За матура се оперираат клапушести уши, се коригираат носеви, се зголемуваат гради...

За матура се оперираат клапушести уши, се коригираат носеви, се зголемуваат гради...

Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Oд 300 до 2.000 евра ги чинат родителите пластичните операции на младите, за кои многу често се одлучуваат во периодот пред матурските забави. Со нив се коригира нос, се исправаат клапушести уши, одлучуваат да стават силикони за да ги зголемат градите, ги зголемуваат усните... Д-р Огнен Даскалов, пластичен хирург, објаснува дека младите на таа возраст му се чести пациенти и дека се опседнати со изгледот


И годинава продолжува „традицијата“ девојки и момчиња да прават интервенции пред да дојде матурата. Кај лекарите одат целосно подготвени за она што сакаат да го добијат од својот изглед, иако неретко барањата знаат да им бидат нереални. Естетските операции често значат сериозна хируршка интервенција, но тоа не ги плаши.
- Секако дека продолжува таа традиција, голем дел од младите на таа возраст се многу опседнати со физичкиот изглед. Иако се многу млади и поубави од нас, постарите, секогаш имаат некои барања, најчесто поврзани со промени на делови на лицето – објаснува д-р Огнен Даскалов, пластичен хирург.

На преглед со повозрасен

Разговорот, вели нашиот соговорник, е задолжителен при прегледите.
- Мора да се разговара со нив. Секогаш на првиот преглед инсистираме и сме обврзани да дојдат со некој повозрасен или со родител за да им објасниме за што точно станува збор. Некогаш младите се поттикнати од однесувањето на домашните или од нивните најблиски, како и поради некој од друштвото, да променат нешто на себе. Тие најчесто кажуваат шеги за изгледот, кои секако им влијаат – раскажува д-р Даскалов.



Во овој период најчесто исправаат клапушести уши, ринопластика или естетска корекција на носот и зголемување на усните. Доаѓаат и повеќе од подготвени.
- Кај младите е проблемот што се бомбардирани со фотографии и информации на социјалните мрежи или преку страници на познатите личности (кои може да им се идоли) за некои идеални линии на лицето или на телото. Затоа првиот контакт со пациентот е многу важен, за да видиме дали неговите очекувања и можностите се реални и доколку не се, да го соочиме со некое друго решение – вели докторот.
На првата средба во ординација тие доаѓаат и повеќе од подготвени. Во телефоните имаат по десетина фотографии за да покажат што сакаат со операцијата.

Докторите ги разубедуваат

Д-р Даскалов објаснува дека доколку станува збор за преголеми очекувања или операции кои налагаат да се извршат по прекинувањето на растот, тие се обврзани да ги разубедат пациентите и им нудат други опции.


Фото: Горан Анастасовски

- Повеќето интервенции се извршуваат со локална анестезија, како корекција на уши, зголемување на усните... Тие не се ризични. Поголемите операции, како зголемување на градите и естетска корекција на носот, се извршуваат со општа анестезија. Со оглед на професионалноста на екипата во болницата во која работам, досега немало никакви компликации. Цените се движат од 300 евра нагоре. Големите интервенции чинат околу 2.000 евра – додава д-р Даскалов.