Создаден најмалиот безжичен летечки робот во светот, инспириран од бумбарите

Создаден најмалиот безжичен летечки робот во светот, инспириран од бумбарите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Како бумбар што лета од цвет на цвет, нов летечки робот инспириран од инсектите е создаден од страна на инженерите од Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, а може да лебди, да ја менува траекторијата, па дури и да погодува мали цели. Со помалку од 1 сантиметар во дијаметар, уредот тежи само 21 милиграм, што го прави најмалиот безжичен робот во светот способен за контролиран лет.

- Пчелите покажуваат извонредни летачки способности, како што се навигација, лебдење и опрашување, кои вештачките летачки роботи од сличен размер не успеваат да ги направат. Овој летечки робот може безжично да се контролира за да се приближи и да погоди одредена цел, имитирајќи го механизмот на опрашување додека пчелата собира нектар и лета - истакна Ливеи Лин, професор по машинско инженерство во „Беркли“.

За робот да лета, тој мора да биде опремен со извор на енергија како батерија и електроника за контрола на летот, што може да биде предизвик за интеграција во многу мали, лесни уреди. За да го надминат овој проблем, Лин и тимот на експерти користеле надворешно магнетно поле за да го напојуваат уредот и да ја контролираат патеката на летот.

Роботот е обликуван како мал пропелер и вклучува два мали магнети. Под влијание на надворешното магнетно поле, овие магнети се привлекуваат и се одбиваат, предизвикувајќи пропелерот да се врти за да го подигне роботот од земјата. Патеката на летот на роботот може прецизно да се контролира со модулирање на јачината на магнетното поле.

Следниот најголем робот со слични способности за летање е со дијаметар од 2,8 см, што е речиси три пати поголем од новиот летечки робот.

- Малите летечки роботи се корисни за истражување мали шуплини и други комплицирани средини. Ова може да се користи за вештачко опрашување или проверка на мали простори, како внатрешноста на цевка - вели првиот автор на студијата, Фанпинг Суи.

- Во иднина ќе се обидеме да додадеме активна контрола, што ќе ни овозможи да ги промениме ставот и позицијата на роботот во реално време - вели Веи Јуе, коавтор на студијата.


Покрај новиот робот инспириран од бумбарите, тимот на Лин создал и робот инспириран од бубашваби, кој може да се движи по подот и да преживее кога ќе го згази човек. А Јуе работи на нови роботи кои можат да работат заедно како мравки за да постигнат задачи, бидејќи би било невозможно поединечни роботи да ги постигнат сами.

- Работам со роботи од 5 милиметри кои можат да ползат, да се тркалаат и да се вртат, а исто така можат да работат заедно за да формираат синџири и низи или да прават уште потешки задачи. Тие потенцијално би можеле да се користат во минимално инвазивна хирургија, бидејќи би можеле да инјектираме голем број од нив во телото и да ги натераме да соработуваат за да формираат стентови, да ги отстрануваат згрутчувањата или да вршат други задачи - заклучил Јуе.

Извор: techxplore.com

Фото: Adam Lau/Berkeley Engineering