеење на мускулите кои помагаат да се одржи добра рамнотежа - вели Онјанго.


Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik